Search for content, post, videos

КОГА ФУДБАЛОТ СТАНУВА ПОВЕЌЕ ОД ЖЕЛБА

Упорноста и работата на себе секогаш води до успех. Соништата си го наоѓаат својот пат секогаш кога знаеме да сонуваме големи соништа. Најголем доказ за тоа е 27 годишниот фудбалер Бојан Иванов од Пробиштип, кој го живее својот сон и продолжува да се бори за својот успех…

За почетоците…

Потекнувам од мало Рударско градче во коешто ги направив своите фудбалски почетоци уште од најмала возраст и поголемиот дел од времето го поминував со топка во нозете на стадионот до кој што живеам. Љубовта кон фудбалот ја негувам уште од најмали нозе, а посериозно почнав да се занимавам на мои 14 години кога луѓе од Фудбалската федерација на Македонија го препознаа мојот талент и ме однесоа на тренинзи во ФК Работнички како најсериозна школа за млади таленти… Таму бев 2 години и настапував за младински тим со кој што 2 пати ја освоивме лигата и еден пат бевме победници на купот на Македонија. Добрите игри и успехот со младинската екипа ме однесоа во ФК Македонија ЃП, но таму добив место во првиот тим на само 17 години и ја делев соблекувалната со веќе реномирани имиња на Македонскиот Фудбал. По цела сезона и одиграни речиси сите натпревари во ВМФЛ клубот беше промовиран во ПМФЛ. Но на почетокот на подготовките за ПМФЛ ми се случи една сериозна повреда која значеше пауза од речиси година и пол надвор од фудбалските терени… Тоа беше тежок период за мене, но со голема поддршка од моето семејство успеав да се вратам на зелените терени.

Фудбалот после повредата и постигнатиот успех…

Квалитетот и потенцијалот во мене после повредата го препознаа луѓето од проектот Академија Пандев и ми дадоа шанса повторно да се вратам на залениот терен. Со напорна работа и многу труд, се надевам дека придонесовме клубот да оди скалило погоре во Македонскиот фудбал. Од таму следуваше трансфер во ФК Брегалница Штип во која поминав една година со многу успеси и падови… последните три години со голем успех го носам дресот и сум дел од проектот ФК Слога Виница. Оваа година бевме на чекор до историски успех и влез во ПМФЛ, но за жал во последните две кола ги загубивме првото и второто место во лигата и завршивме како 3ти веднаш зад Победа и Беласица. Јас постигнав 10 гола и 14 асистенции на 25 натпревари и дадов сериозен придонес во успехот на екипата.

Како до ФК Работнички?

Патот до овој успех воопшто не беше лесен, напротив, постојано имав препреки и многу успони и падови, но успеав да докажам дека со посветеност, организираност и професионализам може да се стигне до посакуваната цел. Горд сум што засега сум единствениот играч кој во оваа сезона преминува од 2ра во 1ва лига, бидејќи тоа е реткост.

По долгогодишното залагање, вложен труд, макотрпна работа и одлична сезона позади мене конечно оваа година клубовите го препознаа мојот квалитет и по многубројните понуди од Македонија, па дури и од странство се одлучив за ФК Работнички…

Омилен клуб кој будно го следиш…

Дефинитивно, тоа е Шпанскиот великан и кралски клуб Реал Мадрид и поради тоа би сакал да ја посетам оваа земја и да проследам некој нивни натпревар. А она што би било за мене навистина голема емоција е да го следам најголемото дерби во светото на фудбалот или повеќе познато како Ел Класико помеѓу Реал Мадрид и Барселона.

Ритуали пред натпревар…

Секој спортист има свој ритуал кој смета дека му носи среќа, нели? Јас имам таква навика што секогаш кога излегувам на терен за натпревар се прекрстувам и прво стапнувам на терен со десна нога. Но, најважно од се е постојано да бидам присутен во мигот и ведар, да немам негативни мисли и се обидувам тоа чувство да го задржувам што подолго. Тоа не е суеверие, тоа е најдобриот начин на функционирање.

Желби за иднината…

Амбициите за следната сезона се да се избориме за што подобар пласман со ФК Работнички и да се бориме за излез во Европа. А на личен план би сакал да напредувам и доколку покажам квалитетни настапи, и како и секој друг фудбалер, би сакал кариерата да ја продолжам во странство, особено Австриската лига која е со многу пообар квалитет од нашата…

Твој совет за идните фудбалери?

Сакам да им порачам на идните генерации и младите фудбалери, никогаш во животот да не губат надеж, колку и да е некогаш тешко, со голема желба, труд и секако многу дисциплина во работата можат да ја достигнат зацртаната цел… Фудбалот бара многу дисциплина, силна желба и здрав живот и мирен живот!