Search for content, post, videos

М-р. Др. Светлана Темелковска, спец. радиолог – Раната детекција е клучот во борбатa

Моите пациенти и моето семејство – тоа е сè што ми е битно во денот. Тоа ме прави, како што гласи името на вашето списание Комплетна. Раната детекција е клучот во борбата против ракот на дојка, вели М-р. Д-р. Светлана Темелковска – спец. радиолог од Клиниката за радиологија.

Вашата професија, ваш предизвик… Предизвиците мора да ги поделам на два вида на предизвици. Главниот предизвик е да го надмудрам ракот, да сум побрза од ракот, да го продолжам животот на жената. Јас ги гледав мојата баба, тетка и братучетка како се борат со чудовиштето наречено рак на дојка. Имам ќерка… Не сакам ниту една баба, мајка, братучетка или ќерка поради несоодветен здравствен систем тешко да поминува низ оваа борба.  Наша задача е да овозможиме што полесно да го победат ракот. А јас мора најдобро да работам против предизвикот – ракот на дојка. Вториот предизвик е системот, креаторите на политиката во здравството. Мора да сме подобри, мора да сме по организирани, по стручни… За добро здравство треба да се работи во државен интерес, ете баш како швеѓаните.

За своите почетоци сака да каже… Голем дел од детството и младоста живеев во Шведска, една од најдобрите земји во Европа. Токму образованието и општеството во Шведска, се разбира покрај моите родители, ме оформи како личност. Шведска е скоро идеално општество со одлично образование и здравство. Тоа образование, нормите на однесување, животните вредности, взаемното почитување држава – граѓанин, чувството за одговорност, емпатија и посветеноста на работата го имаат формирано мојот начин на размислување и живеење, дури и односот кон моите деца. На страна од мојата професија радиолог јас сум и мајка на 32 годишен син и 25 годишна ќерка кои се добри, паметни и вредни млади личности. Секој ден се будам со мислата колку сум благодарна на судбината. Моето семејство и моите пациенти – тоа е сè што ми е битно во денот. Тоа ме прави, како што гласи името на вашето списание – Комплетна. На Институтот за радиологија работам повеќе од 20 години. За мене радиологијата е една од најубавите гранки во медицината, а особено радиологијата на дојка. Јас едноставно ја обожувам мојата работа, најсреќна сум кога ќе се врати на преглед жена на која сум дијагностицирала рак на дојка, тоа значи дека добро сум работела и е доказ дека раната дијагностика го продолжува животот на жената. За жал мислам дека денешната состојба во здравството е далеку од стандардите на Европската Унија. Проблемите се започнати многу одамна, но мислам дека нема долгорочна стратегија, план и континуитет во подобување на здравството. Проблемите не се само немање соодветни услови за работа како на пр. тоалет и чешма, туку многу побитно и потешко за решавање, а тоа е односот управа – здравствен работник, пациент кон здравствен работник и односот на здравствените работници кон пациентите. Но сите ние здравствени работници треба да го дадеме нашиот личен и стручен придонес за да има функционален здравствен систем. Треба да се вложи многу работа и труд од двете страни – и од државата и од граѓаните за да имаме подобра иднина. Јас работам на одделнието за радиологија на дојка односно мамографија, ехо итн. Исто така сум и претседател на Македонското здружение за радиологија на дојка. Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените во светот и во нашата држава. Од 2016 г. со мали прекини се изведува национална програма за рана детекција на рак на дојка т.н. скрининг програма. Јас сум дел од работната група за рана детекција и скрининг на рак на дојка при министерството за здравство. Вакви програми се одвиваат во сите земји на Европска Унија, Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австралија и Канада со години. Ние сме сè уште на почеток, но се работи на подобрување на програмата. Со скрининг се откриваат карциноми пред жената сама да ги забележи промените. Таа рана детекција го продолжува животот. Една држава која сака да биде дел од Европската Унија неопходно е да има организирани програми за рана детекција на заболувања. Добивката од скринингот се изразува во години добиени живот на жената, а тоа нема цена и е единствено нешто што е вредно.

Како е сето тоа прифатено кај нас, колку се гледа и се вложува во оваа област? – Скрининг е сериозна работа, бара знаење, време и се разбира пари. Но, во оваа состојба во која што сме сега, каде што жените тешко може да закажат термин за преглед, но истовремено и ние радиолозите работиме со голем број на пациенти секојдневно, се потребни промени. Жени кои имаат палпабилна тврдина, унилатерален секрет од дојка, црвенило или оток, ретркација на мамила и или кожа не треба да чекаат со месеци за упат, и ова за мене како радиолог е недозволиво. Жена која доаѓа на преглед со симптоми треба истиот ден да добие мислење од радиолог и истиот ден да биде упатена за сите потребни дијагностички испитувања. Исто така, и жената во скрининг програмата треба во најскор рок да стигне до сите потребни понатамошни испитувања и третман. Здружението на радиологија на дојка работи на протоколи и патеки кои ќе ги доставиме до Министерството за Здравство и Фондот за здравствено осигурување и со тоа се надевам ќе се подобри начинот на закажување на преглед.

Како го дефинирате зборот успех?  –  Успех е да си добар човек. Да си емпатичен, чесен, вреден. Да даваш повеќе од тоа што бараш од животот, никогаш да не се предаваш. Се разбира за мене покрај работата најголем успех е што со сопругот заедно ги пренесовме животните вредности на синот и ќерката и сега со огромно задоволство и гордост гледаме како израснаа во прекрасни личности. За мене успех претставува кога жената ќе ги помине сите тешки моменти, почнувајќи од биопсијата, до терапијата, ќе дојде кај нас за контролни прегледи и ќе видам дека е добра. Поминала низ тешка борба, но успеала да се врати во секојдневниот ритам на животот. Успех е што почнавме скрининг програма. Но, мој најголем професионален успех е организирањето на 3 дневен семинар оддржан од професор Ласло Табар, еден од најеминентните радиолози кои се бават со радиологија на дојка. Професор Табар живее и работи во Шведска каде што во раните 1980 г. го оформи скринингот во Шведска, пионер во областа, исклучително стручен радиолог. Семинарот беше во организација на МЗРД со над 90 учесници од нашата држава и од околните земји. За мене мојата работа дава смисла на мојот ден. Пациентите и сè што е поврзано со ракот на дојка сочинуваат поголем дел од мојот ден. Често и домашните ќе коментираат дека не учествувам во секојдневните работи целосно, и тоа е точно, бидејќи најголем дел од денот мислите ми се поврзани со областа рак на дојка. Ако треба да изберам помеѓу социјален живот или работа, јас ја бирам работата, а на патувања со мене е и лаптопот за да можам да работам. Сакам да патувам и често патувам, тоа е и дел од моето живеење бидејќи некои членови од моето семејство живеат во други држави. Исто така сакам да фотографирам, да ги сочувам на слика миговите на сонцето како изгрева над Скопје, прекрасното Охридско езеро…

Ваша  порака до читателките на Комплетна… Порака до вашите читатели е се разбира да прават месечен самопреглед и да одат на редовни прегледи но пред сè да не се откажуваат токму кога е најтешко, не само во борбата со ракот на дојката, туку и за секој друг предизвик во животот. Да најдат задоволство во секојдневите работи, да го ценат секој ден од животот.

С.Ј.