Search for content, post, videos

Чинија полна љубов … Мастер шеф Марк де Јонг

По природа е оптимист и настојува да ја сподели позитивната енергија со луѓето околу него. Дојде, виде, му се допадна многу и… остана во Македонија…

За себе знае да каже „Уште од мал сум паднат во тенџерето на македонската кујна“ и со одушевување се сеќава на јадењата, посебно на пиперките со лукче што ги подготвувала баба му и урдата што ја правел дедо му. Денес, со својот ангажман придонесува во збогатувањето на македонските вкусови….

Како животот го донесе во Македонија…

„Мајка ми по потекло е од Македонија. По големиот земјотрес во Скопје 1963 година, семејството на мајка ми заминало за Белгија. Јас сум роден во Брисел, а детството се разбира го поминав со баба ми и дедо ми кои по потекло се Македонци. Тие постојано ми раскажуваа за убавините на Македонија, за луѓето и за обичаите во нивната родна земја, а баба ми, се разбира, готвеше македонски јадења. Сето тоа ја разбуди мојата љубопитност и желба да ја посетам Македонија. Пред седум години, за првпат заедно со вујко ми, дојдов во Македонија. Посетивме многу убави места, запознав многу луѓе. Потоа дојдовме уште неколкупати. Секогаш ја носев таа убавина и топлината на македонското сонце со мене, а пред шест години одлучив да се преселам и да продолжам со мојот живот и работа токму овде во Македонија. Секој ден учам нешто ново, запознавам нови луѓе и обичаи. Ја сакам топлината на луѓето и нивната гостопримливост и со иста мера возвраќам.

Уште од првиот момент кога стапнав во Македонија се чувствував како дома, во своја земја. Сега сакам моето знаење и искуство да го пренесам на моите помлади колеги во Македонија, на сите што се интересираат за готвење и да покажам дека во Македонија сите јадења имаат поубав вкус затоа што тука можат да се најдат најубавите и најсвежи продукти, прекрасно овошје и зеленчук со вистински вкусови и свежи тревки  какви што нема никаде во светот.

Како професионален готвач, со големо задоволство се обидувам да направам комбинација на различни вкусови, кои се надополнуваат. Секогаш кажувам, дека треба да ставите и љубов во чинијата со јадењето, бидејќи ако не додадете љубов, веднаш се чувствува дека нешто недостига. Чинијата со љубов има друг посебен вкус.“

Со оглед на целата ситуација како ти го поминуваш овој пандемиски период?

Повеќе од една година се соочуваме со пандемија, една нова состојба за која мислам дека никој не беше спремен. Не очекувавме дека секојдневните ритуали, обврски и работни ангажмани комплетно ќе ни се сменат. Без разлика на професијата, сите моравме да се прилагодиме кон новиот начин на функционирање, онака како што ни дозволуваат новите протоколи за работа.

Пандемијата многу негативно се одрази на работата и функционирањето на угостителскиот сектор. Од овој аспект, можам да кажам дека угостителскиот сектор е еден од најпогодените, не само во нашата држава, туку и на глобално ниво. Навистина, периодот на рестрикции се пролонгираше повеќе од колку што очекувавме. Мислам дека кај сите нас преовладува желбата да се движиме слободно, да се дружиме, да патуваме, да стекнуваме нови искуства и пријателства, да прифаќаме нови предизвици. Искрено, мене многу ми недостасува сето тоа. По природа сум многу комуникативен човек и многу ми е тешко да се прилагодам на целата состојба која наметнува различни ограничувања.

За најгледаната кулинарска емисија и часовите за готвење…

Како дел од екипата на кулинарската емисија БРЗА КУЈНА, снимањето на емисиите го започнавме според протоколи за работа во состојба на пандемија од КОВИД-19, многу поразлично од тоа како беше претходно.

Часовите за готвење наместо за група од 10-12 учесници сега ги спроведувам како индивидуални часови со сите мерки на заштита.

Следејќи го трендот на  online платформи за рекламирање и нарачка, почнав да соработувам со одредени брендови и компании за нивна промоција преку моите рецепти. Промотивните настани сега се од затворен тип, со ограничен број на луѓе во тимот за реализација, со мерки за заштита и без интеракција со луѓето.

Готвењето е љубов…

За мене готвењето е љубов и секогаш се трудам да се прилагодувам според можностите, а крајниот резултат од мојата работа да биде задоволство за оние кои што ја консумираат мојата храна. За жал голем дел од моите идеи и проекти се во фаза на мирување токму поради сите ограничувања што ги наметна состојбата со пандемијата, состојба која не научи дека не можеме однапред долгорочно да планираме. Но, јас  останувам оптимист и покрај целокупната состојба која доминира во нашето секојдневие, верувам дека наскоро ќе почнеме да функционираме без рестрикции. А тогаш, тогаш со задоволство ќе ги објавувам сите мои идеи и реализација на новите проекти.

Силвана Јованчева