Search for content, post, videos

Пилатесот е мојот стил на живот

Рита Конзулова e пилатес инструктор вeќе 12 години, a 9 години го води своето пилатес студио Фејм фит во кое нуди групни и индивидуални тренинзи.

“Пилатесот е начин на вежбање кој го практикувам отсекогаш и е моја основа на стилот кој го имам оформено, односно база на вежби кои ги комбинирам со поинтензивни вежби, вежби во кои користиме тежини и различни реквизити, комбинација која дава најголеми и најбрзи резултати. Две години бев и кондициски тренер на машка ракометна екипа, Јуниор Кисела Вода, која беше ново и предизвикувачко искуство со одличен исход и позитивни резултати,” вели Рита.

Која е разликата меѓу пилатес и јога, пилатес и аеробик?

“Разлика меѓу пилатесот со јога и аеробик секако дека има, јогата е статична со повеќе истегнување и медитации, а аеробикот динамика и кардио вежби во тек на целиот тренинг. Пилатесот вклучува вежби со кои се активираат сите мускулни групи, се работи на флексибилноста, координација, баланс на телото, јачина и точно и прецизно изведување на сите движења. Сето ова искомбинирано со поинтензивни и динамични вежби го претставува динамичниот пилатес со кој топиме и трошиме повеќе калории со секој нареден час. Користиме многу различни реквизити за време на тренинзите кои исто така допринесуваат за оформување на цврсти мускули и подобрување на кондицијата, а во склоп на сето ова работиме и на менталното здравје, самодовербата и чувството на исполнетост.”

Дали и бремени жени може да практикуваат пилатес или има некои полесни вежби за нив?

“Пилатес може да практикува секој, воедно и бремени жени со тоа што треба да се внимава да не се оптеретува пределот на абдоменот, се изведуваат вежби безбедни за состојбата и со посебни насоки, секако претходно одобрено од доктор кој ја прати бременоста.”

Како ги мотивираш оние кои се двоумат дали да започнат со вежбање?

“Секој кој се двоуми да започне со вежбање треба само да дојде во сала и да ги прати моите инструкции на првите часови, сите сме биле почетници некогаш. Понатаму секој засебно ќе почне да ги чувствува позитивните придобивки од секој нареден тренинг и тоа е тоа од кое стануваш “зависен” и те мотивира, станува стил на живот. Секојдневно споделувам слики и видеа од тренинзите и на социјалните мрежи, споделувам позитивни искуства и резултати од секој што почнал и задржал континуитет барем од еден месец. Навистина има многу задоволни вежбачи и такви кои вежбаат со мене од самото отворање на студиото, тие се мојата мотивација да продолжам понатаму со оваа работа, како и секој нов кој ќе реши да вежба со мене, да се надоградувам и да внесувам уште повеќе задоволство и насмевки во нивниот живот.”

Со оглед на новите услови во кои живееме, дали оние кои сакаат да вежбаат се исплашени за вежбање во сала или им нудиш online тернинзи?

“Покрај вежбањето во  сала каде се запазени сите мерки , имам и опција за вежбање од дома. Има доста заинтересирани, а и бројот постојано расте, има членови на оваа група и од други градови и држави, вежбаат со мене и од Англија, Германија, Франција”

Колку е ефикасно online вежбањето?

“Тренинзите се секогаш ефикасни доколку се пратат во целост и се придржуваме до редовно вежбање, а на секој тренинг го даваме максимумот, секој вежба сам за себе, а јас сум тука за консултација, мотивација и совет кога и да е потребно.”

Колку редовното вежбање влијае позитивно врз луѓето со оглед на тоа што целава пандемија има лошо влијание кај повеќето луѓе?

“Вежбањето во пандемија се докажа како позитивен момент во секојдневието на многу луѓе, тоа е еден час во денот кој дава многу, влијае на здравствената состојба, придонесува за позитивни и бистри мисли, дава чувство на исполнетост, а покрај физичката сила креира и ментална сила, не прави и психички стабилни.”

Започнуваш со детски активности. Што вклучува тоа? Дали е тоа пилатес за деца или подинамични кардиоваскуларни вежби?

“Наскоро во Фејм фит ќе се активираат и групи за деца, тоа ќе биде програма која ќе вклучува пред се вежби адаптирани за возраста, базата се пилатес движења, вежби за подобрување на флексибилност, подобрување на моториката, координацијата, се тоа вклопено заедно во позитивна атмосфера и забава за најмалите вежбачи. Уште од најрана возраст е посебно важно  децата да се насочуваат кон здравиот начин на живот и важноста на физичката активност.”

Сите заинтересирани за пилатес може да го најдат Фејм фит на Facebook – Fame fit и Instagram – famefitpilates

Нена Неновска