Search for content, post, videos

На кафе во Ќоше

Најголемиот успех на еден човек е да го работи тоа што го сака. Тоа е впишано и во кодот на Дивна Милковска, која неодамна успешно се проби на бизнис сцената. Таа е сопственичка на Ќоше, специјализиран локал за вкусно кафе со автентично окружување, сместен во срцето на Струмица, а низ македонската јавност познат како „македонски Starbucks“. За кусо време се проби и надвор од нашите границии и нормално, со тенденција за проширување на нови локации. Таа е посветена мајка и сопруга и успешна бизнис жена која праќа јасна порака дека жената има сила да оствари бесконечно многу нешта доколку верува во својата сила…

  

 НА ЖЕНАТА НЕ Ѝ ТРЕБА ПРИРАЧНИК ЗА ДА СТАНЕ УСПЕШНА

       „Една од дефинициите за среќен живот е да го живеете во целост. Во мојот живот сè се случи во вистинско време и сметам дека секој во животот добива карти што треба правилно да се распоредат. Јас се фокусирам на оние нешта што го забрзуваат процесот на создавање на среќата, на позитивноста, на квалитетно поминато време, на креирање нови можности. Долго време бев уредник и презентер на вести, истовремено и професорка по англиски јазик во приватно училиште и тогаш сфатив дека потребата за нешто повеќе оди сè подлабоко. Така се роди идејата за Ќоше. И секако, во секоја жена постои тој впишан код, без оглед дали е во брак или не. Мојот сопруг Сашо е моја најголема поддршка во животот, и може ли, него да го наречам Инфинити, бидејќи ми даде бесконечна понуда, за бесконечни можности, со бесконечна инспирација за животот. Затоа, бидете жена со предзнак Плус, бидејќи само така ќе привлекувате успех во секој сегмент во животот. Кога мојата ќеркичка Мартија ќе порасне, би сакала да знае дека нејзината мајка не се сопнала на несоодветно планирање на животот и дека жената има посебна моќ за менаџирање со времето, а тоа значи дека сепак ќе успее да ги истрча сите 24 часа и денот да го затвори со насмевка.“

СОЗДАВАЊЕТО НА ЌОШЕ – ПРИСТАП ОД НОВ АГОЛ ЗА РАБОТА

       „Кога го создавав Ќоше, размислував како на создавање спомени. После Мартија, тоа е моето второ „бебе“, кое бара многу одговорност, љубов и ангажираност за да расте и да се развива. И си ветив себеси дека нема да се сомневам во вкусот на моите визии, знаењето и мудроста на идеите. Ако глобализацијата го донесе брзиот начин на живот и дневната рутина на пиедесталот на живеењето на целиот свет, тогаш несомнено Ќоше нуди краток момент на мир и релаксација. Остроумните кафе зависници, во друштво на својот омилен колач, во некое Ќоше, ќе си создаваат своја, уникатна приказна. Неговото создавање со сигурност не ме прави експерт, но самата помисла дека и  „Coutume Cafe“, минималистичка продавница во срцето на Париз, и „D’espresso“ во Њујорк, започнале од иста идеја, а прераснале во она што се сега. Патувањата ми овозможија да ја почувствувам таа потреба на луѓето за постоење вакви локали и сакав истото да го пренесам тука. Специфичноста е во комбинацијата и разновидноста на слатките карамелизирани вкусови, со интересни додатоци што им даваат бомбастично уживање на вашите сетила. Покрај големиот избор на кафе, уживањето е целосно со слатките десерти што одлично одат со него и привлекуваат со својата пријатна арома. Секој тип ваков локал низ светот има своја специфичност, па така и Ќоше претставува соединување од различни бои, вкусови и облици. Луѓето доаѓаат тука за да се „расонат“ од секојдневните рутини.“

ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА КНИГАТА – СПОЈ НА НЕШТО ВКУСНО СО ЕЛЕГАНЦИЈА И МИРИС НА ГЛАМУР

„Човекот што се грижи за својот бизнис и очекува успех, не може да го стори тоа доколку на листата на приоритети,  домот не е на прво место.

Ако ви откријам дека готвењето храна и уживањето во неа ме прави целосно среќна и ме носи до самиот врв на задоволство, ќе ми верувате ли? Додека некои жени се опуштаат со шопинг, јас тоа го правам со готвењето. Пријатно друштво, чаша добро вино и добра храна како спој на страсти. Јас сум личност што сака да креира, преку храната тоа го умеам најдобро. Едноставно, јас сум луда по храна. Во неа гледам ремек дело, подготвено со многу релаксација. И кафето и храната го подобруваат расположението. Тоа е хемија на љубовта. А пишувањето е она што доаѓа после зависноста од едно неповторливо чувство. Тоа ќе бидат „приказни“ кои луѓето ќе можат да ги зготват и да ги изедат со голема доза љубов и големо количество задоволство.“

ОНА ШТО ГО ПОСАКУВАМЕ НИ ЈА ОТСЛИКУВА ИДНИНАТА

„Пораснав во семејство каде што сите се бореа да бидат подобри. Ако некој помисли дека е доволно добар, тука завршува патувањето. Како што Паоло Коељо пишува во „Алхемичарот“: „Ако нешто силно посакуваш, тогаш целиот универзум ќе направи да успееш во тоа“. Ако некој не успее, верувам дека во тој неуспех има голем удел и тоа што не бил упорен до крај. Верувам во упорноста,  верувам во сила, едноставно, работите секогаш си го наоѓаат својот тек.

Моќта на жената е во постигнувањето баланс со другата половина, независноста и ставот на своите одлуки. Секогаш знае кога да биде доволно силна за да издржи и доволно кревка за да биде жена. Откако се породив, моето тело целосно се промени, но јас уживам во сето тоа, бидејќи тајната на убавата жена е да се сака себеси токму онаква каква што е. Дали има поубаво чувство од тоа да се биде оригинален? А иднината… Сепак, имам некои желби… повеќе „ќошкарење“ и повеќе деца бидејќи тие се богатство. Има нешто магично кога ќе се собере целото семејство, нели? И секако, тоа вклучува и повеќе „ќошкарење“, заедно со сите вас.

 

Н. Пушкоска