Search for content, post, videos

Ако се враќаш од работа среќен и исполнет, значи дека го живееш сонот, Сања Стефанова

„Моето мото е внимавај што посакуваш, можеби и ќе ти се оствари! И тоа навистина ми се случи. Работам, патувам, се дружам, остварувам – го живеам мојот сон. Сакам предизвици, нови дестинации, работа без бариери, креативност и работа со многу луѓе,“ вели Сања Стефанова, координатор на програмата Еразмус+ во Центарот за меѓууниверзитетска соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

https://www.instagram.com/p/BaEcWEknCwp/?taken-by=infinitymag.mk

Во 2011 година станав инженер по информатички науки и технологии при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Веднаш по дипломирањето започнав да работам на УГД. Работев како практикант на развојот на системот за електронско учење како и на примена на новите технологии во едукативниот процес. Бев дел од повеќе проекти и имав различни работни активности: е-библиотека, е-репозиториум, е-тестирање. Во тој период често патував и експериментирав. Бев на неколку младински размени и обуки и започнав дополнително да работам на проекти поврзани со програмата Еразмус +. По неколкуте успешно завршени проекти и обуки ми понудија да работам во делот на меѓународната соработка при Универзитетот. Програмата Еразмус + беше новитет, а јас со голем ентузијазам пристапив кон новото работно место. Како Универзитет, само за една година успеавме да склучиме 160 нови договори со Универзитетите во Европа. Тоа значи дека нашите студенти ќе можат да заминат и да студираат на некој од тие Универзитети, а професорите професионално да се надградуваат и да работат со колегите низ Европа.“
„Најубаво е чувството на душевното задоволство и моментот кога ќе се вратиш од работа среќен и исполнет – тоа значи дека го живееш сонот.“

Како координатор на програмата Еразмус + Сања вели дека Еразмус навистина ѝ го промени и збогати животот.

„Моето прво искуство со програмата беше младинската размена во Германија во 2013 година. Бевме учесници од 12 држави во Европа. Беше навистина прекрасна дружба, културно вмрежување и градење на идентитет. Кога станав координатор на Еразмус + почнав да патувам низ Универзитетите во Европа. Бев дел од интернационалната недела на универзитетите во Мадрид, Грац, Картагена. Присуствував на конференцијата во Виена организирана од Европската комисија заедно со повеќе од 250 координатори на Еразмус + во Европа. Преку можностите за обука бев на работилници во: Италија, Шпанија, Кипар, Полска, како и учесник на неколку форуми на Западен Балкан. Најчесто присуствувам на обуките за младински работници, младинско лобирање и застапување, проширување на меѓународната соработка и Еразмус + вмрежување. Сите обуки за мене се незаборавно искуство. Запознав многу луѓе, имам пријатели од целиот свет. Во оваа прилика би го издвоила последниот форум на Западен Балкан – 6-та средба на Министрите од регинот. За истата добив покана од Европската комисија и учествував како панелист заедно со еврокомесарот за едукација, култура, млади и спорт. Разговаравме за предизвиците во високото образование, можностите на програмата Еразмус +. Како панелист го споделив моето лично искуство поврзано со Еразмус + како и напредокот на Македонија во оваа поле.“

Во изминативе четири години Сања е и претседател на Советот на млади на општина Штип.

„За жал, во Македонија немаме традиција на вакви тела, ниту пак имаме развиено младинска култура и дијалог. Јас мојот акцент го ставив на младите. Младите се тие кои треба да ги започнат промените, да експериментираат, да бидат љубопитни, да грешат, да веруваат, да се охрабруваат, да зрачат со оптимизам, да мотивираат други, да веруваат во тоа што го работат, да знаат да сакаат и да простуваат. Овие карактеристики ги пробудивме кај нашите млади. Тие се Советот на млади. Заедно со нив секоја година организиравме повеќе од 70 проекти. Имавме обуки и работилници од секоја област: е-бизнис, претприемништво, маркетинг, лобирање, школа по англиски јазик, социјални мрежи, младите и медиумите, организиравме и летен камп за лидерство, постојани дебати и разговори на актуелните теми. Успеавме да направиме мала промена во општеството и започнавме да градиме нови вредности. Младите имаат голем потенцијал и тоа не треба да биде занемерено. Посакувам секој млад човек да успее да го добие заслуженото место во ова општество според неговите заслуги и квалитет.“

За себе и својата перспектива во иднина, вели…

„Се водам од тоа осмели се да бидеш различен, никогаш не задоволувај се со тоа што го имаш и секогаш постави си нова поголема цел. Живеам за незаборавните моменти и неочекуваните повици. Знам дека секој нов пријател е нова можност. Сакам да патувам, да работам со луѓе, да се соочувам со нови предизвици. Доколку би можела да работам за напредокот и развојот на Македонија тоа би било идеално. Верувам во успехот и го посакувам. Никогаш не треба да се откажеме од потрагата по сопствената среќа.“