Search for content, post, videos

Совршена венчаница е онаа што ќе произлезе од вашата визија

Жана е ателјето каде што ќе ги најдете најуникатните венчални фустани, едноставно совршени за вашиот најубав ден. Лоцирани спроти Владата на РМ во центарот на Скопје, неминовно ќе ви го привлече погледот со белата магија што се шири од излогот. Жана постои околу 46 години, а Марија и Анкица со својот креаторски потпис стојат зад венчаниците веќе 20 години.

 

Богата понуда на модели со различен стил…

„Секоја жена има своја автентична убавина и свој стил, па  наметнувањата на модната индустрија не секогаш имаат позитивни вибрации. Моделот на венчалниот фустан е во склад со желбите на клиентите и нормално, дали прилега соодветно на фигурата на телото. Во нашето ателје има модели од секаков вид и тематика. Секако, некои сакаат поедноставни модели, но некои поекстравагантни и сексипилни. Современата индустрија веќе не ги наметнува класичните венчаници во бела боја, туку почнуваат да преовладуваат и други пастелни нијанси, со необични рачно изработени додатоци. Но, како што напоменавме, ние преку нашите модели се обидуваме да ја изразиме нашата комплетна инспирација, а не по секоја цена да ги следиме модните чекори. Тоа е начинот на кој се изразуваме. Сметавме дека треба да останеме верни на нашето долгогодишно работење и визија што ни дава инспирација за напред. Венчаниците создаваат бела, совршена убавина што изгледа толку природно, посакувано, топло.“

Најновата модна линија од ателјето Жана за современата, скромна и специфична женска убавина…

„Целта на нашите модели не е само да ја задоволи нашата визија туку и да одговори на желбите на клиентите. Секоја нова модна линија што излегува од ателјето Жана, креативно ја истакнува женската силуета, со ненаметливи специфични кроеви, како и 3Д форми кои уште повеќе ѝ даваат акцент на женственоста. Беспрекорната нежност се истакнува преку лелеавите здолништа, како и преку француската тантела што нежно се допира со женското тело. За да просперирате долго и успешно на пазарот, треба и мора да останете верни на својот стил. Точно е дека стиловите, а со тоа и желбите постојано се менуваат, но целта останува иста – да се обои женската убавина во бело совршенство што зрачи со чистота и совршеност, без да се претерува со пренатрупаноста од бои, дезени и додатоци, бидејќи женската убавина се крие во она што не е пренагласено.“

Процесот на подготовка на уметничкото дело што се крои во ателјето Жана

„Секој модел е своја приказна. И можеби не е толку важен моделот што се изработува колку што е квалитетот на материјалите од кој е изработен. При секоја креација внимаваме да се запазат повеќе елементи бидејќи во оваа професија грешките не се дозволени. Венчаницата треба целосно да се вклопува со желбите, енергијата и телото. Тогаш се добива совршена, финална слика. Квалитетот на материјалите и изработката најмногу влијае на крајниот дел. Секој има свој препознатлив стил, но во поглед на комбинацијата мора да се прифатат сугестии од професионалци, поточно од оние што се занимаваат со оваа професија. Во поглед на грешките, тие се случуваат и во несоодветна комбинација на додатоци како ракавици, вел, наметка и друго. Некои венчаници не одговараат со дополнителни додатоци бидејќи самиот фустан е доволно богат со материјали и рачно изработени додатоци на него, но тоа може да го објасни само добар моден дизајнер, со цел да не се претера во изгледот. Во поглед на изборот на венчаница, важна улога игра и свеченоста дали ќе биде мала или голема, местото за свеченост и тематиката. Како и да е, од сите нешта во добра комбинација, може да се оствари совршена венчавка.“

 

 

Секоја невеста е дама со свој стил…

„Секоја жена има свој препознатлив стил и според него таа може да биде дама. Не мора да значи дека кралските венчаници се најзастапени и репер за совршена венчаница или тесно припиените модели до телото со француски тул и тантела и сето она што го наметнува модата. Совршена венчаница може да биде секоја што ќе излезе од вашата визија. Онаа невеста што зрачи со позитивна енергија, неминовно е дека ќе изгледа прекрасно дури и да ја носи наједноставната венчаница. Женственоста е одраз на внатрешноста на личноста и нејзините желби што ги манифестира. Секоја невеста сака да изгледа совршено, а што се однесува до стилот што ние го преферираме, тој е секогаш едноставен со акцент на специфично совршените детали. Во тоа е тајната на секоја прекрасна венчаница. Некои материјали не одат во комбинација со други и неприфатливо е да се комбинираат бидејќи така ќе се изгуби тематиката и стилот на венчалниот фустан. За да бидете дама со стил и на вашата свадба, доволно е да се запазат деталите што се ваша желба како, сексипилно отворен грб, деколте, карнери или нежно припиен модел, кралска венчаница со многу тул или куса венчаница, дали ќе биде бела, бледо розова или во беж боја… сеедно, важна е само замислата, а останатото треба да го препуштите на професионалците кои во пријателски разговор ќе ви укажат дали ви прилега и ќе го одберат соодветниот материјал за вашиот фустан.“

Марија и Анкица, креаторки на романтиката во стилот…

„За да се постигне врвот во една професија мора да се работи напорно на секое поле. Покрај визиите, мора будно да го следите секое модно случување на светско ниво, саеми за венчавки и модни ревии, многу активност во нештата бидејќи модната индустрија постојано лансира новитети. Иако не преферираме да ја следиме модата туку активно го наметнуваме сопствениот стил, сепак, мора да бидете во чекор со случувањата заради материјалите, боите, додатоците… Можеби досега кај нас не беа актуелни венчаниците во боја со разиграни дезени, но модата го наметнува тоа на пазарот. Затоа сугерираме, секоја невеста да си ги следи желбите и визиите, да остане верна на она што го посакува за да може да ја доживее својата романтична фантазија. Без оглед што и да одберете, најважно е да бидете среќна и да знаете дека за тој до вас, вие сте најсовршената невеста што постои.“

Н. Пушкоска