Search for content, post, videos

Силна мотивација и добра организација за успех на секое поле

Претприемништвото и учеството на жените на пазарот на труд како претприемачи оди по нагорна линија. Преку програмата за самовработување со грант, над 36% од отворените бизниси се отворени од жени. М-р Слободанка Алексовска e Директор на Центарот за вработување на град Скопје и смета дека со силна мотивација и добра организација на времето може да се одговори на обврските со кои се соочуваат се поголем број на жени во денешно време: мајка, сопруга, кариера, политика итн.

 

“Активностите и професионалните ангажмани се навистина многу големи, деновите се динамични и исполнети со многу обврски, но со силна посветеност и мотивација се успева да се постигне баланс помеѓу приватното и професионалното функционирање. Секако не е едноставно да се одговори на сите обврски, но со добра организација и планирање, успевам да се изборам со сите предизвици кои стојат пред мене. Мотивацијата е клучна за успехот. Секогаш ме води желбата да помагам, да успеам, да сум секојдневно подобра и да одговорам достоинствено на предизвикот и одговорноста која што професионално ми е доверена. Секако се грижам и за семејството, пријателите и благодарна сум им на нивното разбирање за мене. Мојот син е мојата инспирација, ми дава смисла на животот и енергија да продолжам понатаму. Мојот лидер е мојот поттик.”

 

Жените во бизнисот

Слободанка смета дека правилото за еднаква застапеност на мажите и жените на пазарот на труд е од особена важност. Сите невработени лица-активни баратели на работа имаат еднаков пристап до сите услуги и мерки кои што ги реализира АВРМ. “Тоа значи дека жените имаат подеднаква можност да учествуваат во сите активни мерки и програми кои ги спроведува АВРМ. Исклучок е Проектот Поддршка за вработување на млади лица, долгорочно невработени и жени (ИПА Компонента 4), каде јасен фокус се наведените целни групи, меѓу кои се и жените.”

 

Во значително помали размери, но сепак се уште постојат одредени предрасуди и стереотипи за различната улога на мажите и жените за одредени занимања, како и различната перцепција за машко-женските работни места. Сепак, застапеноста на жената на пазарот на труд е зголемена, како и улогата на жената во секој општествен сегмент станува се подоминантна.

 

“Учеството на жените е зголемено на пазарот на труд. Претприемништвото и учеството на жените на пазарот на труд како претприемачи оди по нагорна линија. Тоа се должи на многу фактори, пред се отвореност на опшеството, надминување на полови бариери, многу отворени нови работни места, можности за вработување како што се мерките и програмите кои ги реализира АВРМ, отворање на нови капацитети на градинки, бидејќи за една мајка да може да работи нејзиното дете мора да биде згрижено итн.”

 

 

Жените во политиката

Во последните години состојбата во Република Македонија значително се менува, во однос на застапеноста на жените во политиката. Тоа значи дека жените се изборија за своето место во политиката, а благодарение на слухот на носителите на власт изменети се многу закони согласно кои се одредуваат таргети за жените во законодавниот дом, како и во локалните совети на општините. Во политичкиот живот, може да се забележи и нивната зголемена активност во јавноста и на политичката сцена, нивно учество во разни партиски тела и органи на управување, во јавни настапи и слично и во таа насока може да се каже дека жените се доста активни и застапени во политиката, а воедно и на пазарот на трудот – на раководни и менаџерски позиции, големи компании се раководени од жени менаџерки и директорки. Многу одговорни државни функции се доверени на жени кои одговорно си ја вршат својата работа.

 

За Слободанка компетентноста, вложениот труд и интегритет се навистина важни карактеристики за успех на секое поле. “И секако емоционалната интелигенција, карактеристика својствена само за жените, која не прави уште подобри.”