Search for content, post, videos

Уметноста како медиум за искажување на внатрешните чувства

Сашо и Пандора Саздовски – Уметноста како медиум за искажување на внатрешните чувства

Во Музеј на Град Скопје се  отвори изложбата на слики и инсталација РЕ-ИЗГРАДЕНИ СЕЌАВАЊА на Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска и на скулптури МИНИМАЛНИ КОНТРАСТИ на Академскиот скулптор Сашо Саздовски. Овие сопружници се реномирани македонски уметници кои меѓу своите достигнувања ги вбројуваат изложбите во некои од најпрестижните светски музеи.

Проектот “РЕ – ИЗГРАДЕНИ СЕЌАВАЊА”  на визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска е мултидисциплинарен и претставува комбинација на слики, цртежи и објекти. Монументалните инсталации имаат за цел да ги презентираат актуелните и ангажирани визуелни истражувања на уметницата. Проектот ги истражува историските случувања и дефинира вид уметност која е создадена да постои во одреден политички момент со што на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Целиот проект содржи длабок пост-концептуалистички пристап, со цел “да се разјасни” дека уметноста понекогаш не мора да носи својствено значење само по себе, туку да дејствува како носител на тековното експериментирање и дијалог во поголема уметничка парадигма. Како концептуален уметник Пандора Апостолоска Саздовска го намалува материјалното присуство на делото до апсолутен минимум создавајќи еден вид “дематеријализација” на уметноста. Историјата, спомените и личните приказни стануваат значаен сегмент во нејзината работа. Инспирирана од секојдневниот живот таа го користаи текстот изразувајќи еден вид фрагментација на реалното како критика кон општеството во кое живееме.

Проектот “МИНИМАЛНИ КОНТРАСТИ “ на академскиот скулптор Сашо Саздовски има за цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот. Тој е дел од истражувачката серија на скулптри во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата.

Со оглед на целата ситуација како го поминувате овој пандемиски период?

Пандора – Овој пандемски период беше доста тежок. Бидејќи досега не сме имале пандемија од ваков тип ова беше едно ново искуство за сите нас. Иако човештвото низ историјата се соочувало со пандемии од сличен тип, од денешен аспект и покрај достигнувањата на медицината и технологијата на 21от век за жал, се покажа дека не сме доволно подготвени да се справиме со овој проблем на глобално ниво. И покрај опасноста од вирусот кој што кај многумина заврши трагично, мислам дека изолацијата и последиците од неа ќе бидат најтешката траума со која ќе се справува човештвото во иднина.

Сашо – Во принцип секогаш во животот работите пробувам да ги гледам од позитивен аспект и од најтешките ситуации да извлечам некакви поуки, кои би можел да ги искористам како појдовни точки за размислување. Пандемскиот период за мене беше креативно искористен во однос на размислувањата насочени кон скулптурата и бев и сеуште сум посветен кон компјутерското моделирање во 3Д програм, во кој ги разработувам моите идеи. Иако разликата во крајниот резултат е сосема видлива, во однос на техничкиот процес, идејата и нејзината реализација, мислата го следи истиот пат, од разработување на скици и нивно моделирање во тродимензионална форма. Иако тродимензионалниот програм е само илузија, односно формата се содржи во електронски запис на координати кои програмот ги разбира, тој визуелно ги содржи сите информации кои лесно можат да се споделат преку интернет или да се испратат на тродимензионално печатење. Во однос на просторноста, ваквиот начин на работа на полето на скулптурата ми дава многу јасна и прецизна ориентација како би изгледале скулптурите во простор и во меѓусебен сооднос.

Како сето ова се одразува на уметноста?

Пандора  – Уметноста е столб во секое општество. Таа има улога да поставува прашања, да критикува и моќ да менува значајни аспекти во општеството. Во многу држави во светот е сместена на пиедесталот, што не е случај со нашата држава. Во Македонија поради лошите културни политики со децении, ја доведоа културата и уметноста на маргините. Појавата на пандемијата беше само “капка што ја прели чашата” на и така лошата состојба во државата. Многу изложби и проекти беа пролонгирани или целосно откажани, се затворија галериите и музејските институции што доведе до поголемо влошување на состојбата. Повеќето европски држави развија стратегија во однос на културата како да им се помогне на уметниците во состојба на криза нудејќи им финансиска но, и морална поддршка за да продолжат да творат. Од друга страна Македонија не се обиде да изнајде решение ниту пак го постави прашањето во однос на културата и состојбата на културните работници. Министерството за Култура ги откажа скоро сите културни настани и ги повлече сите финансии без обештетување на уметниците. Истото се случи со мојот и проектот на мојот сопруг скулпторот Сашо Саздовски кој требаше да се реализира во Њујорк. Нашето барање за пренамена на средствата беше одбиено без објаснување за која цел и како беа потрошени средствата добиени на наше име.

Сашо – Јас мислам дека уметниците секогаш изнаоѓале и ќе изнаоѓаат начин како да се изразат. Затвореноста се надевам дека никому не му беше пријатна, но јас како човек сум многу прилагодлив на ситуацијата и секогаш ги преиспитувам своите ставови кон светот преку ликовниот израз. Впрочем истото тоа се случувало и низ историјата со сите уметници кои преку своето творештво оставиле видливи докази за светот кој ги опкружувал.

Дали овој период имавте нови настани и достигнувања?

Пандора – Мојата кариера во последните 20 години е насочена надвор од Македонија. Многу од проектите и изложбите што ги реализирам се поддржани од европски фондови, а во последните пет години проектите поврзани со екологијата се реализирани со поддршка од државите на Блискиот исток. Поради пандемијата со воведувањето на рестрикциите и затворањето на границите повеќето мои проекти беа одложени, а некои целосно се откажаа. Ова беше многу тежок период за мене. Немајќи поддршка од државата но, и поради неможноста за патување не бев во состојба да продолжам со мојата работа. Кон крајот на 2020 успеав да реализирам само неколку онлјан изложби на тема “Уметноста на маските” поддржано од канцеларијата на УНЕСКО во Бејрут, Либан, изложбата на графики на Националниот Универзитет во Букурешт, Романија и интернационалната изложба во Баку, Азербеџан. На почетокот на 2021 учествував на 19-то Азиско Биенале во Дака, Бангладеш и на интернационалната изложба на слики во Тунис.

Сашо – Периодов не беше погоден за физичко прусуство надвор од земјата каде што во принцип ги реализирам моите дела. Поради тоа последнава година колку што трае пандемијата успеав да реализирам неколку проекти онлајн. Преку испраќање одредени дела учествував на неколку интернационални претставувања во Романија, Либан и еден глобален проект „100 скулптори 100 маски“ кој беше поттикнат од асоцијацијата на скулптори како директна реакција на пандемијата.

Имате ли овој период инспирација за создавање уметност?

Пандора  – Уметниците во принцип истражуваат и творат во изолација, но тоа е еден вид на креативна изолација. Ова што ни се случи беше состојба во која никој не знаеше како ќе се развива и какви се последици ќе донесе. Бидејќи мојата уметничка практика се базира на истражувачка работа поврзана со социолошките проблеми новонастаната состојба ме поттикна на нови истражувања.

Сашо – Мојата инспирација за креирање на нови дела секогаш ја наоѓам во моето незадоволство во однос на досегашните дела. Постојано се трудам да изнајдам идеја која барем за мал дел ќе биде подобра од претходно создаденото дело. Инспирацијата секогаш пробувам да ја пронајдам во некои ситуации кои мислам дека се недоволно истражени или мене во моментот ми изгледаат како интересни за да се истакнат. Во последниов период ме инересираат некои видови на контрасти кои се можеби неприметливи во однос на одредени материјали. Тоа можеби се неоки длабоко интимни сензибилитети кои се таложат во  нашата потсвест во текот на животот и во одредени моменти наоѓаат начин да испливаат на површината. Некогаш самата несигурност во однос на идејата се кристализира во моментот кога ќе се сретнете со материјалот кој треба да го направите медиум за искажување на внатрешните чувства. Во многу наврати ми се случува со веќе готова идеја да тргнам кон студиото и во дијалог со материјалот да произлезе некаква неочекувана промена во однос на идејата. Тоа не се некои драстични разлики но се суптилни поместувања кои авторот на делото ги чувствува и ги контролира, во процесот на создавањето.

На што ќе се насочите овој период?

Пандора – За време на летниот период со намалување на бројот на заразени и со ублажувањето на рестрикциите во однос на пандемијата се отворија многу галериски и музејски простори така што успеавме со мојот сопруг да договориме самостојна изложба во Музејот на Град Скопје. Отворањето се случи на 18-ти август, а ќе биде поставена се до 28-ми септември.  Мојот проект под кураторство на историчарот на уметност и ликовниот критичар Златко Теодосиевски со наслов “Ре-изградени сеќавања“  е мултидисциплинарен и претставува комбинација на слики, цртежи и објекти. Всушност целиот овој период на изолација ми беше насочен кон истражување на состојбата во последната година така што проектот е еден вид на критика кон случувањата и општеството во кое живееме.

Сашо – Во моментов со мојата сопруга визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска имаме поставено две самостојни изложби кои може да се видат во Музејот на Град Скопје. Иако отворањето на изложбите е во ист период ние изложуваме во различни простории и на сосема различна тематика. Овој пат задачата беше малку поинаква. Бидејќи музејот беше во реновирање до последен момент не знаевме каква ќе биде финалната поставеност на просториите и обемноста на нашите дела. Уредовањето во просторот е исто толку важен како и самите дела така што посветивме големо внимание на тој сегмент. Бидејќи и двајцата го негуваме минималистичкиот стил решивме да оставиме повеќе празен простор за да ја истакнеме визуелната моќ на делата.

Планови во иднина…

Пандора – Во последните години фокусот на мојот интерес е глобалниот феномен на загадувањето. Поради индустриската револуција од крајот на 20 век, нашиот екосистем е загрозен. Загадувањето во суштина влијае на квалитетот на човечкиот живот. Тоа деградира сè, од водата што ја пиеме до воздухот што го дишеме. Ги оштетува природните ресурси потребни за здрав живот, затоа мора да превземеме индивидуални чекори за да го намалиме. Уметникот мора да размислува како преку уметноста може да влијае  на долгорочните промени во услови на еколошка криза. Во иднина планирам да се посветам на мојот последен проект „Утопија“ кој го започнав во 2018 година на студискиот престој во Обединетите Арапски Емирати. Тој беше платформа за социолошко истражување за да ја поттикнам јавната свест за главниот глобален еколошки проблем во светот.

Сашо – Плановите за иднината ги оставам да се случат. Во нашата работа не можете да ги планирате работите премногу однапред. Во принцип работиме на конкурси кои се организираат интернационално и ние не сме во можност да ги планираме работите бидејќи се прилагодуваме на роковите на самите настани. На моменти може да се поклопат две случувања на кои сакате да присуствувате, а има долги периоди како периодов на пандемијата кога сите работи се откажани или во мирување. Но тоа го прави животот интересен, изборот е слободата која ја имате да се прилагодите и да ги прифатите ситуациите според сопствениот ритам.

Силвана Јованчева