Search for content, post, videos

Среќен сум не станав интернет коментатор! Зоран Михајлов

Многу секвенци од неговите емотивни коментари на големите спортски натпревари и денес се повторуваат, позиционирајќи го меѓу великаните, особено на спортското ТВ новинарство. Сепак, Зоран Михајлов првите чекори во новинарството ги направи во „Млад борец“ и „Студентски збор“, па потоа и во „Нова Македонија“. Присеќавајќи се на тоа негово искуство, вели: „Во ’Нова Македонија’, каде што се учеше вистинското новинарство, од тоа како се прави вест, потоа информација, па извештај од настан, коментар и слично, јас дури по 5 години минати како спортски новинар, а подоцна и уредник во весникот, добив задача да напишам извештај од еден прволигашки натпревар на ФК Вардар. Така беше тогаш, новинарот требаше да ’созрее’, па да стигне да пишува за она што е најактуелно и најтиражно за весникот“. Неодамна, пак, на СП во Лондон беше почестен со високата награда од Асоцијацијата на спортски новинари за посебни заслуги во атлетскиот спорт, како и за учество на над 13 светски првенства и 15 олимпијади.

Како ја доживеавте оваа награда?

„Беше пријатно во Лондон да се биде во друштво на великаните на светското спортско новинарство и голем број истакнати спортисти од светски ранг. За мене, по примањето на наградaта, особено импресивна беше средбата со сер Себастијан Коу, поранешниот атлетски шампион и светски рекордер, a сега претседател на Меѓународната атлетска федерација. Во еден момент, во убавата атмосфера што се создаде, му пријдов и му кажав дека јас, како коментатор на поранешна ЈРТ за подрачјето на Македонија, ја коментирав неговата трка на 1.500 метри од Олимпијадата во Москва во 1980 година, кога стана олимписки шампион. Беше изненаден, истовремено и воодушевен, зашто можеби бев единствен од сите присутни што сум бил на некој начин активен сведок на тој настан. Тогаш Коу се сврте кон другите колеги и рече: „Гледајте, овде има човек што пред 37 години ја коментирал мојата олимписка  победа“. Одекна и аплауз, па не можам да ви опишам колку бев среќен во тој момент. По толку години минати зад микрофонот, кога стигнаа честитките од колегите, меѓу кои и претседателот на АИПС – Џани Мерло, најпознатиот италијански атлетски новинар, почувствував дека, сепак, во кариерата како коментатор сум постигнал нешто што се цени и останува засекогаш запаметено.“

Зоран Михајлов со Усеин Болт

По пензионирањето, излеговте од шемата на секојдневно одење на работа. Но, дали излеговте од новинарството?

„Никогаш не сум ја напуштил новинарската шема. Дури нечујно, без помпа, заминав во пензија, а многумина и не знаеја за тоа. Некои си помислија дека сум отишол во пензија со мојот последен пренос на МТВ, од фудбалскиот натпревар Македонија – Украина одигран во Скопје во 2004 година. Тогаш само се збогував со гледачите и реков дека ќе продолжам на некое друго место. Побегнав од МТВ, поточно од Гордана Стошиќ, која како директор немаше слух за спортот. Продолжив во „А1“, со коментари на ски-магазините, потоа во „5-ка“ со коментирање на Златната лига во атлетика, за да од 2008 година почнам со хонорарна работа во „Наша ТВ“, каде што коментирав атлетика, а три сезони и Светскиот куп во скијање. Но, најмногу се ангажирав околу проектот посветен на Македонските спортски легенди, кој и денес е присутен на програмата на „Наша ТВ“, која ги почитува и им дава адекватно место на поранешните спортски асови. Имам снимено 157 емисии. За жал, тоа малкумина го знаат, но јас и понатаму продолжувам да ги претставувам легендите. Истото го правам секој понеделник и во „Нова Македонија“.“

Ваши први уредници во спортската редакција на МТВ беа Никола Солдатов и Атанас Костовски. Паметите ли некои новинарски совети од нив како побрзо да се „прешалтувате“ од печатените во телевизискиот медиум?

„Со Таско секогаш се консултирав и него и денес го ценам како прв ТВ спортски коментатор, а Никола Солдатов пред да одам на првите преноси, и тоа веднаш на СП во ракомет за жени (за моја среќа Југославија стана светски првак), ми рече: „Ако од извадените податоци во текот на преносот пласираш 75 отсто, знај дека си го ’убил’ гледачот; ако си пласирал 50 отсто тогаш е и така и така, а ако си пренел само 25 отсто и помалку – знај дека си успеал!“ И така беше… цел живот во главата ми се вртеше она Солдатовото, за податоците.“

Не секогаш сте биле еднакво говорлив на коментаторското место. Дали одредени спортови ви лежеле повеќе од другите или, сепак, некои дисциплини трпат поактивно коментирање, а некои бараат полежерен пристап?

„Прашањето ви е на место – некаде треба да бидеш поговорлив, а некаде, на пример во атлетиката, кога е старт во некоја спринтерска дисциплина, не испуштам глас! Сум го чекал стартниот истрел за да го оставам гледачот на раат да го види стартот, зашто „стотката“ минува за миг, па дури потоа сум продолжувал со коментарот. За тоа кои спортови ми лежат, би кажал – сите! Од детството бев крај кошаркарскиот терен со Лечиќ и Књазев, еден период како младинец заиграв и му бев капитен дури и на Дули Андоновски во КК Работнички. Ракомет играв за младинската репрезентација на Македонија (бевме трети во Охрид на првенството на Југославија), за атлетиката и да не говорам – бев првак и рекордер на Македонија, репрезентативец на Југославија. Во  боксот, како пионер ставив ракавици, а во скијачкото трчање во 1966 година ги бранев боите на Македонија на Мавровскиот меморијал. За фудбалот многу ми помогна периодот кога бев генерален секретар на ФК Вардар и три години, заедно со Бобек и Вишњевац, седев на клупата за време на натпреварите. Накусо, влегував во коментирањето со искуство, можев да го почувствувам моментот на пресврт, потоа кризата на тркачот или падот на концентрацијата на екипата.“

од доделувањето на наградата

Сте успевале ли да ја контролирате емоцијата, особено кога се коментира натпревар на наш тим или учество на наш натпреварувач?

„Тој што е без емоции не може да биде коментатор! Како би можел да молчам кога Русевски тргнуваше во напад и се бореше за олимписки  медал или кога Шабан Сејдиу, како 15-годишно момче се бореше во финалето за златниот медал (и стигна до него) на Медитеранските игри во Алшир -1975 година, или кога во 1991 година на Европското првенство во кошарка во Рим, репрезентацијата на земјата што беше во распад, во финалето им одржа вистинска  лекција на домаќините и го освои последното злато како заеднички југословенски состав. Како коментатор го величаш успехот, а знаеш дека уште во авионот на враќање овој тим веќе нема да постои.“

Какво е чувството кога на големи спортски збиднувања од меѓународен карактер како спортски новинар претставувате спортски супериорна земја, каква што беше поранешна Југославија, кога можевме да се пофалиме со прваци во кошарка, ракомет, ватерполо, бокс, борење...?

„Ех, камо да можеше да се врати тоа спортско време на успеси, па и помладите новинари да почувствуваат како изгледа сето тоа. Се случувало најпознати коментатори од спортските велесили да дојдат кај тебе, во прес-центарот, зашто знаат дека си од Југославија, па да те прашаат нешто за репрезентацијата во кој и да е спорт, за составот, поединците, за нивната форма. А ти, се чувствуваш некако возвишено, доминантно. Тогаш информациите одеа низ такви, непосредни контакти, зашто компјутерите „проработеа“ подоцна. И, среќен сум што ги немаше, зашто ќе бев – интернет коментатор.“

со Благој Истатов и Бошко Трпевски

Додека сме кај актуелните трендови, како гледате на повремените новинарски „експерти“ кои имаат поголема амбиција да станат селектори одошто да пренесат одреден натпревар?

„Желбата да се сугерира нешто на селекторот кај сите е присутна, па и кај коментаторите. Тоа е за да се покаже дека – еве колку добро го познавам спортот. Мислам дека на таков начин не се покажува знаењето, а дека е така, ќе цитирам дел од една изјава  на големиот фудбалски маг Миљан Миљаниќ, кој во една прилика рече: „Од 100 илјади гледачи на стадионот, дури 99.999 се селектори, па изгледа дека само јас не си ја знам работата!““

Работевте во ера без глобална мрежа и компјутери, а бевте енциклопедија со спортски податоци. Како успевавте во тоа?

„Имав тетратки и сè запишував. Кога ќе почнеше сезоната во атлетиката, на пример, ги бележев најдобрите постигнувања кај нас и во светот. Истото го правев и во другите поединечни, а и во екипните спортови. Често и директно контактирав со тренерите и спортистите, а исто така, и со колегите од другите градови и држави. Тие тетратки и денес ги чувам и од нив некогаш вадам подзаборавени податоци.“

со синот Горазд

Успеавте ли да создадете пријателство со некои од врвните поранешни или актуелни спортисти?

„Со многумина, но во најубаво сеќавање ми се другарувањата за време Шаховската олимпијада во Скопје, со двајца светски прваци – Борис Спаски и Михаил Таљ. Со првиот, три години порано, на Средбата на солидарноста имав интервју, а со вториот, секојдневно другарував, зашто тогаш бев уредник во Нова Македонија, а Таљ го ангажиравме да биде наш коментатор. Од Македонија другарувам со сите спортристи, од ЈУ-просторите со Дане Корица, Ратко Рудиќ, Жељко Обрадовиќ, браќата Качар, Дивац, Раџа, Кукоч, Маљковиќ, Бланка Влашиќ, Шекуларац, Слишковиќ, Сушиќ, а посебно би ги издвоил фудбалските легенди, за жал, покојните Миљан Миљаниќ и Стјепан Бобек и   големиот боксерски шампион Мате Парлов (сите негови мечеви, со мали исклучоци, ги коментирав). Долг е списокот… Од светските асови најмногу има атлетичари – Коу, Овет, Бубка, Морис Грин, Ауита, Колин Џексон, а незаборавна е средбата и фотографијата со Болт.“

Кога би се задржале на поновата историја, по осамостојувањето на Македонија, кој натпревар ви предизвикал најмногу емоции?

„Фудбал 2002 година: Англија-Македонија во Саутемптон. Голот на Шаќири од корнер, кој со мојот коментар се вртеше и сè уште се врти на некои реклами и преносот од ОИ во Сиднеј, кога борачот Могамед Ибрагимов го освои првиот и засега единствен медал од Олимпијадите за Македонија по осамостојувањето. Тогаш проработија емоциите и на крајот занемев, останав без здив…“

С. Прањиќ