Search for content, post, videos

Дуке Бојаџиев – Музиката е сон што се живее со ширум отворени очи 

Името на Дуке Бојаџиев се врзува со добра музика, со уметноста во музиката. Потекнува од музичко семејство, почнал да свири на пијано уште на три годишна возраст, а компонира од 10 години.

Иако дипломирал на медицинскиот факултет во Скопје, желбата за музиката победила. Неговото име секогаш се поврзува со добра музика, со уметноста во музиката.

Настапувал низ светот со многу познати светски музички имиња како Paul Cantelon, Angela McCluskey, TelepopMuzik, The Citizen’s band i Cyndi Lauper. Дуке зад себе има повеќе албуми, меѓу кои „Love is the way”,  “Digital Confessions 1”, “Digital Confessions 2” i “Esma’s Dreams”, како и многу синглови ставени по светски музички компилации  Chill Out in Paris 4,5,7, Marrakech Express 2, Fashion week 5…

Дуке е познат и по својата музика за филм. Тој е композитор и продуцент на музика, работи се – од класични оркестрации и музика за филм и телевизија, па се до најсовремени електронски композиции и ремикси. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на Оскар, меѓу кои режисерите Џонатан Деми за филмот „А Мастер Билдер“ и Данис Тановиќ за филмот „Пекол“, како и со Рајко Грлиќ за филмот „Устав на Република Хрватска“, со Столе Попов на „До Балчак“ и „Војната заврши“ на Митко Панов. Во моментот работи на филмот „Бегство кон морето“ на Вељко Булајиќ, кој е во постпродукција. Меѓу големата лепеза филмови има работено и на филмовите „Тајниот живот на Волтер Мити“ во режија на холивудскиот актер Бен Стилер и „Ветување“ со Кристијан Бејл и Оскар Ајсак во главните улоги. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како Пежо, Ланком и Лореал, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес.

Каде сте во моментов со твоето семејство…релација Париз или Њујорк?
Во моментов сме во Париз, скоро две години. Со целава ковид епидемија немав ни можност да одам до Њујорк, иако повеќе пати сакав.

Каква е ситуацијата таму и како се одразува на уметноста?
Ситуацијата тука е од една страна тажна, Париз е веќе година дена празен и се што е од поле на култура и локална знаменитост е затворено, од музеи до ресторани и секакви културни настани. За еден град што е центар на светската култура ова е многу поразително.
Од друга страна е уникатна глетка да се види градов празен без туристи, некако има друга убавина, по интимно можат да се доживеат сите тие улички и паркови со огромна историја кои се со големо внимание одржувани и презервирани низ вековите. Вистински рај за очи и душа.

Како го поминува пандемискиот период…
Повеќето од годинава го поминавме во карантин, маските се задолжителни за движење низ градот. Бидејки студиото ми е инсталирано дома доста време поминувам во работа и останатото време го поминувам со фамилијата во секојдневни прошетки.

Дали овој период имаше нови настани, достигнувања, концерти и на што се насочи овој период?

Концерти за жал немав, забранети се како и секаде, но бидејки повеќе се занимавам со студиска работа, бев доста зафатен. Напишав доста нова музика, генерално креативно ја поминувам пандемијава.

Работев минатава година на доста проекти, редовно работам како музички композитор и продуцент за една од најголемите библиотеки на музика за филм и ТВ во Франција (GUM Productions), работев на рекламна кампања за Dom Pergignon, работам за еден Американски бенд “Saint Motel”(Elektra/WMG) на нивниот нов албум, работев музика за филм и уште неколку проекти кои наскоро ќе бидат најавени официјално.

Како целата ситуација делува на тебе, дали имаш инспирација за создавање нова музика?
Мислам дека почнува оваа ситуација со пандемијава да станува неподнослива со сите карантини и се надевам дека нештата ке се променат набрзо, бидејки ова што се случува е погубно за културата во светот, а без неа животот станува банален и монотон. Во овие услови тешко е да се прават некои долгорочни планови, но едно што планирам е да бидам почесто во Македонија. После година дена поминати во епидемија и карантини, некако почнувам да се враќам на некои вредности во животот кои во брзото темпо со кое сите живеевме до минатата година ги подзаборавив.

Силвана Јованчева