Search for content, post, videos

Ние ги создаваме насмевките

Децата се нашето богатство, децата се причина за радост. Секој нов живот означува и мотив плус во животот на секој човек, но и откривање еден поинаков начин на доживување на себеси и на секојдневието. Всушност, најголемата уметност во живеењето и воедно најголемиот предизвик на секој од нас е да создадеме и да одгледаме свои наследници.

Доктор Татјана Гуржанова од клиниката New Born, говори за сите методи за полесно забременување и за ин витрото како последен стадиум. Добрата едукација и навремената реакција може да го решат проблемот на неплодноста…

Огромната љубов кон професијата

„После семејството, професијата е она што најмногу го сакам и без кое не можам да функционирам. Сите дечиња кои се наш заеднички успех, ги сакам како свои, бидејќи на некој начин ова е како креација, чудно е кога ќе учествуваш во создавањето, има некој феномен од самата креација, па сè до породувањето. Со пациентите имам посебна врска, повеќе од роднинска, така и тоа дете кога ќе се роди, го чувствувам како свое. И оттука произлегува дека јас сум вљубена во својата професија и доколку не се бавам со ова, јас едноставно нема да постојам.“

Ин витро – шанса за забременување

„Со задоволство можам да кажам дека ние сме една од ретките држави што даваат ваучери за бесплатно ин витро. Тоа не е за потценување, напротив. Можеби токму поради тоа што здравствените органи се свесни дека се соочуваме со висок степен на стерилитет и да не се осуди нацијата на репродуктивна пропаст.

Тоа не се пациенти што се соочуваат со болест, ризик по здравје или губење  живот, тоа се пациенти што сакаат да си остварат среќен и исполнет живот со пород. Тоа не мора да се парови, може да се индивидуалци, секој треба да добие шанса да го оствари правото на репродукција. Тоа е базично чувство што мора да се оствари. Во секој случај, сите тие се соочуваат со огромна емотивна болка и наша должност е ние да ги разбереме и да им помогнеме во тој процес на остварување.

Ин витро воопшто не е страшен процес, не е ниту инвазивен, но е многу емотивен. Пациентката прима одредена терапија која не претставува ризик по здравјето. Многу од пациентките се плашат од одредени болести мислејќи дека ги предизвикува токму терапијата. Но тоа не е точно. За сè има генетска предиспозиција. Тие инјекции што се примаат се природни хормони што самото тело ги лачи за да ги стимулира јајниците. Ние ги даваме во малку поголеми дози за јајниците да се стимулираат и место една да добиеме повеќе јајце клетки. Бидејќи, колку повеќе јајце клетки имаме, толку е поголема шансата да добиеме поквалитетен ембрион. Во овој случај квантитетот прави квалитет. Значи, нема никаква операција, никаква инвазивност, самиот процес на пункција е со анестезија која пациенката ја става во природен сон и целиот тој процес трае десетина минути. Пациентката не чувствува никаква болка, значи потполно е безболно. Потоа, целиот процес се прави надвор од телото, ембриологот во лабораторија ги оплодува јајце клетките, ги остава во инкубатор и третиот ден се проверува дали се добри, а потоа се враќаат или третиот или петтиот ден. До пред година дена се сметаше дека петтиот ден ембрионот има поголема шанса за имплантација. Точно, шансата за имплантација е поголема, ама од друга страна во петтиот ден има поголема шанса за анеуплоиди кај ембрионот, значи поголема шанса ембрионите да бидат болни, па се нарушува рамнотежата помеѓу машко и женско, а тоа треба да биде запазено. Биологијата ни вели – 51% ќе се родат женски, 49% машки, за да може да се размножува човечката раса и таа рамнотежа не смееме да ја нарушуваме. Токму затоа, секаде е забрането полот да се одбира.“

Кога не успева ин витро

„Постојат многу фактори. Ембрионот треба да се врати внатре во матката и ендометриумот мора да биде со одредена дебелина, со одреден квалитет. Докажано е дека и клетките комуницираат меѓу себе преку хемиски медијатори, значи имаат свој јазик на комуникација. Па, таа комуникација, дали можат да се совпаднат, дали ендометриумот го прима ембрионот за да расте е токму еден од факторите. Тоа е еден прекрасен процес за набљудување. И науката се базира на истражувања токму тука. Во ред, добивме јајни клетки, направивме протоколите да бидат совршени за да не го оптовари организмот, успеавме со посебни технологии и микроскопи да одбереме најквалитетен сперматозоид, но кај говорот помеѓу ендометриумот и ембрионот не успеавме уште да навлеземе. Токму тука е оној процент на неуспех кај ин витрото. Затоа, сите студии се насочени тука.“

Ин витро со донирани јајце клетки

 „Во тоа почнавме први, пред две години. Имаме доста висок процент на успех, околу 80 %. Со задоволство можам да кажам дека во програмата за биопотпомогнато оплодување со донирани јајце клетки ние сме лидери во регионот. Имаме свој посебен протокол на подготовка на пациентката, потоа оплоденaта јајце клетка се развива до третиот или петтиот ден како ембрион и на крајот ембрионот го враќаме назад во матката на идната мајка. Има доста скептици во врска со ин витро со донирана јајце клетка. Но верувајте, имаме многу пациентки што се породиле и кај ниту една од нив не се јавило чувство и размислување дека тоа дете не е нејзино. Напротив, тие деца се исконски сакани и обожавани. Тоа е затоа што во еден дел од животот мајката се откажала од идејата дека ќе роди дете и сега сето ова го доживува како чудо. Претходно, единствената шанса ѝ било да посвои дете, а сега веќе ѝ се нуди можност тоа дете да го носи под своето срце девет месеци. И она што е важно во оваа програма е тоа што, за донираните јајце клетки нема потреба никој да знае, поточно, дискрецијата е загарантирана. Единствено знае само комисијата што го дозволува тоа и центарот каде што се спроведува. Што се однесува до донаторот на јајце клетката, ние немаме никаков контакт, процесот е поинаков, нарачуваме од банка, покрај неколку сликички од детството ги имаме сите податоци за направените генетски, семејната анамнеза и бројот на донаторот. Тој донатор нема право никогаш на родителство. Затоа, за да се избегнат некои непријатности и стравот кај пациентите, сето тоа се одвива по легален пат, се оди на нотар, се потпишуваат потребните документи, се поминуваат консултации со правник и психолог и сето тоа оди на комисија токму заради заштита на пациентите, да не дојде момент кога тој донатор би кажал дека има право на тоа дете. Значи, таков е законот кај нас, донаторот е непознат, за разлика од оние пациенти што доаѓаат и си носат свој донатор.“

Инсеминација

„Во овој процес, пациентката поминува одредени прегледи – пап брисеви, микробиолошки брисеви, хормонален статус, потоа се прави хсд – да се види дали се проодни тубите, всушност се прави груба проценка на репродуктивните органи. И доколку сè е во ред, а од друга страна спермограмот на партнерот покажува дека нема никаков проблем, тогаш се оди на инсеминација. Не мора да успее од прв пат, позитивниот ефект кај инсеминациите е кумулативен, односно со секоја наредна се зголемува процентот на успех. После четири направени инсеминации имаме 75% успех. Тоа е поедноставен процес од ин витро. Тука пациентката не прима лекови, можеби многу минимално колку да се стимулираат јајниците за да направат фоликул. И во одреден период кога сметаме дека има добра големина, се дава инјекција која ќе предизвика овулација и тогаш кога се очекува овулацијата, се зема материјал од машкиот партнер кој потоа се обработува и се подобрува квалитетот. Потоа, со катетер кој е многу тенок и безболен, во матката се внесува тој обработен материјал. Во секој случај, инсеминациите даваат големи и позитивни резултати. Третирањето на стерилитетот е сложен процес, каде ин витрото е последниот стадиум.“ 

Прерана менопауза кај жените (намалена резерва)

„Во нашата клиника доаѓаат млади девојки со уништена резерва и резултати кои повеќе личат на жена од 50 години отколку на млада девојка. Иако сме добиле податок дека извесната личност нема предиспозиции за генетска менопауза, кај неа веќе, за жал, се случило тоа. Повторно тука вината ја препишувам на начинот на живот. И што преостанува освен да се бориме, иако кај некои случаи нема друга можност освен да се приклучат на програмата на ин витро со донирани јајце клетки.

Сега медицината е насочена кон терапии со стен клетки на самите јајници, односно вештачко правење јајце клетки од стен клетки на самата пациентка. Но, тоа е сè уште на академско ниво и се надевам дека набрзо ќе се најде практично решение и за тој проблем. На тој начин жената нема да биде биолошки ограничена со својот репродуктивен живот.“ 

Неплодност кај мажите (машки стерилитет)

„Кај мажите недостига сексуална едукација. Жално е што тежината секогаш паѓа на женскиот организам бидејќи таа ги преживува сите агонии од тој процес на забременување иако многу од причините се главно кај мажите, без оглед дали станува збор за некое сексуално преносливо заболување или е друга причина. Затоа, апелирам да се подигне свеста кај мажите и совесно да се однесуваат во целиот тој процес.

Од друга страна, машката неплодност е во огромен пораст и покрај другите причини, многу голема улога во тоа има начинот на живот, загаденоста, брзата храна, недоволното движење, преголемиот стрес. Од досегашните испитувања е докажано зголемено присуство на естрогени кај мажите и намалено ниво на тестостерон. Тоа се случува со внес на естрогени, пестициди, користиме пластични амбалажи, одредени хемикалии што се користат за конзервирање  храна, се однесуваат, а така и се викаат – ксено естрогени. Оттука мажите почнуваат да прават типична естрогено градба, масно ткиво на долниот дел околу стомакот, што е многу нетипично за маж.“

Превенција

„Лично сметам дека едукативното ниво за овие теми е многу ниско. Редовните прегледи се занемаруваат и како по навика медицината се доживува дека треба да се занимава само со болести. Тоа не е точно. Медицината не е бавење со болести, туку спречување болести. Тука има голема разлика. И тоа е основно во медицината. Треба да се спречи населението да се разболува. А тоа се прави прво со едукација. Ние сме должни да им укажеме на нашите пациенти дека мора да прават редовни прегледи, треба да им дадеме совет за исхрана, треба да им дадеме совет за правилните животни навики, да им укажеме на редовните хормонални прегледи… Бидејќи, конкретно зборувам за мојата област, комплетниот дисбаланс прави голем проблем со репродуктивните органи. И доколку јас се фиксирам на нив, а не посочам на главната причина, таму проблемот ќе остане и општиот организам ќе биде во дисбаланс.“

 

Надица Пушкоска

фото: Јован Јон