Search for content, post, videos

Уметнички научник што ги преиспитува идеите, Сашо Саздовски

Себеси се смета за уметнички научник кој ги преиспитува идеите и секогаш се труди да дојде до ново уметничко откритие кое ќе го забележи во каменот за да остане за навек. Сашо Саздовски е уметник кој создава уметност.

Од коцки и цртање, преку графика до глина и камен…

„Моите првични интереси беа насочени кон графиката и графичките техники но, бев примен на вајарскиот оддел во Средното уметничко училиште, што можеби беше пресуден момент и ја определи мојата животна професија. Како ученик во Средното уметничко училиште ги учев основите на вајарството но, да бидам искрен, никогаш не сум ја сакал глината како материјал. Подоцна, кога се запишав на Факултетот за ликовни уметности, на часовите по вајарски техники, ми беше предизвик работата во дрво и камен. Во прва година работев единствено во дрво кое ми изгледаше поедноставно и полесно за работа бидејќи имав мал отпор кон каменот. Во втора година секој студент мораше да има скулптура изведена во камен и тогаш се случи неверојатен пресврт. Огромниот отпор и страв од каменот се претвори во огромна љубов, бидејќи каменот како материјал нуди можности кои најмногу одговараа на моите идеи и за тоа како скулптурата треба да изгледа и начинот на кој таа се обработува. Од самото детство бев опкружен со уметност. Мајка ми Лидија Саздовска, академски сликар и ликовен педагог, уште од рана возраст кај мене го забележала афинитетот кон цртање и креирање објекти од коцки. Таа има голема улога во тоа што сум јас денес. Водена од сопственото искуство во текот на моето школување, многупати ме поттикнуваше да работам и да истраам на уметничкиот пат. Од тие причини сметам дека е голема среќа и привилегија кога имате уметник во семејството.“

Скулптурата како уметнички предизвик…

„Скулптурата е многу комплексна. Отсекогаш сум сакал да експериментирам и да создавам. Сам да ја изодам сопствената патека повеќе отколку да следам нечија туѓа. Многупати сум го нагласувал фактот дека јас сум уметник, креатор кога цртам, бидејќи низ цртежот најдобро може да ги исфилтрирате идеите за да дојдете до посакуваниот резултат. Кога работам скулптура, постојат проблеми што ги решавам во текот на самиот процес кој допринесува мојата идеја да биде точно реализирана во посакуваниот материјал. Каменот е материјал создаван со илјадници години таложење и долг геолошки процес. Ние како луѓе сме само еден микро момент во сооднос со староста на каменот, затоа многу внимавам што ќе создадам од материјалот. Себеси се сметам за уметнички научник кој ги преиспитува идеите и секогаш се труди да дојде до ново уметничко откритие кое ќе го забележи во каменот.“

Идејата се раѓа од она што го носиме околу нас, од она што нè скокотка во мислите…

„Уште од мали нозе ме интересирале неистражените полиња на кои луѓето немаат јасно дефиниран одговор. Како уметник преку скулптурата сакам да направам свое визуелно истражување на одредени проблеми. Мојата прва фаза во ликовното истражување беше феноменот на бесконечноста кој е математички проблем и отсекогаш ме фасцинирал. Подоцна истражував во полето на енергијата, како таа е во константна промена, не се губи туку само ја менува својата форма.

Понатаму, базичните семејни врски како дел од глобалниот човечки феномен беа интригантни за мене. Се обидував да ги претставам различните семејни врски како основен нуклеус на нашето живеење.

Последното што го работам е насловено како „Разлики и споеви“, при што комбинирам различни материјали, мермер, камен и гранит како природни материјали наспроти плексигласот како вештачки материјал создаден од човекот.

Во последните 6 години работам како професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ и вистински уживам во работата со учениците. За мене најголема вредност што ја поседувам е моето искуство и знаење што го имам стекнато преку напорна работа. Знаењето нема никакво значење доколку не го споделите и пренесете понатаму. Споделувањето и анализирањето на проблемите и решенијата со моите ученици е мојата главна мотивација.“

Изложби, признанија, достигнувања и предизвик…

„Во моментов сум на Форма Вива во Порторож, Словениија. Тоа е еден од најстарите скулпторски симпозиуми кој успеа да ја задржи својата традиција уште од 1961 година до денес. Овде изработувам скулптура од мермер која е околу 2,5 метри кубни материјал и блокот тежи 7,5 тони. Скулптурата ќе биде поставена во центарот на градот по завршувањето на симпозиумот.

Досега имам изложувано во Обединетите Арапски Емирати, Русија, Австрија, Германија, но би ја издвоил првата награда за скулптура што ја добив во Париз, Франција.

Изложбите најчесто ги правам заедно со мојата сопруга Пандора Апостолоска Саздовска. Имам среќа што таа е визуелен уметник, и работи инсталации со политичка тематика. Заедничкиот начин на изложување ни дојде некако спонтано бидејќи и во нашиот дом сликите, инсталациите и моите скулптури некако се надополнуваат. Иако имаме различна тематика на истражување, минималистичкиот пристап кој и двајцата го негуваме можеби беше пресуден во одлуката да ги изложуваме делата во ист простор. Нашите дела беа претставени на повеќе локации низ светот, од кои би ја издвоил изложбата во Македонската мисија во ЕУ на покана на тогашниот амбасадор Никола Попоски. Имам своја скулптура во музејот Марк Ротко во Латвија. Двапати сме изложувале во Берлин, Њујорк, во Малезија учествувавме на Биенале за уметност, Индија, Австрија, каде што ја освоив специјалната награда за скулптура „Оскар Кокошка“, Португалија, Русија, Данска, Италија, Обединети Арапски Емирати каде што имам неколку скулптури во јавен простор и неколку во приватниот Музеј на современа уметност во Абу Даби, Чешка, Азербејџан и во сите балкански држави.“

Уметноста тука и уметноста надвор…

„Создавањето дела секаде е скоро исто. Доколку знаете што сакате, имате добра идеја и решеност да ја изведете секогаш може да изнајдете начин како да го остварите тоа. Пречките се понекогаш во самите нас, доколку успеете да надвладеете над себе, станувате слободен. Но, за жал, постојат пречки од финансиска гледна точка, која не секогаш ја добиваме од сопствената држава, што укажува на недоволна почит кон нашата работа и почесто нестручност и непрофесионален однос од страна на комисиите на културните институции во Македонија.

Но, без оглед, јас продолжувам понатаму, со истражувања во мојата работа и откривање нови начини за решавање на проблемите во скулптурата. Мојот следен проект после Словенија е во Доха, Катар, каде што во текот на декември ќе изработувам две монументални скулптури.“

Силвана Јованчева