Search for content, post, videos

СВЕТСКИ БРЕНД А МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОД – ОХРИДСКИ БИСЕР

Кога ќе се спомене оригинал што потекнува од Македонија, но од Охрид, веднаш помислуваме на Охридскиот бисер и на Михајло Филев, човекот што ги проби границите низ светот и достоинствено го претстави оригиналниот производ. Михајло е четврта генерација од неговото семејство, кој достоинствено ја продолжи традицијата и остана верен на тајната за изработка на Охридскиот бисер. Неодамна, Охрид доби уште едно автентично место што ги мами сите туристи, и домашни и странски – Музеј на Охридскиот бисер, а според Монографијата за Охридскиот бисер е снимен и документарен филм што ја имаше својата промоција на Охридско лето 2017 година.

Приказната започна вака…

„Еден руски емигрант по име Јован Субанович, кој побегнал поради неповолните услови за живот во Русија и започнувањето на Октомвриската револуција во 1917 година, дошол во Охрид и ја донел со себе тајната од Бајкалското Езеро. Во Охрид се запознал со мојот дедо Никола Филев кој бил сопственик на тогашниот ресторан Велика Србија. Стекнале големо пријателство кое било причина подоцна да му ја каже тајната за изработка на Охридскиот бисер, како подарок и благослов за тоа што пријателски се грижел за него.

Ова е доволен доказ дека во животот некои нешта се предодредени. Природата или вишата сила одлучи да се родам во семејството Филеви, кое скоро 100 години е познато по Охридскиот бисер и пренесување на тајната за неговата изработка од колено на колено. И самиот занает е дело на судбината, бидејќи во Охрид пред 100 години никој не знаел дека може да се изработи бисер. Сета магија ја крие Охридското Езеро со својата флора и фауна бидејќи била иста со онаа во Бајкалското Езеро, или поточно рибата плашица или на латински –  Albinus Albornus Alborela. Тајната се крие токму во неа, а тоа е крлушката и кожниот епител кој е многу сјаен и со примена на тајната формула се прави емулзија со која рачно се премачкуваат во повеќе слоеви бисерните топчиња што се изработени од срцевина на школка или се спојуваат две природни материи во една. Оваа тајна технологија ја знаат само две семејства, Филеви и Тилеви, кои заеднички низ сите децении како пријатна конкуренција со еснафски респект се бориме да ја зачуваме и пренесеме тајната на следните генерации.“

По макотрпното градење на брендот, денес тајната е во рацете на Михајло Филев, а сѐ започна од неговиот прадедо Никола Филев

„Моите почетоци беа од мали нозе, гледајќи го моето семејство како работат и создаваат производи од бисерен накит. Во дуќанот доаѓаа многу туристи, пријатели, еминентни имиња од сите бранши – политичари, актери, музичари… од сите страни на светот. Знаев дека нешто се прави и зад затворената вратата на работилницата, чувствував како нешто сокриваат од мене. Тоа беше така сѐ додека не сфатив дека тоа е работа со сериозен пристап, па покрај детската игра, почнав да изработувам, да учам и градам една голема љубов кон занаетот. Со текот на времето сфатив дека нашето семејство значи нешто за културата на Охрид и на Македонија. Знаев дека еден ден ќе морам да го преземам товарот на занаетот и на тајната која е единствена во светот и по која сме познати. Во еден момент, низ образованието и годините имав афинитет кон други науки како историја, географија, политички науки, па дури и фудбал, но бев свесен за тоа дека мора да се продолжи со традицијата во мој личен интерес, на семејството и културата на Република Македонија. Така се одлучив за негување на традицијата, односно занаетот, да го наградам, афирмирам и заштитам на меѓународно ниво. Покрај моето образование на Факулетот за туризам и угостителство, завршив филигранство – златарство, на тој начин сѐ да биде поврзано со традицијата, накитот и туризмот, кој е важна гранка во економијата.“

Охридскиот бисер и семејството Филеви се прочуени во целиот свет. Во 1929 година ја добиваат првата награда за накит создаден од природно потекло од страна на Кралството СХС. Една година подоцна, од кралот Борис III добиваат почесен медал, а веќе во 1957 година, Јосип Броз Тито им доделува златен медал за рачно изработен природен накит, занаетчиство, и воедно бисерот се прогласува за највреден југословенски производ…

„Професионализмот, истрајноста, упорноста и љубовта кон тоа што го правиш е универзална формула за успех на секое поле. Тоа го применувам како четврта генерација, со макотрпна работа заедно со мојот семеен тим. Мотивот го црпам од минатото на моите предци, кои успеале низ многу бурни години и историски превирања во Македонија да го зачуваат занаетот за новите генерации, така што еден ден и јас ќе го пренесам товарот и тајната на мојот наследник кој достојно пак ќе го пренесува понатаму. Според сите историски сведоштва, архивски податоци и познавање на тајната формула која преку производот е оригинален доказ и вештина, при испитување на физичко хемиските својства од страна на институциите, се работи за оригинален производ. Сето тоа придонесе Охридскиот бисер на семејството Филеви да стане заштитен географски назив, сертифициран од страна на институциите и ставен во правна рамка на Република Македонија како посебен бренд препознатлив во светот. Истото тоа го стори и Лисабонската декларација на меѓународно ниво, каде што припаѓаме и сме рамо до рамо со сите други светски брендови.

Многу еминентни звучни имиња нѐ посетија во изминативе години и за мене сите имаат исто значење и подеднакво ги почитувам. Чест и задоволство ми претставува на секој турист или група туристи да им направам презентација за Охридскиот бисер. Овој редок, поточно единствен занает, кој ексклузивно го има во Охрид, ја претставува културата на Македонија. Многуте копии на  Охридскиот бисер, трговски дуќани што бесправно го користат заштитениот назив Охридски бисер и нудењето лажни сертификати за лажно претставување, предизвикува револт кај туристите кога ќе сфатат дека се измамени. Со нашето долгогодишно постоење, квалитет, проекти, афирмација што ја правам со љубов и макотрпната работа, им докажавме на купувачите кој е нашиот идентитет.“

 

Богатата историја на старите градски семејствата Филеви и Тилеви овозможи да направат еден историски сублимат на целата семејна историја, од што произлезе Монографија за Охридскиот бисер, поддржана од Министерство за култура. Автор на монографијата е Никола Митровиќ Бабе, доктор по историски науки и архивист, и Оливера Мишева, етнолог. Потоа следуваше проектот за снимање документарен филм, како и отворањето на Музејот на Охридскиот бисер…

„Документариот филм според Монографијата за Охридски бисер беше прикажан на Охридско лето 2017 година. Направивме најдобар тим од сценаристи, браќата Кумеви, познатите глумци Владо Јованосвки, Љупчо Николски, Стрезо Стаматоски и многу други. Во делото е опфатен историски период од 100 години со сите семејни, општествени, културни случки, каде што провејува многу патриотизам и љубов,  со што предизвика голем интерес и промоција на нашата македонска вредност.

Откако занаетот е прогласен како културно наследство на Македонија, дојдов до идеја да отворам Музеј на Охридскиот бисер и тоа и го сторив. Музејот се наоѓа до катедралата Св. Софија. Изобилува со многу содржини, стари фотографии од почетоците, фотографии од сите кралици, актери, музичари, политичари што не посетиле, како и реплика на накитот. Изложени се оригиналните алатки со кои се изработуваат бисерите како и посебен дел за практична презентација на техниката за изработка на бисерот.

Во слична насока се движат и нашите идни проекти кои ќе бидат уште поголеми во сферата на производство, креирање и применување нови правци во спој на минатото и иднината, потпомогнати со нови технологии. Сѐ со цел  издигнување на културните вредности на Македонија преку Охридскиот бисер.  И, секако, врз база на документарниот долгометражен филм, се насочуваме кон игран филм со познати светски глумци, како и учество на сите познати филмски фестивали.“

Н. Пушкоска