Search for content, post, videos

Александар Алексовски  – Кога гласот ќе се спои со ликот

Овој млад, урбан маж неретко можете да го сретнете низ градот, оти, како што вели постојано е во движење. Но, да не беа неговите телевизиски ангажмани, прашање е дали ликот на Александар Алексовски ќе можевте да го споите со еден од највпечатливите гласови во македонскиот етер. 

Студиите го поврзуваат со почетоците на неговата идна професионална кариера . Како дел од интересна генерација студенти, полна со ентузијазам за конструктивен друштвен ангажман, зема учество на славистички рецитаторски вечери, во аматерска студентска театарска трупа , во подготвувањето на неколку прилози за научно-образовниот серијал „За македонскиот јазик“ на МРТВ. Но, неговиот прв вистински контакт со медиумите е радиото. Во професијата со која се занимава се вљубил на прв поглед, а на втор ја засакал…

Александар како глас, какви беа твоите почетоци…

Спонтани и наивни, веројатно како кај секој млад човек.. Кога сме полни со ентузијазам и младешка енергија, желни за нови искуства, нови хоризонти.. После бројни индиции за време на школувањето, при крајот на студиите дојде тој предлог да се пријавам на конкурсот за спикери во тогашна А1 телевизија. Отидов, ме пробаа и почна таа приказна, која што, еве, се уште трае.

Неговиот глас е насекаде, на радио, на ТВ, на рекламите пораки, документарни емисии… Некои луѓе го препознаваат според гласот, а некои воопшто не забележуваат со кога разговараат. Некако му се допаѓала таа прикриена улога што ја имал во јавноста, се до повторното појавување на ТВ екраните.

Трансформација од глас во прекрасен лик. Како се случи Фчерашни новости и какво беше искуството?

Благодарам за убавите зборови. Не би рекол дека станува збор за трансформација затоа што уште на самиот почеток во А1 телевизија се појавив и како лик. Ги водев утринските и пладневните вести, иако тоа траеше неполна година, затоа што решив да преминам во македонското радио. Во меѓувреме се случија и други телевизиски проекти, но секако еден од најдрагите ми е Фчерашни Новости. Се случи ..сосема случајно. Имав дилеми дали да прифатам, со оглед дека станува збор за хумор и сатира, а јас терам имиџ на сериозен глас, па како тоа може да ми се одрази на кариерата. Но, во исто време чувствував голем предизвик за нешто поинакво, нешто надвор од вообичаените рамки на спикерската професија. И мислам дека не згрешив што ја прифатив понудата да станам дел од тимот на Фчерашни Новости. Одличен тим, прекрасни млади луѓе со кои што беше задоволство да се работи.

Со оглед на целата ситуација како ти го поминуваш овој пандемиски период. Како целата ситуација делува на тебе?

Периодов го поминувам генерално како и претходно, со тоа што сега речиси исклучиво работам од дома, бавча за рекреација и медитација, и некој филм или добра книга за релаксација навечер. Не се жалам, иако ми недостасува дружбата со неколкуте блиски пријатели со кои за овие година и повеќе се имам видено 3-4 пати.

Враќање кон природата…

На професионален план нема некои големи промени, работата си врви, во малку изменети околности, кои, за воља на вистината, отворија нови перспективи. Или барем, поради пандемијата, забрзаа некои процеси кои неминовно доаѓаат. Периодов, како и изминативе 6-7 години, освен на професијата, насочен сум на градинарство и пчеларство или поточно пермакултура. Сѐ почна на шега, но сериозно се навлеков. Неодамна, дознав дека веројатно сум зависен од Mycobacterium vaccae, бактерија која ја има во почвата и која, кога работиме низ градина ја вдишуваме. Оваа бактерија влијае на делот од мозокот задолжен за производство на серотонин, поволно влијае и на когнитивните функции, на реуматоидниот артритис итн. Можеби тоа е тајната на ова неописиво задоволство

Планови во иднина

Планот ми е да продолжам да учам и да растам, да живеам поодговорен, посамоодржлив живот, гледано особено од перспектива на глобалните процеси и случувања. А конкретно, позитивните вибрации што ги добивам од блиската, па и поширока околина, ме ставија на дума оваа моја градинарска приказна да ја однесам на некое друго ниво.. Планови има, но јас би да зборуваме за дела.. во некоја следна прилика!… Во некои поубави времиња.

Силвана Јованчева