Search for content, post, videos

Кога виолината ги свири вистинските ноти, Ева Богоевска

Секоја награда ја доживува како еден вид верификација на вложениот труд, показател дека е на правиот пат и, секако, мотив за понатамошна работа. Ева Богоевска досега има остварено повеќе меѓународни победи и признанија, меѓу кои прва награда ,,Кристалот на Сан Ремо“ на фестивалот Сан Ремо – јуниор во Италија, ,,Лауреат од прв степен“ на реномираниот Меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран при на  Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим… Младата виолинистка Ева Богоевска продолжува да концертира и да нè претставува ширум светот.

Почетоците во музичките води…

„На 6-годишна возраст прво почнав да свирам пијано, но тоа беше повеќе желба на мајка ми. Мене многу повеќе ми се допаѓаше виолината како инструмент. На еден концерт  буквално се воодушевив од звукот на виолината, а се сеќавам и како си размислував дека е подобро да свирам виолина бидејќи е помала од пијаното па ќе можам да си ја носам секаде со себе. На почетокот работев со виолинистката Ана Кондратенко и за кусо време почнав успешно да настапувам и концертирам. Брзо напредував и успеав да освојам прво место на меѓународиот натпревар за класична музика „Охридски бисери“. Можам да кажам дека тоа беше на некој начин почетокот на мојата музичка кариера.“

Концерт на Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим

Со многу труд до совршена изведба…

„За да се постигне максимумот во изведбата на едно дело се вложува многу труд. Потребно е секојдневно повеќечасовно вежбање за да се постигне подготвеност за изведба на делата. Тоа секојдневно вежбање понекогаш е доста исцрпувачко, одзема време и бара многу самооткажување. Колку време и труд е потребно да се изработи едно дело зависи од техничката и музичката сложеност на делото, како и од претходното ниво на подготвеност на изведувачот. Но дури и кога едно дело е изработено во финална форма и е подготвено да се презентира на сцена, секогаш постои можност да се направи и повеќе од тоа. Јас сум доста самокритична и после секоја изведба се самоанализирам и гледам што би можела да направам за  да наредната изведба биде уште подобра.“

Релацијата со публиката…

„Позитивните реакции на публиката се најголемата награда за секој изведувач. Во однос на реакциите од страна на публиката би го издвоила мојот последен настап. Тоа е солистичкиот концерт што го одржав годинава на 26 август во Рим, во театарот Марчело. По бисот сè уште имаше многу аплауз и овации од страна на публиката, која и покрај обемната програма во траење од еден час, едноставно не сакаше да си замине дома. После концертот луѓето спонтано ми приоѓаа да ми честитаат, да се запознаеме и веднаш добив покани за нови настапи низ Италија.“

Симфонискиот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам

Досегашни настапи…

„Како првонаградена на меѓународниот натпревар за класична музика „Охридски Бисери“ добив можност да реализирам два концерта во Братислава, Словачка, од кои еден беше во замокот во кој Бетовен ја творел познатата „Месечева соната“. Настапував на неколку локации во Куала Лумпур, Малезија, од кои би го издвоила настапот во театарот што е сместен во Convention Centre (Кулите близначки) во Куала Лумпур. Повеќепати имам настапувано како солист со Македонската филхармонија, а бев солист и со Симфонискиот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам. Би ги издвоила и настапите во салата Аристон во Сан Ремо, Италија, настапите како солист во Санкт Петербург, потоа во Прага, во Виена, Будимпешта, Ерусалим. Посебно ми е драг настапот кој оваа година го имав во Карнеги Хол во Њујорк. Овој настап го добив како првонаградена на Интернационалниот натпревар за класична музика кој е базиран во Њујорк. Наидов на одличен прием од страна на публиката, а добив извонредни критики од страна на стручното жири. Би го споменала и последниот настап во театарот Марчело во Рим, но има и многу други кои ми се подеднакво драги.“

Концерт во РИМ

 

Наградите како верификација за вложениот труд…

Како и настапите така и секоја од наградите што ги имам освоено ми е посебно драга. Досега имам освоено повеќе државни први и специјални награди. Од меѓународните награди би ги издвоила: првите награди на меѓународните натпревари „Охридски Бисери“ и „Езерски Бисери“, првата награда на фестивалот Сан Ремо-јуниор, првата награда Лауреат од прв степен на реномираниот Фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран при на Меѓународниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, како и првата награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк. Секоја награда ја доживувам како еден вид верификација за вложениот труд, показател дека сум на правиот пат и, секако, мотив за понатамошна работа.“

,,Кристалот на Сан Ремо“ на фестивалот Сан Ремо – јуниор во Италија

Младата и исклучително талентирана Ева Богоевска веќе со крупни чекори оди кон уште повеќе успеси, градејќи ја својата кариера и себеси низ она што најмногу го сака – музиката на виолината. Моментално е втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко, и големи планови и размислувања каде да го продолжи школувањето и усовршувањето.

Силвана Јованчева