Search for content, post, videos

Со „популаризација“ на уметничката музика, против музичкиот шунд – м-р Сони Петровски

Неговото доаѓање на позицијата уметнички раководител на Операта при Македонската опера и балет, како дел од младиот, амбициозен и креативен тим кој ја предводи оваа национална институција, донесе ново, свежо ветре, како во неа, уште повеќе на нејзината сцена, што резултираше и со забележително зголемен интерес кај публиката за она што е дел од атрактивната програма.

Вонредниот професор м-р Сони Петровски и како композитор, но и со останатите ангажмани (професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ) оставил автентичен печат во својата дејност. Свој потпис има ставено на над 130 оригинални композиции, меѓу кои и две музичко-сценски дела – балетот „Паралели“ и операта „Леандер и Косара“, музика за рускиот филм „Хармс“, албумот „Божилак“ на Тоше Проески, како и обработки во речиси сите жанрови и стилови,  а за неговиот творечки опус се вели дека манифестира традиционален пристап кон музиката, со што ја доближува до широката музичка јавност. Она што познавачите на музичката уметност го издвојуваат како негова специфика се покрупните форми и употребата на некои веќе подзаборавени техники.

Македонската опера и балет кон крајот на минатата година доби ново гледалиште, но и најава за богата програма за претстојната сезона, со концерти, премиери и неколку вистински спектакли. По што се водевте кога ја креиравте атрактивната програма, постои ли рецепт за успешно враќање на посетителите во МОБ, а со тоа и поинакво доживување на операта и балетот од нивна страна?

„Македонската опера и балет, како национална установа, по својата природа треба да биде врвот на музичката, сценската и музичко-сценската уметност. А како единствена во државата таа треба да е во функција на целата редовна публика на оперската и балетската музика, но и на сите потенцијална консументи на уметничката музика во сите свои форми. Токму тоа е основниот концепт на раководството на МОБ, бидејќи куќата ги има сите капацитети за ваква дејност.“

Оперски и балетски претстави за деца, оперите „Евгениј Онегин“, „Дон Џовани“, „Севилскиот бербер“, настапите на првенците Борис Трајанов и Благој Нацовски, но и атрактивни уметници од странство, прошталниот концерт на „Леб и сол“, Кастинг талент шоу кој треба да финишира со најавениот мјузикл „Тајно моја“, балетскиот спектакл „Клеопатра“ се само дел од содржините што придонесоа за задоволна публика и највисоки оценки. Кои се програмските адути што ќе ја одбележат оваа година?

            „Како минатата, и оваа година МОБ работи на бројни премиерни проекти: премиери на оперите „Палјачи“, „Кавалерија Рустикана“, „Травијата“, камерната опера „Меѓу соништа и летови“ од Горан Начевски, детските претстави „Пипи долгиот чорап“, „Операта на шумските животни“, „Пролетна приказна“, оф-операта „Мастерклас со Марија Калас“, балетотот „Вечер на Бурнонвил“… Она што би издвоил е мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески, за кој веруваме дека ќе биде еден од најпосетуваните проекти во МОБ. Да не ги заборавиме „Мајските оперски вечери“, на кои публиката ќе има можност да проследи бројни гостувања на странски оперски и балетски куќи од регионот и подалеку.“

Според вас, колку на овој начин ќе успееме да се избориме со музичкиот шунд, што нѐ има преплавено од телевизиските канали до угостителските објекти?

            „Ова е единствениот начин да се бориме за сопствен простор на медиумите и во концертните сали. Многумина реагираат на концептот на „популаризација“ на уметничката музика, но мое лично убедување е дека само со агресивна кампања и одредени комерцијални „отстапки“ во програмата ќе успееме, пред сѐ, да им ги доближиме, а потоа и да ѝ сервираме квалитетни музички производи на публиката. Полните сали на МОБ и енормно зголемената продажба на билетите во изминатата година се потврда дека програмската понуда на куќата е интересна за публиката.“

Вашите музички дела се изведувани во над 30 држави, некои од нив и наградувани (на пример симфониската суита „Зодијак“), а добар дел издадени на носачи на звук. Од оваа гледна точка, кои емотивно најмногу ве допираат, а што ви буди посебна инспирација за некое следно дело, секако согласно времето што го имате за создавање музика?

            „Создавањето музика е неминовна дејност во мојот живот, без разлика на сите останати ангажмани. Постојано се обидувам да најдам малку време за создавање нови композиции, најчесто инспириран од уметници или по нарачка на институции. Би можел да ги издвојам оние што сум ги напишал во изминатиот период, како „Пијан танец-Пајдушко“, по нарачка на Македонската филхармонија, кое навистина често се изведува од повеќе оркестри во државата и во странство, циклусот „Песни од срцата“ за Ана и Игор Дурловски, музиката за рускиот филм „Хармс“. Во моментот сум еден од авторите што работат на музиката за мјузиклот „Тајно моја“, како и на уште еден крупен циклус за интересен проект, кој ќе биде промовиран оваа година.“

Дипломиравте и магистриравте на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но продолживте да се усовршувате кај еминентни композитори со светско реноме. Ваше лично мислење – кој е соодносот на талентот и усовршувањето за успех во оваа професија и како гласи „златниот совет“ за вашите студенти?

„Соодност меѓу талентот и владеење со занаетот нема значително влијание на успехот. Неминовно е да се поседува едно од нив, но што повеќе ги има и двете, толку поголем е успехот. Мојот совет би бил да се стремат да изградат сопствен творечки пат. Да експериментираат, да истражуваат во непознати музички води, да излезат од нивната „безбедна зона“.“

Во два мандата, од 2012 година сте претседател на СОКОМ.  На што сте особено горди од овој ваш период на раководење со Сојузот на композитори?

            „И во тој период, но и сѐ уште како активен претседател на СОКОМ, горд сум што како организација успеавме заеднички како фела не само да ги зачуваме сите вредности што сме ги наследиле од претходните генерации македонски композитори, туку и во одредени сегменти да го надградиме сето тоа. Денес авторот има одлични услови за творење и изведба на неговите творби.“

Ќе ве навратам уште малку назад – како основач и уметнички раководител на Ансамблот за современа музика „Алеа“, преку бројни настапи во државата и надвор од неа, ја промовиравте современата македонска и светска музика. Што се случува последниве години со „Алеа“?

„Благодарение на тој проект имав можност да запознаам стотици композиции. „Алеа“ беше резултат на студентски иницијативи со колегите, а денес заедно со дел од нив го правиме истото со ансамблот „КонТемпора“, кој работи во рамките на СОКОМ, и кој во период од 2 години успеа да донесе во живот десетици нови композиции.“

И, за крај, иако сè уште малечки, кој покажува повеќе афинитети кон музиката – ќеркичката или синчето?

            „Благодарение на сопругата Симона, кај нас дома постојано се пее и постојано се танцува на музика. И Сара и Јован се редовни посетители на сите детски претстави во МОБ, будно го следеа Кастинг талент шоуто, а особено се воодушевуваат на детското хорче „Фалсето“.“

С. Прањиќ