Search for content, post, videos

Секој ангажман го прифаќам како да е најбитниот досега, Елена Голомеова

интервју со Елена Голомеова, оперска певица          

 

Ја паметиме по детските хитови „Тина татина“, „Дропки-сопки“, „Дедо бара зелник“, кои и денес се вртат по детските емисии. Некогаш малечката и темпераментна русокоса блесна како вистинска грациозна убавица на неодамнешната изведба на Марсељезата во Скопје, по повод националниот празник на Франција, Денот на Бастилја, а одвреме-навреме знаела да нѐ освежи и со по некој настап на француски шансони. Елена Голомеова веќе 15 години ги освојува француските оперски сцени, а со досега изработените претстави, веќе ужива посебен статус на уметник-солист, како специфичен начин за стимулација на оваа држава кон врвните уметници. Сепак, македонската публика сѐ уште немала можност да го чуе нејзиниот колоратурен сопран на нашата оперската сцена. На ова таа вели: „За жал, досега не сум имала можност да настапам на македонската оперска сцена, па би ми претставувало посебна чест и задоволство доколку бидам поканета и сето тоа се вклопи во моите веќе планирани идни ангажмани.“

Од оваа гледна точка, како би го опишале патот од детските фестивали „Весело штурче“ и „Златно славејче“, до европските оперски сцени во Ница, Тулон, Париз…?

„Со музика, односно со пеење, започнав да се бавам многу рано, бидејќи уште од малечка знаев дека тоа е мојата пасија, тогаш надевајќи се дека подоцна во животот на музиката ќе ѝ се предадам и професионално. Во секој сегмент во животот треба да знаеме што сакаме и да сториме сѐ за да можеме да се приближиме или да го достигнеме тоа што сме си го зацртале. Така, мојот сон беше да добијам можност да настапувам на големите оперски сцени, па од мала почнав да настапувам пред бројна публика. Бидејќи моите почетоци беа врзани за детските песнички, и публиката беше млада, јас сепак знаев дека тоа е она што сакав да го работам во животот.“

Во музичките училишта во Штип и во Скопје се здобивте со музичката основа за потоа, со поддршка на Францускиот културен центар и Амбасадата на Франција во Скопје да изберете дооформување на образованието во Франција. Вака звучи идилично, но имаше ли „кршење копја“ и дилеми при изборот? Какви беа почетоците?
            „Токму така, со помош на Францускиот институт и Француската амбасада можев да заминам на студии во Франција, веднаш по завршувањето на средното музичко училиште. Изборот падна на Франција, пред сѐ поради долгогодишната соработка на мојата мајка со оваа земја, која според мене е центар на културата и уметноста, земја на светлината. Градот Ница беше мој избор поради климата што им годи на оперските уметници и, се разбира, поради реномираната Музичка академија.

Оваа поддршка од Француската амбасада продолжува преку нашата долгогодишна соработка, како што беше поканата од Н.Е. Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, да настапам во Скопје, на државниот празник на Република Франција – Денот на Бастилја.“

Во Ница дипломиравте, во класата на професорката Мари Жозе Ролан Гање, а во Париз магистриравте, односно над 15 години живеете и работите таму. Кои моменти би ги издвоиле како најблескави за вас во оваа една и пол деценија, од аспект на соло кариерата?
            „Да, магистрирав во класата на Жаклин Бонардо, најпознатиот професор по француски оперски репертоар, а воедно и исклучителен педагог и автор на учебниците што се користат на факултетите. А што се однесува до настапите, сите тие, без разлика дали биле во текот на моето студирање (мојата прва улога ја добив во втора година на факултет, кога успешно ја завршив аудицијата на која се бараше солист за Жулиет во „Пети Рамоне“ („Petit Ramoneur“) од Бенџамин Бритен, или по моето магистрирање или, пак, во текот на докторатот, ми се драги, бидејќи секој ангажман го прифаќам како да е најбитниот досега и се обидувам да дадам сѐ од себе.“
Кои биле клучните улоги, или оперски и филмски дела, што ве катапултирале до следниот поголем проект?
            „Би рекла повеќе оперски дела, претежно од францускиот репертоар, а би ги издвоила  „Пелеас и Мелизанда“, „Без огниште“ и „Волшебната флејта“.“
Можеме ли да се обидеме да разграничиме колку е пресуден талентот за еден оперски уметник, колку едукацијата, а колку секојдневната работа/вежбање?
            „Изучувањето на оперското пеење одзема долги години, школувањето во секоја уметност трае долго, а што се однесува до оперската техника, таа претставува 80 отсто од крајниот резултат. Талентот е само 20 отсто, сѐ друго е работа. Се разбира дека оние што ќе започнат со позабележителен талент, потоа тој ќе се почувствува на сцената, најчесто преку една карактеристична боја на гласот.“

Како оперски уметник, посебно ‘дојденец’ во Франција, колку сте задоволна од третманот на уметниците таму?
„Уметниците овде не се разликуваат во однос на тоа од која земја потекнуваат или доаѓаат. Посебно би сакала да истакнам дека Франција креираше посебен статус на уметниците-солисти, кои ќе изработат определен број претстави или различни проекти од поголем размер, и преку тој статус државата нѐ заштитува и нѐ стимулира за уште поголеми успеси, за разлика од другите држави во Европа и низ светот каде што вакво нешто не постои.“

Oд друга страна, колку оперската уметност е прифатена и популарна од страна на обичниот човек?
            „Знаете, овде, во Француската опера, имав можност да настапам во главна улога во една оперска претстава од Жан Клод Пети, која ја чинеше државата 1 милион евра. Во неа уште од почетокот беше изработен декорот, поточно имаше дури 8 различни сценски декори, при што акцентот беше ставен на правење оперска претстава во која публиката ќе се чувствува како да се наоѓа на кино и да гледа филм. Дури 200 уметници учествуваа во овој голем проект, кој имаше за цел да ја привлече не само класичната публика, која има познавања од оперскиот репертоар, туку и обичниот човек, кој досега немал можност да гледа еден спектакл на оперската сцена. Значи, театрите сѐ повеќе ги користат инвентивните режии и декор за да го направат овој жанр поотворен за пошироката публика.“

Настапивте во филмот за животот на Рахмањинов со славниот Депардје, како и во филм во продукција на француската телевизија, со колегата Раимонди. Би сакале ли да нè запознаете малку како изгледа работа на музика за филм?
„Да, вториот филм е во продукција на државната национална телевизија France2. Во овие филмови јас играм оперски уметник и за мене работата е иста како да настапувам во живо, на сцена. Разликата е во тоа што за да се учествува со ваков проект како што е филмот, продуцентите бараат лик што добро поминува на екран, па паралелно со гласовните можности, за нив и тој аспект е подеднакво важен. За разлика од театарската сцена, каде што публиката е на поголема дистанца и физичкиот изглед не е примарен, во филмот токму тој е главниот акцент.

А втората голема разлика е што за филмот направивме неколку снимки, од кои се избира најдобрата, односно најсоодветната за таа потреба, додека на сцена, кога ќе се крене завесата и спектаклот ќе започне, тој трае континуирано и по повеќе од три часа, без можност за втора шанса.“

Ваш нов проект е операта „Свадбата на Жанет“, во која имате главна улога, а потоа следи концертен настап со Филхармонијата. Што повеќе ве возбудува, на кои настапи се чувствувате најсвоја?
            „Ги сакам солистичките концерти со Филхармонијата, поради разновидноста на програмата, каде што предлагаме дела од различни периоди и композитори. Но, кога интерпретирам улога во претстава на оперската сцена, во неа, покрај пеење, има и глума и кореографија, што посебно ме возбудува.“

Гласот е нежен и комплексен „инструмент“ на кој треба особено да се внимава. На што обрнувате посебно внимание во вашите дневни рутини и колку климатските фактори, кои веќе ги споменавте, можат да влијаат врз „средството за работа“ на еден сопран?
            „Посебно доколку го пееме оној највисокиот фах – колоратурниот, гласилките се понежни, а и звукот исто така, што значи дека неопходни се посебна нега и огромно внимание во секојдневието. Поради секојдневното вежбање, се обидувам во останатиот дел од времето да не зборувам премногу, поради тоа што зборувањето знае да го замори гласот. И нормално, како што веќе споменав, изборот падна на Ница, каде што поминувам најголем дел од времето, токму поради прекрасната клима на Азурниот Брег.“

Колку е тешко да се биде дисциплиниран и посветен на професијата во град и област во која константно се нижат културни, па и забавни збиднувања? Што не пропуштате да посетите во Ница, Кан, Париз…?
„Не може човек на уметноста, но и сите оние што обожаваат да ги следат збиднувањата, да остане имун на исклучително богатиот културен живот, што ги карактеризира Париз или Ница. Јас лично сакам да одам на класичен театар, на концерти, и тоа не само на класичари, туку и на француски шансони, кои навистина ги обожавам.“

С. Прањиќ