Search for content, post, videos

ПРЕПОЗНАТЛИВОТО ЛИЦЕ НА ПОЗИТИВНОСТА

Верувам дека секој од вас гледал барем дел од КАРПУЛ КАРАОКЕ и ЛАЗАРОВ ШОУ и не останал рамнодушен пред позитивната енергија која ја шири СТЕФАН ЛАЗАРОВ, човекот кој за само кратко време направи вистински „бум“ и го освои Балканот

За почетоците…

Чудни, многу чудни…без никаква цел и замисла дека воопшто ќе влезам во овој свет и ќе го работам ова. Тие што ме следат од првите денови знаат дека направив видео во кое го коментирав Сергеј Варошлија и потоа му гостував во неговата емисија…се покажав добро и видоа талент во мене и ми дадоа шанса да го водам најгледаниот естраден магазин во државата Ексклузив…понатаму следуваше многу успешна година и неочекуван момент со затварањето на 1ТВ, продолжив како водител на утринска во АЛФА ТВ, но поради тоа што не бев задоволен одлучив на почнам со јутјуб која беше најдобрата одлука во мојот живот.

За многу кратко време Стефан стана еден од најпопуларните ликови на Балканот, но популарноста никогаш не го промени…

Не се чувствувам популарен, сеуште сум далеку од тоа. Јас сум истиот Стефан како и пред една година, сакам да седам во маало, се дружам со истите луѓе, кој и да ме поздрави и застане на улица може да забележи дека јас сум еден нормален дечко кој растел скромно и секогаш ќе остане таков…

Неговите видеа успеваат да задржат сечие внимание поради уникатните идеи и интересната содржина која никогаш не се повторува…

Идеите во глобала се мои, се случува нели нормално во некои ситуации да ми помага Дарко, Марта, Мандар и околината, а дефинитивно најмногу ги задржува позитивната енергија и константноста… но, ќе го издвојам серијалот КАРПУЛ КАРАОКЕ и дефинитивно ЛАЗАРОВ ШОУ со кои направив сериозен успех…

Гостин кој оставил најголем впечаток?

Уф… не би издвоил навистина, сите ми се драги, поради тоа што знам колку е тешко да се опстане во овој свет, поготово во Македонија. Но, ете многу ми е драго што направив карпул со Слаткар, бидејќи ми е идол од дете, а сега имам чест да го наречам и пријател.

Љубовта секогаш е најголем поттик за секаков успех…

Најголема поддршка… да не е Марта нема да биде ништо од ова вака. Многу ми е драго што после толку години врска сум сигурен дека е тоа така. Постојано мислев дека сум млад и ми треба уште живот, но сега сум сигурен дека за еден маж да е стабилен и успешен мора да има жена до него која ќе го поддржува во се. Јас сум среќен што мојата ја најдов и запознав толку рано.

Хејтерите не можат да ја разнишаат неговата упорност за работа…

Не се справувам со нив, туку со тек на време ги правам свои фанови. Верувам дека секој разбира кон каде треба да се движи неговиот правец. Не осудувам и не се спротиставуваам на никого и на ничија работа, бидејќи знам дека секој го дава најдоброто од себе. Веројатно истото го препознаа и моите фанови кај мене.

Не беше лесно, но приказната на Лазаров полека го трасира својот пат кон успехот…

Од започнувањето на јутјуб кариерата можам да кажам дека се чувствувам вистински како да се пронајдов и со секодјневието кое што го креиравме заедно со мојот снимател, монтажер, другар, брат Даре секој ден се повеќе и повеќе растеме. Патот во се е многу тежок, така и тука. Ова си бара посветување 24 часа, 7 дена во неделата. Снимивме повеќе од 180 видеа за 365 дена. Замислете колку е тешко, да си креативен, истраен, редовен во тоа и да успееш на секој два дена да објавуваш видео. Да немам таков тим до себе, навистина не би било вака.

Еднакво почитуван и препознатлив и во соседните држави каде се нуди можност за соработка и подобра иднина..

Секогаш ќе се гледам во Македонија, тоа е државата во која се родив, пораснав, станав тоа што сум денес. Мене ми доволно да сум еден од најдобрите дома, далеку сум од тоа, но се трудиме..Се надевам дека нема да треба никогаш да го променам начинот на снимање, односно зборување на друг јазик за да треба да се пробијам и во друга држава. Но, за жал до сега тоа никој не го направил заради тоа што факт е дека во Србија, Бугарија, Хрватска, Босна, потешко не разбираат и само поради тоа потешко е да ја придобиеш таа публика..Но, јас ќе се борам за такво нешто, а за другото да сме живи и здрави…

Летниот хит „ТИ“ ги освои срцата на сите за многу кратко време…

Многу сум задоволен за ТИ, но сега очекувајте нешто најдобро од мене дефинитивно. Заедно со ГП започнуваме интересна соработка, а ја почнуваме со 2 ХИТА, а кога кажувам ХИТА, верувајте ми во тоа. Првата ќе биде објавена овој викенд, а втората следниот. Песните ги работевме заедно со 2БОНА и очекуваме да бидат многу слушани. Дај боже сите да го препознаат тоа. Инаку, моја омилена песна е БИСТ и секогаш ќе биде бидејќи тоа е песната која ми го опишува животот и ден денес.

Стефан потекнува од прекрасно семејство кое за него претставува најголема подршка во животот…

Се сеќавам кога дадов отказ во АЛФА, без динар во џеб и примања од јутјуб сеуште, ми рекоа, синко ние сме тука до тебе што и да се случи. Колку можеме ќе ти помагаме. Ако тоа е твојот сон и пат, и си сигурен во тоа, ние сме до тебе. Никогаш нема да ги заборавам тие зборови. Така да, тие ми се огромна поддршка и секогаш ми биле. Фала им.

Нешто ново се подготвува…

Од Септември продолжува втората сезона од ЛАЗАРОВ ШОУ, со ново студио, нов концепт, многу интересни работи и очекувам до сега најгледано шоу на мојот канал. Кога човек максимално се внесува во својата работа, јас сум сигурен дека успехот е секогаш загарантиран.

Стефан привано и професионално… подеднакво искрен со своите фанови.

Па, искрено и нема многу разлика. Поентата на почетокот ми беше да бидам истиот. Искрен, чесен со публиката и буквално да си го ставам приватниот живот на тацна. Како и што гледате, моите фанови се знаат за мене.

Многумина се плашат да го следат својот сон, плашејки се од неуспех и исмејување од другите, но Лазаров е доказ дека никогаш не треба да се откажуваме од своите желби…

Направив и видео на оваа тема, погледнете го на мојот канал, во 10тина минути буквално зборувам на оваа тема. Но, на кратко за вас и читателите на вашиот прекрасен сајт ќе кажам, никогаш, ама баш никогаш не дозволувајте другите да влијаат на вашите соништа. Нема тие да ги живеат за вас, вие треба да ги живеете, затоа борете се и еден ден ќе се случи таа магија!

Посакувана, животна професија…

Јутјубер. Интеракција со публика. Не сакам да ме сметаат за водител, новинар… Тоа е нешто сосема друго. Затоа кажувам дека во јутуберството се пронајдов најмногу. Сакам да снимам и пранкови и влогови и емисии, но се посветувам сериозно и на музиката. Се во свое време. Битно е дека сум многу мотивиран и ќе кажам дека само што почнав. Од мене сеуште немате видено ништо.

Иднината е секогаш непредвидлива, а желбите го трасираат патот…

Имам премногу планови. Приватно- да останам уште година, две барем неженет хахаха , се шегувам. Приватно, да бидеме здрави и живи со моето семејство, да уживам во секој слободен момент, бидејќи тоа е најважното нешто на светот. А, професионално очекувајте уште многу, многу нови видеа, проекти, песни, емисии, хуманитарни видеа и целта за оваа година ми е да стигнам до 70,000 претплатници.

И за крај, ви благодарам што се сетивте на мене и ме поканивте да ви гостувам на овој начин, ви посакувам многу среќа и уште поголеми успеси. А до вас читателите, не заборавајте да се претплатите на мојот канал и да се смеете почесто. Поздрав, ве гушкам.

Надица Пушкоска