Search for content, post, videos

ЗДРАВ ЖИВОТ, СРЕЌЕН ЖИВОТ

Брзиот начин на живот ги помести и нашите здрави навики, па се повеќе се среќаваме со здравствени проблеми предизвикани од хормонални пореметувања и недоволна физичка активност. Јосиф Дамјанов, многу добро познат на македонската јавност како „Coach Josif” а воедно и Co Founder на FitKit е љубител на здрав и активен живот, кој ги иснспирира лугето со својата приказна и позитивниот пристап кон животот.

Секој почеток е тежок

Се родив и пораснав во Велес. Животот ми течеше нормално, како и на секој млад човек. Потоа заминав во Скопје на студии. Дипломирав на ПМФ – софтверско инженерство. При крај на студиите препознав дека во мене постои претприемачки дух и дека сакам да се обидам да почнам свој бизнис. Во тој период имав 25кг вишок, дополнително стигнаа лоши вести за здравјето на татко ми и тоа беше причината поради која што запливав во водите на здравје и велнес.

Се повеќе хормонални пореметувања кај младите поради лошиот начин на живот…

Ако ја погледнеш фактичката ситуација и слики, јасно е дека се повеќе луѓе имаат вишок килограми и болести во кои главен причинител е животниот стил. Тоа покажува дека не внимаваат. Денешните метаболички пореметувања како хормони, замастен црн дроб, проблеми со дигестија и столица, или други изместувања на крвната слика се во најголем дел предизвикани од неактивност и лоша исхрана. Филозофијата дека треба да почнам со добра исхрана и физичка активност откако ќе почнам терапија или уште пострашно откако терапијата веќе нема да функционира, за мене е најнеодговорниот пристап на живеење. Не треба да дојде до терапија за да почнеш да живееш поквалитетно, а кога веќе и лековите не ти помагаат, тогаш јас немам совет или решение за таа личност.

Грешката кај диетите и прегладнувањето

Грешката е што луѓето во трка за побрзо и повеќе се вртат во круг. Ниедна диета која има име и подразбира гладување и рестрикции на долг рок не носи резултати. Прво, никој не сака да живее во режим и рестрикции и кога тогаш ќе дигне раце. Второ, барајќи ја идеалната диета, секогаш ќе живееме во фрустрација бидејќи секогаш ќе постои некој што намалил повеќе или побрзо. Ќе мислиме дека туѓата диета е подобра. Дебелината не доаѓа од немање диета или апче за слабеење и добра исхрана не значи рестрикции, туку богатење на исхраната. Затоа континуитет и хранлива вредна исхрана се клучот.

Протеинските кремови COACH JOSIF’S омилени на пазарот…

Линија на продукти не ми беше на радарот воопшто, но пред 3 години мој драг пријател ми ја наметна оваа тема и ми предложи да ми прави продукти под мој бренд. Решив да скокнам во таа игра и да понудиме на пазарот вкусни продукти кои што ќе бидат здрава алернатива од оние наши задоволства и вкусови во кои секој од нас сака да ужива. Така се родија кремовите и намазите COACH JOSIF’S. Во моментов се достапни во Веро, Рамстор и во онлајн продажба.

Време на пандемија- намален имунитет и претераното конзумирање на суплементи…

Прво е важно да знаеме дека имунитетот не се создава и подобрува од еден нутритент или додаток во исхрана. Имунитетот учи, се ојачува и да станува поспособен за борба доколку има спаринг партнер и кога е изложен на ,,непријателски оган,,. Се разбира, добрата исхрана и физичката активност градат добра инфраструктура и арсенал на оружје и муниција за борба, но хистеријата од трупање со суплементи и таблети е тотално непотребна и погрешна. Доколку внесуваш додаток во исхрана без да си сигурен/на дека имаш недостаток прави поголема штета. Нормално, тука се и придобивките од здрав сон- повеќе енергија, помалку потреба за калорична храна, подобро ментално и кардиоваскуларно здравје. И нормално, за здрав метаболизам, барем 3 оброци во денот. 8-10 чаши вода дневно и 150 минути физичка активност во неделата.

Суплементи кои се потребни во секојдневното живеење…

Тоа е индивидуално и секој треба да знае за себе кои му се потребни. Конкретно јас користам растителни влакна, алое вера и омега 3. Витамини, минерали и антиоксиданси- не. Но, секој најдобро знае за себе. Нормално, потребна е едукација и трпение.

Остеопороза и како до полесен живот и справување со неа…

Прво консултација и соработка со лекар. Второ, нормална килажа. Трето, исфрлување на сокови, процесирана храна како благо, грицки и сувомеснато. Четврто, движење, најмалку 3 оброци и вода.

Неколку совети за правилно тренирање…

Тенденцијата за барање најдобар дел од денот за вежбање е погрешна. Секој од нас треба да биде активен во оној дел од денот кога за него/неа лично најмногу одговара. Само така ќе може да го прави во континуитет, отколку барајќи го идеалното време да увиди дека не му одговара поради останатите дневни обврски. После тренинг е добро да се има комплетен оброк или протеински шејк.

Совет за оние кои се на почеток на здрав начин на живот преку исхрана и тренинг…

Ако си на почеток, мора да почнеш чекор по чекор. Не почнуваш се наеднаш. И оброци и вода и вежбање. Некогаш станува пренапорно кога се обидуваме да жонглираме со повеќе топчиња од што можеме. Почни со повеќе вода и појадок. Второ почни да исфрлаш процесирана храна и замени ја со многу зеленчук. Труди се да имаш 3 оброци (појадок, ручек, вечера) и по потреба некоја ужинка. Престани да јадеш 2-3 часа пред легнување.

Придобивките од Омега 3…

Тоа е повторно индивидуално. Секој нутриент во нашето тело вклучително и омега 3 е потребна цела година. Никој од нас не се прашува дали кислородот и дишењето е потребно цела година. Да, потребно е секој ден. Суплементирањето со омега 3 постои и кај мене од причина што сепак сме поднебје кое што не е научено да живее со морска храна како мoрски риби и морски плодови. Доколку имаш барем 3 оброци во неделата со морска храна, тогаш не треба омега 3. Но, повеќето немаме.

Мотивациски совети за крај…

Немам слика за живот без проблеми. Ние сме човечки суштества и подарени ни се интелегенција, комуникациски вештини и емоции. Кога ќе стане секој од нас свесен дека секој ден од животот е барање решение и решавање проблеми, ќе почне да биде благодарен и да си ужива во процесот. Сите ние сме ранливи. Криењето на ранливоста не те прави попозитивна личност. Прифаќањето на ранливоста е тоа што ме ослободува и ме прави опуштен.

Надица Пушкоска