Search for content, post, videos

Џијан Емин – еден од најзначајните уметници на современата македонска сцена

Во последните години нема музички проект во кој бил вклучен, а да поминал незабележано. Особено големите настапи со Филхармонија под отворено небо, аранжманите за настапите со Дерек Меј и уште многу, многу…

Џијан Емин ја започнал музичката кариера како член на рок групата „Архангел“. Подоцна, станал прв хорнист на Македонската филхармонија и нејзин диригент, а истовремено, работи и како оркестратор. Поважни негови музички настапи се: концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“ во рамките на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, потоа музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ (заедно со Дерек Меј и со Македонската филхармонија), настапот со Белградскиот симфониски оркестари со Јуан Аткинс, концертот  „Париз те сакам“, мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“. Покрај тоа, тој настапувал и со повеќе музичари и групи, како: Проект Жлуст, ДНО, Квартетот на Георги Шаревски, Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, Никола Коџобашија, Фолтин, Малком Брн. Џијан Емин ја оркестрирал музиката на Мет Феди, која била изведена на новогодишен огномет во Дубаи. Тој е еден од најзначајните уметници на современата македонска сцена.

За тоа како го поминува овој пандемиски период...

Најверојатно како и сите други. Соочени сме со сериозни промени во начинот на живеењето и невозможно е да нема влијание врз самите нас. На почетокот на пандемијата мислев, или барем се надевав дека ќе заврши брзо. Очекував дека се ќе биде завршено за две недели. Но, кога почнаа фамозните карантини и развивањето на целата психоза околу тоа како се шири вирусот, си реков дека ова нема да заврши брзо. Продолжив да живеам како и порано,  со сите рестрикции и мерки на претпазливост кои беа зададени. Се вратив на музиката каде се чувствувам нормално и најчесто убаво.

Како се одразува сето ова на уметноста?

Сите општествени и цивилизациски промени имаат огромно влијание врз уметноста воопшто. Овој пат, најголема промена е тоа што бевме оневозможени да настапуваме воопшто, а потоа имаше дозвола за настапи, но не пред многубројна публика. Музиката која ја свириме или компонираме постои за да можат луѓето да ја слушнат. Најдобриот начин на претставување на едно музичко дело е преку настап во живо каде има публика и каде се остварува проток на енергија помеѓу изведувачите и слушателите. Тоа чувство беше скратено. Почнавме со одржување на концерти кои се следеа преку YouTube, Facebook и други платформи каде практично си свириме сами на себе и секако доживувањето е многу помало.

Во мојот случај добро беше тоа што имав време да измиксам многу концертни материјали кои спиеа во некои фиоки. Се насобра убав материјал и одлучив да издадам албум со мои композиции изведени со мојот “ Магичен оркестар “ .

Овој период Емин Џијан имаше нови настани и концерти…

Покрај сите потешкотии, успеавме да организираме неколку концерти со ЗЏМ – здружението на џез музичари и слободни уметници на Македонија како дел од Охридското лето и на затворањето на фестивалот Синедејс. Со Биг бендот на ЗЏМ во соработка со Филхармонијата на РСМ одржавме новогодишен концерт кој помина многу добро. Со филхармонијата некако успеавме да ги одржиме скоро сите концерти. Од тие би го издвоил концертот со Франческо Тристано, пијанист од Луксембург со кого имам повеќегодишна соработка на различни проекти. Бев дел од и концертот на Архангел кој се одржа под максимално строги мерки во салата Борис Трајковски.

Нешто повеќе за новото музичко издание “ Џијан Емин и Магичниот оркестар” и новата издавачка куќа ЗЏМ Рекордс…

На мое огромно задоволство, мојот нов албум се појавува како прво издание на ЗЏМ Рекордс. Ова е потполно нова издавачка куќа која ќе се грижи за квалитетната македонска музичка сцена. Следи промоција на новиот материјал кој веќе е актуелен на сите платформи во дигитална форма на Spotify, Itunes, Amazon, Tidal, Deezer… а наскоро во форма на компакт диск и плоча.

Материјалот е снимен во Охрид и претставува дел од концертот кој се одржа на 2-ри август 2019 година со посебен оркестар кој беше создаден за тој настап и можам да кажам дека храбро се носи со епитетот магичен. Во него членуваат, според мене едни од најдобрите инструменталисти во државата, членови на ЗЏМ, Филхармонија и Опера и балет. Невообичаен спој на музичари и инструменти кој е многу инспиративен со кој ќе следат настапи во наредниот период.

 

На што ќе се насочиш овој период?

Мојот начин на делување е можеби комплициран, бидејќи постојано работам со неколку различни состави со различни жанрови. Ќе продолжам така додека можам бидејќи тоа ми одговара на мојот карактер, а воедно никогаш не станува досадно бидејќи секој нареден проект е различен од претходниот. Паралелно подготвувам музика за неколку нови проекти, а се надевам следи и период на поголема сценска активност.

Секогаш има инспирација за создавање нова музика…

Инспирација за музика има многу. Јас не сум тип кој чека да го “ пукне ” незнам каква инспирација за да направам некаква музика. Седнувам и го правам тоа. Некогаш до решението се стига многу брзо, а некогаш оди многу бавно и тешко. Како и секој уметник,  се преиспитувам повеќе пати пред да бидам подготвен да го претставам делото. Опкружен со добри луѓе и добри музичари, кои сите мои слабости знаат да ги претворат во предност е фантастичен момент кој ме инспирира бескрајно.

За идните планови

Покрај промоцијата на новиот албум, следи концерт со Биг бендот на ЗЏМ со моја музика и аранжмани, неколку концерти со биг бендот со различна програма, нов проект со Архангел…Во декември подготвувам концерт со оркестарот на филхармонија,  каде гости ќе бидат норвешките уметници Арве Хенриксен и Јан Банг  и премиерно ќе се изведе нова музика која ја пишувам за овој настан. Следи издание со француското трио Ана Кап,  со кои снимивме музика која ќе се појави во етерот на плоча и цеде.

Силвана Јованчева

Фото: Маја Аргакијева