Search for content, post, videos

Најпозитивната утринска екипа

Марко, Елена, Гоце и Цеце или утринската екипа на „Утринска на Телма“… Секое утро од 8 до 12 часот со многубројните гости во емисијата пренесуваат многу нови информации, а со нивниот ведар дух ја пренесуваат позитивната енергија и атмосфера до сите гледачи. На 1-ви мај ова утринско шоу ќе го прослави својот прв роденден.

Актери, доктори, ветеринари, астролози, пејачи, жонглери, спортисти и многу  други личности од секој аспект на секојдневниот живот гостувале во „Утринска на Телма3. Сепак, неостварена желба на Марко, Елена, Гоце и Цеце е да ги видат во студиото Ед Ширан, Бруно Марс, Џорџ Клуни, Меланија Трамп,  Владимир Путин, Скарлет Јохансон, Шарлиз Терон, Мадона…

„Со најголема љубов започнавме, а така и продолжуваме… да создаваме прекрасни часови дружење за нас и за нашите пријатели пред ТВ екраните.  Вистинита е мантрата што сите некогаш сме ја слушнале и потврдиле „Ако ја работиш професијата што ја сакаш, никогаш всушност и не си работел“ – ова го кажувам и потврдувам гласно. Мислам дека вистински успеавме да создадеме хармонија, прекрасна позитивна енергија, љубов. Признавам дека темите внимателно ги селектираме … спорт, гастрономија, образование, музика, култура, здравство, но гледаме тие да не бидат презентирани сувопарно без жар, туку со добра енергија и непосредност во разговорите со нашите секојдневни соговорници. Секој еден гостин е своја интересна приказна“, вели Марко.

Денес „Утринска на Телма“ е емисија што има цврсти темели, со голем број  одбрани гости и соговорници кои со задоволство ја прифаќаат поканата за гостување, а гледачите секојдневно си наоѓаат теми што им се интересни.

„Сè што е актуелно е секогаш интересно за публиката. Секоја тема што е поврзана со секојдневното живеење, здравствената едукација, информации од областа на сообраќајот, природата, културата, здравиот начин на живот, музиката… Сето ова, пренесено со позитивна енергија и ведрина, буди интерес кај гледачите“, вели Гоце.

Четири часа секој ден… колку е тешко или лесно да се најдат соговорници и интересни теми за гледачите?

„Гледаме да сме актуелни со темите, ги следиме настаните, сакаме да едуцираме, информираме и апелираме, зборуваме за социјални теми, имаме и музичари, одлични доктори, креативци што со своите раце прават чуда итн. Навистина сме имале прекрасни гости со кои сме направиле преубави интервјуа во кои публиката уживала. Во студиото се играло и пинг понг, танго, хокеј… верувајте, нашата работа е уживање“, вели Цеце.

„Според она што досега го имам забележано е дека ние водителите и нашата енергија, насмевка и желба да направиме промена во етерот е најважното што го задржува гледачот покрај ТВ приемникот. Од друга страна, секогаш внимателно одбраните и актуелни гости, како и одличните содржини се тоа што ве тера да продолжите да нè гледате. Сè на сè, „Утринска на Телма“ е еден одличен пакет кој направи промена и револуција во етерот“, вели Елена.

Што е она што ви дава позитивна енергија која ја внесувате во целата емисија, а можат да ја забележат и гледачите преку ТВ екраните?

„Ние сме семејство. Создаваме сè заедно, пред и зад камерите, имаме многу часови поминати заедно и крајниот производ е таа убава енергија. Со оглед дека секое утро подготовките ни започнуваат со музика, и знаеме дека нашите луѓе, нашата прекрасна публика и поддржувачи се точно во 8 часот со своето кафе и појадок пред ТВ екраните, тоа ни е доволно“, вели Марко.

Цеце вели дека ѝ е особено драго што гледачите многу брзо ја препознале нивната  енергија и мисија. „Особено нè радуваат коментарите што често ги добиваме, во кои дел од нашата публика вели дека ги засакала понеделниците заради нас. Токму тоа и сакавме да го постигнеме.“

„Со самиот факт што сме една одлична екипа водители кои комплетно се поддржуваат, разговараат, пеат и се смеат додека ги подготвуваат темите и гостите, нормално е да произлезе добар производ и убава атмосфера. Тајната е можеби во тоа што функционираме како еден, во тоа што вистински ја сакаме оваа професија, во тоа што секогаш сме тука еден за друг и секогаш го имаме заедничкото мото, а тоа е дека заедно сме посилни и дека секогаш го нудиме најдоброто и најактуелното кај нас и во нашето окружување. Мотивира и фактот што сè повеќе гости и пријатели сами нè бараат за да гостуваат не само во најдобрата утринска програма туку и во најдобрата емисија воопшто во македонскиот етер. Тоа, секако, ни дава поттик за понатамошно уште поголемо залагање и уште подобро осмислување на содржинитe“, вели Елена.

Според Гоце, позитивната енергија или ја имаш или ја немаш. „Кога ја имаш, убаво е да ја споделиш и ние тоа го правиме. Треба да се обидеме секогаш и во што било да ги гледаме позитивните страни во нештата и општо во животот. Секогаш и секој може да најде мана за нешто, но тоа внесува само лоши мисли и нерасположение. А кога се гледаат убавите страни во нештата, па колку и да се мали, е тогаш ќе има и позитивна енергија.“

Се дружите ли зад камерите?

„Дружење има во изобилство. Сите толку нè навикнаа, постојано ни даваат и псевдоними, но најпознати сме како „Највеселата утринска четворка“. Јадење, концерти, кино, театар, фестивали… многу време поминуваме заедно. Инаку надвор од работата се препуштам на наједноставните задоволства што ми го создаваат совршениот живот. Моето семејство, внуките, мојот ретривер, моите пријатели, велосипедот, планините, авантурите, патувањата…“

Која е Цеце приватно?

„Веднаш да кажам дека јас не сум „утрински човек“ и кога не сум на работа сакам да си поспијам. Приватно не сум нешто поинаква од тоа што сум на ТВ, сакам да возам велосипед, ја сакам природата, сакам дружење со пријателите, седење во парк, убава музика… Инаку да, ние сме пред сè колеги бидејќи работата нè спои, но се сакаме, почитуваме и дружиме многу често.“

Кој е Гоце зад камерите?

„Уживам кога сум во природа било да е некое туристичко место или градскиот парк во Скопје, лете возам велосипед, често одам во театар или на кино, малку сум и гурман, сакам убаво подготвена риба, наоѓам и време за убава книга пред спиење. Ме интересира домот, потоа културно-историските места што сакам да ги посетам, сакам да се дружам со пријателите, ме интересираат велосипедите, рок музиката.“

А Елена кога не е во студио?

„Елена е мајка на најпрекрасното момче Дион, Елена е сопруга, Елена е жена која сака да се дружи со своите пријатели, да посети убава претстава или филм, да вежба, да разговара на убави теми итн… Јас сум инаку дипломиран професор по биологија и отсекогаш ми била убава професорската работа, но исто така го сакам и радиото (работев во Клуб ФМ, Сити радио и Стрит ФМ).“