Search for content, post, videos

I DO… ЗА СОВРШЕНИ МИГОВИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

I Do е професионално ателје за организирање настани од најситниот детаљ  до целосна организација, кое постои од почетокот на 2012 година. Сместено во мало сокаче во близина на срцето на Битола, I Do е вториот дом на сопственичката Маријана Танчевска Симакоска, каде што ги добива сите креативни идеи, смиреност и исполнетост преку работата… Во пресрет на најубавите празници, Маријана ни говори за магичните моменти на радост и споделување…

I Do е прифаќање на љубовта, прифаќање на моментите што доаѓаат, прифаќање на заедничките желби и сплотување две патеки во една насока што ја познава само љубовта…

„Животот е како роман и секој ден е нова страница. Страница од тој живот e и  I Do. Самиот збор звучи магично, а со тоа и миговите што ги носи со себе. Ова е комплексна, но совршена професија, бидејќи ги опфаќа сите убави моменти од животите на луѓето. Јас сум директно инволвирана во сите радосни моменти на моите клиенти. Понекогаш можеби е напорно, но крајниот дел е магичен. Бог на сите ни дал некоја дарба. Работата го трансформира талентот во страст. Мојата страст е цвеќето, љубовта кон ситните детали кои прават големи работи. Фантазијата, желбата да бидам своја, уникатна, независна, да творам, да создавам беше причина да ја засакам оваа професија. Преку неа го остварувам својот сон. Среќна сум во тоа што го работам. Среќна сум што сум дел од прифаќањето на заедничкиот сон на луѓето. Среќна сум за малите работи…

Зборовите се најмалку потребни, делата го кажуваат своето!“

За да биде успешно организиран и декориран еден настан, пред сѐ се потребни инспирација и добро планирање…

„Патот до успехот е тежок. Секогаш треба да бидеме подготвени да се сопнеме и да направиме грешка на патот. Тоа е сосем нормално, особено на почетокот. За секои два чекора напред треба да очекуваме еден назад. Но, никогаш не треба да се откажеме! Борбата нѐ прави посилни, поуспешни. Секоја работа има своја тежина. Така е и со организацијата, планирањето. Најпрво треба да се има визија, цел, да се осмисли, изработи и потоа да се употреби. Користам повеќе декоративни предмети  од рачна изроботка, а за тоа е потребно  време, посветеност, концетрација.

Битно  е местото (дали тоа ќе биде отворен или затворен простор) како и темата и кои бои го користат просторот. Понекогаш самиот простор ја диктира темата, дали таа ќе биде рустикална,  елегантна, ретро, класична и сл. Но секогаш желбата на клентите е персонална и не се обидуваме да сугерираме доколку нема простор за тоа.  Исто така, битен фактор е и бројот на гостите што ќе бидат дел од настанот. Кои детали ќе бидат користени, видот на цвеќето што зависи од сезоната и сл. Но со позитивна енергија, љубов и трпение секој настан од моја страна е остварен и доживеан како траен спомен за секој клиент. Задволството на клиентот за мене е најголема придобивка. Нема подобар сон после успешно завршена  работа.“

Квалитетот е секогаш побитен од квантитетот. Тој е резултат на напорна работа, високи цели, упорност и посветеност. Секогаш настојувајте да се издвојувате од толпата…

„Мојот стил е препознатлив по материјалите што ги користам. Тантелата,  брошовите, сатенот, маркизетот и кристалите се детли кои секогаш го дополнуваат изгледот во секоја декорација. Тие се мојот заштетен знак. Исто така, особено ги  преферирам јутата и конопот кои се совршен детаљ на рустичниот стил. Доколку станува збор за стилот винтиџ кој никогаш не излегува од мода, користам стари декоративни предмети (рамки, книги, свеќници, фенери, дрвени кутии и сл.) секогаш комбинирани со свежо цвеќе. Во овој стил особено ги користам златната и бронзената боја. Ги следам трендовските случувања, но не бегам од рамките на мојот стил. На клиентите им сугерирам да ја следат својата интуиција, бидејќи секој момент е дел од нив. Стилот на секој клиент е персонален. Јас само можам да ја креирам нивната замисла. Најбитно ми е клиентот да добие што повеќе информации за сите детали и случувања. Визуелните презентации се моќна алатка. Пред настанот настојувам клиентот да добие целосна презентација на настанот што ќе го организирам. Нивното задоволство е мојот најголем успех.“

Елеганција е кога внатрешноста е подеднакво убава како надворешноста, Шанел

„Модните трендови ги следам преку социјалните мрежи и повеќе веб сајтови, но најмногу преку патувања и посети на случувања што се дел од мојата професија. Тренд  детали што доминираа оваа година беа геометриските фигури дополнети со цвеќе или свеќи. И камењата и кристалите исто така. Потоа цветната позадина и цветните обрачи. Балоните во форма на бројки и букви беа MUST HAVE речиси во секој настан. Колку поголеми толку подобри! Стилот е начин да се покажете себеси без да зборувате. Тој е особина на секоја личност. Мојот стил е романтичен, женствен, елегантен. Ја сакам романтиката (сите имаме различна визија за романтика), а особено цвеќињата. После жената, цветот е најубавото нешто што Господ му го дал на светот.“

Креативноста е енергија што се храни преку продуктивни нешта

„По природа сум амбициозна и самоуверена, сакам нови предвизици, напредок, успех, така што успевам да избалансирам со останатите обврски. Сакам позитивни луѓе, патувања, добра книга, добар филм и мислам дека тоа е она од кое секој од нас треба да црпи енергија. Сакам медитација, јога и театар. Мислам дека не само ние што се занимаваме со креативна професија, туку апсолутно сите, треба да се релаксираат со продуктивни нешта. Обожавам да готвам и да експериментирам со храната. Можеби затоа и во професијата секогаш сакам да внесам нешто ново и интересно. Си поигрувам со бои и материјали. Но, уредноста мора да биде на прво место. Мора сѐ да биде наредено како под конец. Тоа е дел од мене.“

Животот се состои од моменти. Секој момент претставува доживување и искуство во животот. Со позитивна енергија секој момент може да се претвори во оаза на задоволство…

„Само убавите моменти можат да остават траен спомен во срцето. Насмевката има најголема моќ, затоа подарете насмевка, прегратака, убав збор, комплимент. Уживајте во својата свадба, роденден, запросување… Едноставно – уживајте во миговите. Најдобриот начин за да ја предвидиме сопствената иднина е да ја креираме. Иднината припаѓа на оние што веруваат во убавината на својот сон. Имајте цел, план во животот. Мојот сон, моите планови, мојата цел е секогаш поврзана со I Do. Би посакала што повеќе можности, патишта за напредок, патувања, повеќе љубов, среќни луѓе што споделуваат убави моменти. Верувам во љубов, во среќа, во моќта на жената. На крајот на денот, секогаш му велам „I Do# на животот, на моите соништа и желби. А со тоа и му ветувам дека никогаш нема да се откажам од нив. Тоа ви го посакувам и вам!“

Н. Пушкоска