Search for content, post, videos

Борис Цветановски како Ris Flower на интернационалната сцена

Љубов, слобода и авантура… После фантастичните два синглови “Translucent” и “Set Me Free” со кои Ris Flower ја започна својата интернационална кариера, на своите фанови им носи ново супер изненадување, нов  сингл со наслов “All I Wanna Know”. Новиот сингл е дел од проектот “Ris Flower – Live Power Session” кој e комплетно снимен во живо, во сега веќе легендарната Универзална Сала. Ris Flower со овој проект го прикажува и докажува она што одсекогаш било негова најголема “сила”, а тоа се секако настапите во живо. Снимањето и обработката на овој музички проект се направени од врвни и докажани продуценти во едни од технички најопремените и модерни музички студија во Турција, додека ангажираните музичари и продуценти за овој проект се всушност соработници на најголемите турски ѕвезди како Таркан, Мустафа Сандал, Сертеб Еренер и многу други.

За своите почетоци..
Пред повеќе од една деценија започнав да свирам со бенд низ скопските кафулиња. Како средношколец доволно ми беше само да го слушам звукот на електрична гитара за да се почувствувам слободен. Така се роди мојата огромна љубов кон рокенролот музиката која трае и ден денес со силен жар. После првите два сингла снимени во студио и затворени поради корона вирусот, едноставно морав да застанам на бина со мојот бенд и макар и без публика да уживаме на кратко, така и се роди идејата за овој проект кој во следниот период ќе го споделам со сите Вас. Им ветувам на моите фанови дека за брзо време повторно ќе бидеме заедно.

Музиката и твојата професија, како спој?
Спојот е прецизноста и посветеноста. Креативноста и уметноста се испреплетуваат во двете мои професии, музика и стоматологија. Таа симбиоза ми дава поинаков поглед и пристап за слободно творење на двете полиња.

Како се одразува пандемијата на уметноста?
Изминатиот период беше исклучително продуктивен и битен за мене и мојот тим бидејќи токму кон крајот на 2020 година го издадовме првиот сингл со видео запис: “Translucent”. Потоа во јануари 2021 следуваше “Set Me Free”, сингл кој што доби две изданија со два видео записи (оргинална верзија и акустична). Пролетта во 2021 снимивме акустична сесија во “Studio Ari”, студиото во кое работам во Истанбул, Турција, а првата половина на 2021, во јуни месец, ја завршивме со снимање на уште една сесија во живо со мојот бенд – “Ris Flower – Live Power Session”, официјално последниот одржан настан во сега веќе легендарната „Универзална Сала“ во Скопје. Сметам дека уметноста и пркоси на паднемијата. Во мојот случај затворањето “дома” резултираше со хиперпродукција на музика и излив на нови емоции во песни. Музичките теми кои како идеи со години тлееа во мене, конечно зазедоа форма во вид на песни, а сето тоа се случи токму во тој период на „локдаун“. Верувам дека на сличен начин, во различни форми овој период се одрази кај сите уметници.

Како целата ситуација делува на тебе, дали имаш инспирација за создавање нова музика?
Љубовта, слободата и авантурата се оние работи кои ме тераат да размислувам длабоко и ме инспирираат. Пандемскиот период донесе премногу неочекувани предизвици и уникатни безвременски приказни насекаде и кај секој поединец. Имам неисцрпна инспирација во овој период и преку текстовите сакам својата приказна да ја раскажам на пошироката публика. Иако во изминатиот период заедно со тимот со кој работам снимивме две сесии и издадовме три официјални видео спотови, сметам дека најголемата поддршка секогаш ја добивам од публиката во живо. Тие се мојата движечка сила. Ова лето, заедно со мојот бенд на македонската публика и нудиме голем концертен настап исполнет со адреналин и енергија на „Аларм Фестивал“ во Охрид.

За Live Power Session…
Live Power Session е издание од четири песни снимен во „Универзална Сала Скопје“, заедно со мојот бенд (Џоле Максимовски, Кристијан Лафазановски, Филип Пулески, Стефан Алексовски). “Stuck on You”, “Lost Without Your Love”, “All I Wanna Know” и “Bitter Love” се снимени во живо, во аудио и видео форма. Публиката целата сесија да ја погледне на мојот официјален VEVO канал на Youtube – RisFlowerVevo, а песните да ги слушне на стриминг платформите (Spotify, AppleMusic, Deezer…). За аудио продукцијата заслужни се светски докажаните продуценти од Турција – Арикан Сиракаја и Мустафа Чанбаљзлар, додека видеото е дело на режисерот Бруно Велјановски и камерманот Борис Ралев.

Планови во иднина
Со шестте песни кои веќе се во етер (Translucent, Set Me Free, All I Wanna Know, Lost Without Your Love, Bitter Love и Stuck On You) , ова лето ja комплетиравме првата етапа на издавање. Следи нов бран на синглови на есен за конечно заокружување во едно „LP“ издание кон крајот на 2021 година.

Силвана