Search for content, post, videos

Интервју со Антонио Бандерас

Славниот холивудски актер кому латино шармот му помогна да не остане само еден во масата талентирани и убави вработени во Фабриката на соништата, со парфемите на кои е заштитно лице праќа јасна порака до сите мажи – Секогаш станува збор за заведување! Заведувањето не завршува никогаш.

Нему му тргна од рака парфемите зад кои стои лично тој да не бидат прифатени само како вносен и исплатлив хир на една холивудска ѕвезда. Во нив го вткаја сето она што денес го прави да биде тој што е – мирисот на југот, морето и вечно инспиративниот Медитеран. Со секој нов парфем ги уверуваше мажите дека мажественоста е клуч на идентитетот на современите плејбои и дека уметноста на заведувањето е непроценлива.

 

Што ве наведе да се поврзете со индустријата за парфеми сиве овие години?

„Тоа е свет што ја предизвикува мојата љубопитност и со текот на времето сфатив дека има исти елементи како и уметничкото дело. За мене уметноста е интерпретација на природата, пред сè на човечката, која е најкомплексна и најтешка за сфаќање, и воедно најубава. Правењето парфеми вклучува ист начин на интерпретација на природата, што е сосем соодветно со оглед на тоа дека производите што се користат се природни.“

 

Што претставуваат парфемите за вас?

„Многу ми значат. Мојата врска со индустријата за парфеми се разви неверојатно многу благодарение на соработката што трае веќе 18 години со брендот Puig и Antonio Banderas Fragnances. Правењето парфеми е еден вид изразување – и сега кога ја запознав подобро, слободно можам да кажам дека тоа е еден вид уметност. Тоа е многу покомплексен свет отколку што го замислував претходно, пред да се впуштам во ова 18-годишно патување. Тоа е начин на комуникација, апстрактна исто како што е и музиката. Неодамна дознав дека дефинициите за парфемите што се учат во училиштата за парфемски експерти се блиску поврзани со музиката – тие зборуваат за симфонии, ноти, акорди… И тоа е точно, бидејќи тоа е врска што не се формира со носот туку со мозокот и со спомените. Тие се многу поблиску поврзани со интимните аспекти на личноста. “

 

Кои ароми ве инспирираат и зошто?

„Ги има многу, но секоја поради различна причина. Аромите ме навраќаат во одреден период од животот, но исто така поради географски причини, ги поврзувам и со некое место. Ако отидам на Менхетен и го почувствувам мирисот на кучињата и на хот-догот што се продава на улица, ќе знам дека сум таму. Ако отидам во Малага и го почувствувам мирисот на морето, иако е пролет, постои и силен мирис на цветот од портокал бидејќи таму има многу дрвја портокали. Ако сум таму за Велигден, на пример, сите тие пролетни дразби се измешани со мирисот на темјан… и со многу други нешта. Одредени парфеми се дел од мојата лична сензуалност. Неодамна налетав на шишенце парфем Aqua Brava. Сакав да се потсетам на седумдесеттите години, си напрскав малку и тоа е тоа. Ме враќа низ времето, но на некој начин секогаш е тука, врежан во сеќавањето. Тоа е тоа навистина – луѓе, места и периоди на времето.“

 

 

Кој е првиот мирис од детството на кој можете да се сетите?

„Првиот мирис? Мирисот на морето. Роден сум во место на југот на Шпанија и го доживеав на многу интензивен начин – чувствував силна врска со морето. Моите лета започнуваа кон средината на април, а завршуваа на почетокот на октомври. На плажа одев со брат ми каде што си игравме. Мирис на јод… и сè што имаше врска со морето, а не само плажата и заливот каде што често се забавувавме. Водата е помирна во заливите. Мирисот е поинаков на плажата оддалечена половина километар, сè е јасно поделено. Сето тоа за мене се спомени и први ароми што се доведуваат во врска со мене како личност.“

 

Дали некогаш ги менувате парфемите? И зошто?

„Вообичаено сум верен на еден мирис бидејќи сум човек што се врзува за работите. Со оглед на тоа дека животот убаво постапуваше со мене, сакам да сум поврзан со работите што ми помогнале да го одржам тоа што сум го остварил. Очигледно дека откако ја почнав соработката со Puig и Antonio Banderas Fragnances не сум носел парфем од ниту еден друг бренд. Тоа го кажав во повеќе интервјуа и сигурен сум дека луѓето мислат оти тоа е од комерцијални причини, но тоа го велам затоа што навистина го мислам. Во текот на денот главно го користам Diavolo, а пософистицираните парфеми навечер, пред сè најновите три – Blue Seduction, The Sicret и King of Seduction – тие се наменети за специјални прилики. Diavolo е мој прв парфем и му останав целосно верен. Колегите дури и луѓето од Puig ми велат дека треба да одберам друг, но јас ја обожавам неговата арома и мирисот што го остава на мојата кожа. Мислам дека совршено ми одговара и совршено се вклопува со тоа кој сум јас. Можеби работите ќе се сменат кога ќе пораснам… (се смее)“

 

Секој од вашите парфеми претставува аспект на Антонио Бандерас како личност. Дали научивте нешто повеќе за себе во тој процес?

„Бидејќи не сум хемичар ниту експерт за правење парфеми, сакам да слушам што ми зборуваат експертите за парфеми во Puig, за да дознаам на кој начин ќе го интерпретираат низ парфемите она што сум јас и ќе ме стават во шишенце. Зошто ми даваат одредени атрибути и како можат да го спакуваат сето тоа во производ во вид на мирис. Би сакал да знам дали тоа се заснова на мојата личност или на некој од филмските ликови што сум ги толкувал – дали во моите парфеми е присутен светот на Алмодовар или Зоро…“

 

 

Што ви дава инспирација во текот на креативниот процес на правењето мириси? Од почетокот, низ развојот, па до крајниот производ…

„Комплексноста на целиот процес е фасцинантна, целиот синџир експерти што го креираат тој парфем до луѓето што го создаваат дизајнот на шишенцето и тимот што работи на развојот на маркетингот. Но, исто така, станува збор и за начинот на кој комуницираме со лансирањето на парфемот, заедничкото патување за да ги претставиме парфемите, хуманитарните акции на кои работиме ширум светот и уметничкиот начин на кој раскажуваме за парфемите… Сите овие се елементи што кога ќе се искомбинираат – дејствуваат и го даваат финалниот производ. Кога отидов во фабриката, сфатив колку е детален процесот на производство – колкав број контроли има во секој од департманите за да биде совршен крајниот производ, без никакви мани. Сиве овие фактори се вклучени во правењето нешто што на целиот проект би му дало значење. Сакам да видам како се создава сето ова, да бидам дел од тоа, да допринесам во процесот на создавање и да ја имам поддршката од целата компанија. Тоа што е создадено нешто, полека но сигурно, од нула.“

 

Можете ли да издвоите некоја од вашите лични карактеристики низ секој од вашите парфеми?

Diavolo е првиот член на семејството и неговата основна карактеристика е палавоста. Да, мислам дека тоа е она што го претставува Diavolo – некој што е палав, тип лоша личност што би сакале да ја имате крај себе. (се смее) Mediteraneo има нешто што го сметам за неопходно во животот, за секој човек воопшто, но особено за уметниците – автентичност. За тоа станува збор кај овој парфем. Исклучително ми е драг затоа што тоа е мирисот што го носев во текот на целиот мој ангажман на Бродвеј. Имав среќа да работам на мјузиклот Nine во кој бев единствениот машки актер. Остатокот на екипата беа жени, дури 16. Беа воодушевени од парфемот уште на пробите, така што го носев до последното прикажување – речиси една година на Бродвеј. The Sicret е специфичен бидејќи не можам да откријам кои мои карактеристики ги претставува бидејќи тоа е… тајна. Но, ако го погледнете шишенцето, можеби и ќе откриете. (се смее) King of Seduction е Дон Жуан, заводник. Можеби тоа е најкомплексниот парфем, повозрасен. Тоа е мирис за кој сметам дека е во рангот на другите големи парфеми. Го носите а притоа не размислувате на него и тоа на големи случувања – вечери, гала случувања, доделувања награди, тој тип на ивенти. Тоа е парфем што ви влева доверба. Парфемот Blue Seduction – освен фактот што е со прекрасна боја, тоа е мирис што ја нагласува страста. Многу ме потсетува на морето – но не на морето во Малага, можеби повеќе на Карипското Море. Поседува нешто карипско во себе – страст, но исто така и свежина, непретенциозност. Ми се допаѓа долниот дел на шишенцето што потсетува на мозаик – парфемите ве допираат на разни начини, низ мирисот, па и визуелно.“

 

Со кој од вашите парфеми најмногу се идентификувате и зошто?

„Тие се како мои деца, така што се идентификувам со секој од нив! Можеби со мене ќе се случи истото што и со сите креативци, последниот што ќе го направите мислите дека тоа сте вие самиот. Што значи дека оној последниот ги победува оние постарите… но генерално се идентификувам со сите.“

 

 

Која е врската меѓу парфемот и заведувањето?

„Низ разговорот со експертот за парфеми во Puig дојдовме до заклучок дека клучен елемент на сите мои парфеми е заведувањето. Зборувавме за нешто што мене ми беше многу интересно – ми објасни дека јасминот има поинаков мирис ноќе отколку наутро. Наутро тој ги губи молекулите, тоа е состојката што се користи кога инсектите го опрашуваат цветот на јасминот. Тоа е начинот на растението да ги заведе инсектите. Со други зборови, природниот тек на работите е дека мирисот укажува на заводливоста. Тоа е многу интересно. Многу ми се допаѓа да учам за ова и за другите работи поврзани со светот на парфемите кој ме фасцинира.“

 

Постои ли врска меѓу парфемите и светот на филмот?

„Мислам дека постои. Постои и врска со театарот бидејќи во парфемите постои нешто ефемерно, нешто што се менува, фактот дека постојат долни, средни и горни мирисни ноти. Парфемот е како опера. Прво ве воодушевува почетната нота што брзо исчезнува. Потоа одите во срцето на парфемот каде што се случува главната приказна… Потоа имате dénouement, резултат на нотите во парфемот. Ова се Аристотеловите правила на драмата – експозиција, кулминација и dénouement. На тој начин се пишуваат сценаријата за класичните претстави. А бидејќи филмската уметност се јавила како реплика на театарот, да, врска постои.“

 

Што е за вас незаменливо кај машкиот парфем, а што кај женскиот?

„Машкиот мирис пред сè мора да биде мажествен. Сакам акценти што имаат нота на дрво или тутун, кафе или кожа. А женските се цветни, како пролет, составени од слатки ароми како што се розите.“

 

На крајот, господине Бандерас, што според вас е клуч на сè?

„Мислам дека животот, професионалните активности и односите со другите луѓе може да се дефинираат на многу начини, но за мене лично клуч на сè е љубовта. Ако го сакате тоа што го работите, работата е лесна. Мотивирани сте, со моторот кој тешко се контролира, бидејќи тој ве води напред и ви помага при правењето компромиси, како што се заморот и честите патувања и неуспеси. А сето тоа се базира на љубов. За мене тоа е клучен збор за животот воопшто.“

 

Што е со љубопитноста, со желбата за учење?

„Љубопитноста е дел од творештвото и дел од животот. Со неа доаѓа толеранцијата, прифаќањето, знаењето зошто работите се случуваат, со добар или лош завршеток. Разбирање на светот и на времето во кое живееме. Тоа е толку убав збор – љубопитност. Кога сме веќе кај таа тема, јас не верувам многу во среќа – кога ќе погледнам што се случува во светот – но верувам во став кон животот. Според мене, веројатно најубавиот збор што постои е радост. Тоа е нешто активно, став. Од друга страна, среќата е пасивна. Радоста е став кога се соочувате со проблемите, пречките, нешто што не оди толку добро. Тоа е голем збор, радост. Но, ќе се навратам на она што го кажав претходно – љубов, таа е клуч на сè.“