Search for content, post, videos

Едноличноста не ѝ прилега на ниту една жена

Убавка Петков е сопственичка на Петков Козметик, а воедно важи за комплетна жена со широки визии, цврсти ставови и неограничена количина храброст во приватниот и во деловниот живот. Успехот што го постигнува низ годиниве во и надвор од Македонија говори за нејзината сила и шарм, со што ја создаде својата деловна империја. Таа ги сподели со нас нејзините визии и ставови за жената и негата на убавината…

 

УБАВИНАТА НА ЖЕНАТА Е НАЈВЕЛИЧЕСТВЕНОТО НЕШТО…

„Убавината на жената е една комплексна тема па затоа не можеме да ја идентификуваме само спред физичкиот изглед. Таа вклучува и многу други фактори и карактеристики што се дел од целокупната личност. Убавината на жената со себе носи низа придружни одговорности и токму затоа претставува важна алка во нејзиниот живот. Зад секоја убава жена се кријат многу тајни и вештини што ни оставаат силен впечаток и што говорат за нешто што е комплетно, стабилно, созреано, со свои ставови, имиџ и углед. Убава жена е секоја онаа што е реализирана на повеќе полиња, а притоа не дозволува нештата и обврските од секојдневието да ја спречат постојано да се надоградува и надополнува. Тоа значи дека убавината доаѓа однатре и создава магија што ги плени луѓето оставајќи им впечаток на нешто чисто, нежно, доверливо и со јасни ставови.“


СПРОТИВСТАВУВАЊЕ НА КИЧОТ…

„Спред мене, кичот е еден новокомпониран синдром на различни видови  генерации и сметам дека времето го наметна истото и токму затоа повеќето жени се заробени во овој невкусен стил. Тоа доаѓа од спојувањето повеќе трендови во еден, желбата да се остави некаков впечаток во средината, желбата да се изгледа многу постаро или помладо (во зависност од возраста), желбата за привлекување внимание на начин што не е соодветен за таа личност. Затоа секој треба да внимава на своите желби и својот стил, бидеќи само на тој начин се создава препознатливост и се дава позитивна енергија на другата страна, почнувајќи од сопствениот карактер, парфем, мејкап, па сѐ до целокупниот надворешен изглед. Она што е разголено, достапно и транспарентно НЕ секогаш е привлечно…“

 

УБАВИНАТА ВО ЗИМСКИТЕ ДЕНОВИ..

„Како сопственик на салон за убавина, а притоа имам и академија за изучување  изработка на професионални нокти и шминка, со сигурност можам да потврдам дека во последниве неколку години негата на жената е на повисоко ниво од претходно и интересот сѐ повеќе се зголемува без оглед за кое годишно време станува збор.  Она што е интересно е дека животот наметна една дополнителна и сериозна обврска на современата жена, а тоа е потребата да се грижи за својот изглед а сепак тој да биде во склад со трендот и времето. За да може една жена да го покаже својот уникатен печат треба едноставно да биде своја во секое време и прилика. Искрениот говор и насмеаните очи се единствениот печат што не може да се имитира или глуми, тоа е уникатно и единствено за секоја индивидуа. Точно е дека брзиот живот ни носи многу проблеми и борба за опстанок, но не секогаш целта ги оправдува средтвата.

МАГИЈАТА НА ПРАЗНИЧНИТЕ ДЕНОВИ…

„Магијата на празниците тешко се опишува со зборови. Тоа се денови исполнети со љубов и желба за убав и комплетен изглед. Секоја комплетна жена знае дека убавината не се состои само во изгледот, туку и во она што се носи во себе. Насмевката и убавото расположение се најголемиот украс на секоја личност, тоа е како магија. Во пресрет на најубавиот празничен период, за развој на идејата за реализација на сопствената мистична убавина секој треба да вложи во своите идеи и во разубавување на внатрешноста, а потоа да вложи и во свежината и одржувањето на надворешноста. Магијата се негува прво однатре за да излезе на површината.“

АКАДЕМИЈА ПЕТКОВ КОЗМЕТИК…

„Академијата Петков Козметик е активна многу одамна и преку нашата програма успеваме да пренесеме дел од личното знаење на сите идни заинтересирани кандидати  што сакаат да отпочнат сопствен бизнис од областа на козметиката и негата на жената. Заинтересираноста е огромна и токму затоа постојано следиме и воведуваме нови методи и дополнителни едукации каде што сакаме на нашите кадидати да им ги посочиме сите придружни задачи и одговорности што се наметнуваат при водењето сопствен бизнис. Извршувањето на услугата од некоја конкретна дејност не опфаќа само квалитетна изработка на истото, туку и начин на кој таа се нуди, начин на кој се презентира, па сѐ до менаџерски облици кои според мене се клучен фактор за добар успех.“

СЕКОЈ ДЕН ВО ГОДИНАТА Е ПРАЗНИК ЗА ПОЧИТ КОН ЖЕНАТА…

„Минатата година бев гостинка на една телевизија каде што токму под мотото на оваа тема имавме отворена дискусија за тоа дали убавината на жената треба да се слави само еден ден и колку се почитува нејзината вредност, воопшто. Моите ставови во однос на оваа тема се сосем спротивни од она што самиот ден го наметнува и сметам дека жената треба да биде почитувана во текот на целата година. Благодарение на мојот сопруг кој е извонреден и уникатен  во начинот на изненадувањето и искажувањето внимание, чувствувам љубов во текот на целата година и посакувам секоја жена да го живее ваквиот сон. Тоа е она што нѐ прави среќни и комплетни. Запомнете дека сѐ започнува од нас самите. Какви ќе одлучеме да бидеме, така ќе нѐ гледаат и останатите. Бидете свои и оригинални за да успеете подолго да ја зачувате мистериозноста, бидејќи едноличноста ниту на една жена не ѝ прилега.“

Н. Пушкоска