Search for content, post, videos

Човекот кој го научи филмот гледајќи филмови, Квентин Тарантино

 

“Преку филмовите сакам да влијаам врз публиката исто како што тие влијаеја врз мене, како гледач. Немам некоја посебна животна филозофија. Моите филмови се, всушност, филозофија или, ете, идеја која сакам да ја реализирам, а филозофијата во контекст на филмот мора да биде спиритус мувенс”, вели Квентин Тарантино, американскиот актер, продуцент, режисер и сценарист на кого парите никогаш не му биле важни. Поради преголемата љубов кон филмот најбитно му е да излезе како што треба, не помалку од совршен.

Приказната за срнчето Бамби му ја “одредила” професијата
Се родил на 27 март, пред четириесет и девет години, во Кноксвил, гратче во американската држава Тенеси. Тогаш мајка му била тинејџерка, имала само шеснаесет години. Нејзиното потекло е половина ирско половина индијанско, од племето Чироки. Забременила со младиот Тони кој имал дваесет и една година. Родителите му биле Италијанци, а негов роден град е Њујорк. Бил актер, каратист, музичар, пилот. Ја напуштил младата медицинарка откако разбрал дека е бремена. Така Квентин никогаш не го запознал татко си. Името го добил по Квинт Аспер од телевизиската вестерн серија Гансмоук, чиј лик го толкувал Берт Рејнолдс. Кога имал две години мајка му се премажила со музичарот Курт Застоупил, кого Квентин го засакал многу, како вистински татко. На шестгодишна возраст прв пат го одвел во кино. Филмот што го гледал го маѓепсал и го расплакал во исто време. На приказната за срнчето Бамби и денес, по четириесетина години, се сеќава на буквално секој детаљ. Вели дека неколку дена не можел да се смири, од тага. Во 1971 година сите заедно се преселиле близу Лос Анџелес, каде Тарантино се запишал во училиште, но по две години останал и без очув, бидејќи неговите се развеле. Првото сценарио го напишал на четиринаесетгодишна возраст. Го насловил Captain Peachfuzz and the Anchovy Bandit. Во меѓувреме се префрлил во друго училиште, но и таму не останал докрај. Училиштето го напуштил за целосно да и се посвети на работата како маскота за порнокиното во Торанс, Пусикет. Во 1981 година се запишал на часови по глума, станал член на театарската група што ја водел Џејмс Бест. Тогаш мајка му на Квентин се омажила по трет пат, со Јан Бохуш, кој се занимавал со изнајмување саемски штандови, а Квентин секогаш му помагал кога требало. Но таа работа не го интересирала ни малку. Вели, среќа што набрзо се вработил во Manhattan Beach Video Archives. Таму практично се здобил со филмско образовани, гледајќи околу дваесет илјади филмови и анализирајќи ги истите. Притоа научил многу “трикови” кои ги користи и денес, а го запознал и неговиот иден соработник Роџер Ејвери. “Не станав филмофил поради тоа што работев во видеоархивата, туку напротив, ме вработија бидејќи го сакав филмот и знаев се за него”, вели Тарантино.
За само две години цената на неговите сценарија пораснала десеткратно
Во тоа време, поточно во 1986 година, го направил и првиот обид како режисер. Филмот требал да се вика My Best Friend’s Birthday, а сценариото е заедничко со Крег Хаман. Се снимал во црно-бела техника, во напуштени барови и во куќата каде што живеела мајка му на Квентин, а потребните средства од шест илјади долари ги собрале од свои џебови, неколкумина колеги. Без оглед на ентузијазмот со кој работеле, филмот никогаш не бил завршен во целост, а идејата комплетно паднала во “вода” кога лентата по грешка ја избришале во лабораторијата. Доста ликови и дејства од My Best Friend’s Birthday искористил во сценаријата за филмовите кои ги снимал понатаму. Како важен момент за успешен почеток на кариерата го издвојува тоа што во 1987 година го продал сценариото со наслов Труе Романце за педесет илјади долари, според кое пет години подоцна се снимил филм во режија на Тони Скот, а главните улоги ги играле Кристијан Слејтер и Патриша Аркет. Многу брзо цената на неговите сценарија пораснала, и тоа неколку пати, па, така, во 1989 година Натурал Борн Киллер го продал за четиристотини илјади долари на Оливер Стоун. Филмот беше премиерно изведен во 1994 година, со малку променето сценарио, поради што Тарантино се налутил. Од режисерот побарал да му ги врати парите кои ги дал за снимањето, и наместо сценарист да го потпише како автор на приказната. Во 1990 година напишал сценарио по коешто Роберт Родригез во 1996 година го сними From Dusk Till Dawn, каде Квентин се појавува и како актер, во друштво на Џорџ Клуни. Неколку пати бил ангажиран заради консултации, од страна на скрипторите, кои самите барале од него да направи корекции, доколку се потребни. Таков е филмот Past Midnight од 1991 година во кој се јавува како продуцент, еден од тројцата. Продажбата на сценаријата го сврте вниманието на јавноста, претежно филмската, кон младиот и по малку необичниот автор. На една холивудска забава го запознал продуцентот Лоренс Бендер кој му дал “кураж” да продолжи со пишување. Резултат од тоа познанство е текстот според кој го сними филмот Reservoir Dogs, летото 1991 година, откако беа собрани доволно финансии за без тешкотии да се реализира, а голем придонес даде и актерот Харви Кејтел кој бил воодушевен од приказната. Снимањето траело неполни пет седмици.
Икона на поп-културата благодарение на Pulp Fiction.
По неговата премиера Тарантино заминал на воркшоп што го организирал Sundance Institute, чиј основач е Роберт Редфорд, а потоа се претставил и на истоимениот филмски фестивал каде ја освоил и публиката и критиката. Reservoir Dogs го окарактеризираа како филм со “богат” стил и со иста таква техника. “Крвав, оригинален, циничен”, пишуваа медиумите. Во него може да се забележи сета љубов што режисерот ја “негува” кон седмата уметност, а се промени и гледиштето барем кога е во прашање современата кинематографија. Неговото презиме “стана” жанр, а придавката тарантиновски почна да се употребува многу често. Интересен е фактот што посебноста во работата на Квентин е во неговото дежа ву, резултат од користењето флеш-бек, филмски секвенции кои му се допаднале одамна, и ги запаметил балгодарение на “слоновата” меморија по која е познат. Филмолозите и филмофилите ги восхитува и неговиот начин на снимање, користејќи техника каква што употребуваат и другите режисери, но поинаку. Ефикасно и квалитетно. Кога се зборува за него не може да не се споменат дијалозите кои веќе ги препознаваат и оние што гледале еден-два филма од Квентин. Тие претставуваат заеднички именител за сите негови мајсторски дела. Репликите се брзи, динамични, а сепак едноставни. Завршуваат како што најмалку очекуваме и, се разбира, шокантно. Преку своите дијалози кои во огромна мерка се духовити, креативни, несекојдневни, често се впушта во детаљна анализа на популарната култура од која и самиот е дел. Откако го сними Pulp Fiction стана икона на поп-културата, а филмот ги испиша аналите на кинематографската историја со пенкало во друга боја. Победи на Канскиот фестивал во 1994 година, доби Оскар за сценарио и уште многу, многу награди и признанија, како потврда за неговата генијалност. А заработката од сто милиони долари си дојде сама по себе. Сценариото го пишувал наменски. Пред да почне знаел кои актери ќе ги ангажира. Малкумина се тие што имаат таква храброст, по тоа е можеби и единствен. Наместо Џон Траволта, Ума Турман и Семјуел Л. Џексон да се приспособат на неговото сценарио, Тарантино се раководел според сензибилитетот на актерите кои тогаш не беа на врвот. Затоа публиката и критичарите се изненадија од изборот, но Квентин беше сигурен дека го направил вистинскиот. Така и се покажа.
Kill Bill беше роденденски подарок за неговата муза
Успехот на Wait Until Darkвлијаеше врз кариерите, позитивно, секако, на сите што беа инволвирани во филмот. Дури и актерите кои играа споредни улоги станаа ѕвезди, а Тарантино режисер со кого сакаа да работат и оние што веќе беа на небото, независно од “образованието” кое го стекна исклучиво гледајќи филмови. Следеше периодот чиј интензитет во работата не можеше да се следи без притоа да се умориме. Само тој остана неуморен. Сними една епизода од серијата Служба за итна помош, насловена Мајчинство, ја продуцираше криминалистичката драма (трилер) Killing Zoe, снимен за само пет дена, го толкуваше главниот лик во Mr. Destiny, играше споредна улога во Десперадо, работеше на Four Rooms, а го снимаше и Jackie Brown каде се потпиша како режисер и сценарист, иснпириран од истоимената новела на Елмор Леонард. Поради малата заработка од триесет и девет милиони долари филмот беше прогласен како неуспешен, но набрзо критичарите го сменија мислењето. Сепак тоа беше вистинското време за Квентин да се повлече како режисер и, повторно изненадување. Настапи во еден од театрите на Бродвеј, во комедијата Wait Until Dark. Тоа беше во 2000-тата година, кога глумеше и во Little Nicky, а неколку пати се појави и во ТВ-серијата Алијас, од 2002 до 2004 година. Повторно и се врати на режијата кога Ума Турман го славеше триесеттиот роденден. Kill Bill беше, всушност, подарок за неговата муза која имаше голем придонес во снимањето. Таа го толкуваше главниот лик, а договорот “паднал” додека се снимал Wait Until Dark. Ја замислувал како жена убиец, а тогаш и ја открил и љубовта кон т.н. реваншистички филм. Во него има и вестерн шпагети и кунг-фу елементи, а може да се забележи и фасцинацијата на Тарантино од седумдесеттите години на минатиот век. Снимањето траело осум месеци, поделено во два сета. Насилството е застапено во изобилство, во некои моменти е и комично поради количеството крв што прска на сите страни. Само за сцената со тепачката во ноќниот клуб се потрошени четиристотини литри крв. Сакал да види како изгледа борбата меѓу самураите во азиските филмови. За дружбата со актерката која ја нарекуваше муза се говореше наголемо. Квентин ја негираше романсата што ја “обелоденија” и електронските и пишаните медиуми, потенцирајќи дека Ума Турман му е само колешка, пријателка, и ништо друго.
Тарантиновата листа на омилени филмови е “лекција” и на академиите
Дека актерките му се “слабост“ говори и податокот што Тарантино кратко се забавувал со Џули Драјфус, Кети Грифин, Маргарет Чо, Мира Сорвино, а имал и долга врска со режисерката Софија Копола. Во неговите филмови можат да се забележат многу настани од секојдневниот живот. Оние кои го познаваат можат и да ги препознаат. Квентин е познат и како фантаст. Не му пречи некои работи да ги повторува или, пак, да ги прикаже во повеќе филмови. Таков е примерот со измислените марки цигари, Ред Аппле, и бургерот Биг Кахуна, кои прво се појавуваат во Pulp Fiction, а потоа ги имаше и во Four Rooms и во From Dusk Till Dawn и во Kill Bill. Бидејќи секое утро појадува житарки беше неизбежно да ги стави и на филм. Снегулките Фруит Бруте се “појавуваат” во Reservoir Dogs и во Pulp Fiction. Признава дека одвреме-навреме знае да “украде” дијалог, идеја, сцена од некој филм, но и за тоа има оправдување. Вели: “Не посетував школа за филмови, јас одев да гледам филмови”. Позната е неговата листа од дванаесет филмови кои му се омилени, што се споменува дури и на акдемиите:The Good, the Bad and the Ugly, Rio Bravo, Taxi Driver (Collector’s Edition), His Girl Friday, Rolling Thunder \[VHS\], They All Laughed \[VHS\], The Great Escape, Carrie (Special Edition), Coffy, Dazed and Confused, Five Fingers of Death i Hi Diddle Diddle (1943) \[VHS\]. Во декември се очекува премиера на Django Unchained , а за 2014 година го најавува Kill Bill 3.

Игор Ландсберг