Search for content, post, videos

Активен и успешен на сите полиња – Борнео Седеу Нишевиќ

Борнео Седеу Нишевиќ е амбициозен, млад и успешен уметник, кој многу брзо успеа во полето на светската режија. Во 2021 година дипломира со Magna Cum Laude на Филмски уметности – Филмска режија, на Универзитетот Џексонвил во САД. Завршува и секундарна академска дисциплина – Џез гитара, на отсекот Музика. Добитник е на наградата “President’s Honor List” за најдобар студент за академската 2017 година. Во 2018 година добива престижна награда „Одлични уметнички и академски достигнувања во одделот за Визуелни уметности“, а 2021 година по препорака на факултетот ја добива престижната  награда за академско достигнување “Excellence in Film”.

Потекнува од музичко семејство, уште од мал е влезен во уметничките води.  Музички образован – инструмент пијано, учество на натпревари, настапи… Борнео е активен и успешен на сите полиња.

Од кога знам за себе, музиката беше составен дел во секојдневието на моето семејство. Од најрана возраст свирев на гитара и разни удирачки инструменти, и моето музичко едуцирање се случуваше спонтано. Нижото музичко училиште го завршив на пијано, и многу се радував на часовите. Сега веќе би можел да кажам дека ефектите на музичкото образование се големи, каде преку настапите на натпревари и музицирањето на концертите, научив да ги изразувам внатрешните емоции и мисли. Среќен сум и благодарен што музичката уметност е дел од мене, која многу влиаеше за емоционалната експресија, и ми помогна да развијам многу можности во сегашната професија – Филм.

Почетоците за влез во филм… театарска/филмска режија

Се сеќавам колку бев среќен кога на четиригодишна возраст ја одиграв мојата прва детска престава  „Штурецот и мравките”! Љубовта кон сценските уметности ја покажував во раното детство. Подоцна, во драмското студио на Алгоритам Центар бев актер во театарските претстави: „Шекспир е култура“, „Бегај Ленче, Бегај“, „Дека е кешот дека е вешот“ и други, а во 2016 и 2017 година со голем успех беа изведувани „Таксист“ и „Да му веруваш на дедо“, драмски претстави во кои ги допрев моите првични искуства во театарска режија. За мене сцената има посебна магија, на неа секогаш чувствував позитивна енергија, без оглед дали се појавував во улога на актер или режија.

„Игрите во минатото” е мојот прв краток филм со кој на 12 годишна возраст учествував на натпревар, а две години подоцна „Недовршена приказна” беше еден од моите наградени филмови, со проекција на големо платно. Во тој период почнав да размислувам за можностие за мојата идна едукација во областа на филмот и филмската режија…

Борнео како You tube-р (искуство, популарност, песни …)

При откривањето на мојата љубов кон филмот, Јутјубот како видео-платформа беше одлична можност да ги споделам моите парчиња на креативно творење. Забележав како помладата публика почна да ме следи, и пораките што ги испраќав продираа многу лесно. Поттикнат од директната врска со гледачот преку коментарите, честопати најавував и дружење во живо. На митингот  доаѓаа стотина млади и таа комуникација даваше пријателски изглед. Според содржината што ја објавував; информации, блогирање, песни и други забавни содржини, ме сметаа за „влијателен Јутјубер“ и станав свесен за популарноста која видео-медиумот ја носи. Од оваа дистанца би кажал дека, за мене е едно прекрасно искуство во тинејџерските години.

Твоето заминување за САД, како сето тоа се случи?

Моја цел беше да се едуцирам на поднебје со развиена филмска индустрија, каде што филмските проекти вклучуваат сложено ангажирање во областа на постпродукција и режија. Аплицирав и бев примен на неколку факултети, а стипендијата за таленти која покриваше голем дел од школувањето, а ми беше доделена од отсекот за Филмски уметности на Универзитетот Џексонвил во САД, беше причина повеќе за моите студии да ги започнам таму.

Публиката препознава успешни проекти. Како успехот делува на тебе?

Јас искрено се водам од својата визија, а како уметник кој твори, успех за мене е ако делото допре до публиката и истата ја препознае пораката. Доколку успеам да поттикнам реакција, тоа за мене претставува мотив за уште посилно да се впуштам во ново остварување. Театарската, ликовната и музичката уметност ми се инспирација, а нивната синтеза преку филмот, ми претставува голем предизвик за да од мојата имагинација создадам уметничко дело.

 

Твои достигнувања и успешни проекти во САД

Би напоменал некои од моите филмови направени во 2020/21 година, влезени во официјалната селекција и прикажувани на меѓународни филмски фестивали: “Spring Leaves” на “Rome Independent Prisma Awards” – Италија, “Sweden Film Awards” – Шведска и “Youth Film Festival Skopje”. Филмот “The Fix” имаше проекција на “Fiat Lux Film Festival” – САД, а на истиот фестивал краткиот филм “Publish or Perish” ја доби наградата за најдобро сценарио, и филмот “Project Adam” ги понесе наградите за најдобра кинематографија и најдобар филм на фестивалот.

За мене непресушен извор на инспирација се моментите од минатото, сегашноста, дружењето, литературата… таа е насекаде, и само од еден миг искуство, може да се создаде дело.

 Дали е тешко да се направи успешна проекција и малку повеќе околу нивното создавање?

Филмската уметност е креативен чин, и целиот процес на правење филм вклучува голем број на одделни фази поткрепени со огромна организација. Откога ќе се роди идејата за приказна, бројни часови поминувам  правејќи концепт, што е основа за пишување на сценариото. Деталниот опис на филмот е еден од најважните процеси. Пред почетокот на снимањето, мора да се предвиди бројот на сцените и кадрите, место и време на дејствието, опис на ликовите, дијалозите… исто така мора да се направи план за редослед на снимање. Во наредната фаза се подготвува актерската екипа, избор на локации, сценографија… Добрата подготовка го прави самиот чин на снимање многу полесен. Продукција е веќе фазата на снимање, а во пост-продукција се прави монтажа на снимениот филм со подвижните слики, визуелните и звучните ефекти, која ќе го финализира проектот. За да се направи успешна проекција, потребно е знаење за примена на вештините и секако, вложување со љубов!

Идни планови

Планирам да запишам магистерски студии, и ги разгледувам опциите за да продолжам со мојата едукацуја. Во меѓувреме, го продолжив договорот во Канцеларија за маркетинг и комуникации на Универзитетот Џексонвил, како креатор на мултимедијални содржини, каде работам од 2018 година.

Во моментот работам на долгометражниот филм “Dead in the Water”, како прв асистент на режија, кој ќе го снимиме во месец Јули на Флорида.

Силвана Јованчева