Search for content, post, videos

Единствен показател за вредноста на еден уметник или дело е времето, Борјан Цанев

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати кај нас и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк)

Почетоците во музичките води…

„Растев во музичко семејство и уште од многу рана возраст бев во контакт со музиката, пијано, виолина итн. Подоцна почнав и со првите часови по пијано и солфеж во Нижото музичко училиште. Да бидам искрен, на почетокот не бев голем љубител на вежбањето и редовното одење на часови. Но сепак тогаш бев многу мал, немав трпение и очекував брзи резултати еднакви на чудо. А во нашава работа тоа е невозможно. Подоцна работите се променија и почнав да гледам на нештата малку поинаку.“

Да се биде диригент…

„Тоа е една од најодговорните, најсложените и најконтроверзните улоги во еден оркестар, оперска куќа и сл. Бара комплетна музичка и психофизичка подготвеност. Всушност, диригентот не свири, не произведува никаков звук сам по себе. Но тој мора да има јасна претстава за целата музичка слика на делото и јасна стратегија и план како најдобро и најбрзо да се стигне до целта. Нешто слично на режисерот во театарот, генералот во војската.

Речиси без исклучок, во земјите со поголема традиција, диригентите се главните носители и уметнички раководители на симфониските оркестри и оперските куќи. Тие се комплетно одговорни за уметничкиот дел. Го прават репертоарниот план, се грижат за развојот и квалитетот на матичната куќа. Тие се уметнички директори и заедно со менаџерите, т.е. техничките директори, соработуваат во интерес на куќата. Кај нас работите се малку поинакви. Но сеедно, Македонската филхармонија досега беше пример за професионална и добро организирана институција, а уверен сум дека ќе остане и понатаму. Јас секогаш сум давал и ќе давам максимален придонес кога е потребно. А совршена изведба не постои, бидејќи никој од нас не знае што е тоа совршенство и каде се наоѓа неговата граница. Во уметноста,  изведувачите и публиката честопати имаат различни ставови и критериуми за тоа што е добро а што не. Но едно е сигурно – колку повеќе труд се вложува, шансите за добра изведба се поголеми.“

За настапите што оставаат најголем впечаток…

„Ги има повеќе, но доколку треба да издвојам еден, тоа секако е гостувањето на Македонската филхармонија во Загреб 2014 година. Оркестарот свиреше неверојатно, мотивирано и на европско ниво. Им благодарам на моите колеги за незаборавната вечер.“

Од 2002 година до денес, Борјан Цанев е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет,  каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и  со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ од Софија,  Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др.

Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Кристоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Сајака Шоџи, Бранимир Слокар, Ана Дурловски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство, вклучувајќи ги „Жорж Енеску“, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката и други. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“  за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.

За соработка со солистите…

„Секогаш коректна и професионална. Се обидувам на солистот да му овозможам комотен простор за да може да се изрази најдобро што може. Во мојата 20-годишна кариера, имав среќа да настапам со завиден број врвни светски солисти, искуство кое нема цена.

Инаку, денес условите за работа во новата концертна сала се извонредни! Сѐ што е потребно за еден високо професионален симфониски оркестар. Дури и многу повеќе од каде и да било во нашата околина, па и пошироко.“

Награди  и признанија…

„За мене наградите не претставуваат доказ дали еден уметник е добар или не. Или уште повеќе дали вреди или не. Да, имам добивано награди. Истото мислење го имам и за натпреварите. Единствен показател за вредноста на еден уметник или дело е времето.“

Идни планови…

„Имам доста, како и секој уметник. Ми претстои возбудлив период со многу концерти во Македонија и во странство. Во исто време, сѐ повеќе ѝ се посветувам и на педагогијата. Како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, веќе 15 години се обидувам да помогнам колку што можам повеќе во обуката и формирањето квалитетни професионални музичари, кои во иднина би биле стожер на нашите музички институции. “

Силвана Јованчева

Фото: Маја Аргакијева