Search for content, post, videos

1001 начин да го конзумирате костенот…

Навраќање кон корените – костени

Време е за празнување, насмевки, топли прегратки и секако вкусна трпеза… А празничната и зимска трпеза никако не може да се замисли без малите вкусни кафеави плодови, секому добро познати – костени.

Дали сте знаеле дека питомиот костен, на латински Castanea sativa, е еден од првите плодови кои ги јадел човекот?

1001 начин да го конзумирате костенот…


Чајот од костен ги ублажува симптомите на астма и кашлање: една рака свежи листови од костен (или половина рака суви листови) прелијте со половина литар жешка вода. Откако ќе отстои, процедете и пијте три пати по една чаша на ден.
Тоник од костен е особено препорачлив (меѓутоа подготвен од фармацевти), за лекување на хемороидите, како и при појава на воспаление на вените.
Костеновиот мед е многу здрав и ја подобрува циркулацијата, помага кај гастритот, анемија и физичка исцрпеност.
Кората на костен е богата со танин (содржи повеќе од 10% танин) и се употребува како средство за затегнување на површината на слузницата и при повреди на кожата.
Игличките од надворешната кора на костенот се користат како чај за запирање проливи и крварења од хемороиди, како и при надворешни повреди на кожата.
Варените костени ја прочистуваат крвта од вишокот на вода.

Костенот во кујната…
Костенот најчесто го конзумираме варен или печен. Мирисот на печени костен во зима додека шетате низ улиците на вашиот град буди единствени спомени и прекрасно чувство. Еве уште неколку предлози како да уживате во зимата со трпеза полна со костени…

* Густа супа од костени
Состојки: 3 лажици масло, 1 рендан морков, 1 гранче целер, 1 чешне рендан лук, 6 чаши доматно пире, ¼ чаша сечкан свеж магданос, 2 листа ловор, половина килограм лупени костени, ¼ чаша соино млеко, сол и црн пипер
Подготовка: полека пржете го морковот, целерот и лукот околу 10 минути, потоа додајте го доматното пире и убаво промешајте, додајте го магдоносот, ловорот и костените и оставете да се вари на тивок оган околу 30 минути. На крај убаво измешајте, додајте го соиното млеко и оставете уште малку да проврие, а на крај зачинете по вкус.

*Салата од костени, портокали и мандарини
Состојки: 700 гр. сечкани варени костени, 250 гр. сечкани мандарини и портокали, ¼ чаша соја сос, 2 лажички јаворов сируп, 1 лажичка сок од лимета или лимон, малку бадеми за украсување.
Подготовка: помешајте го сокот од лимон со јаворовиот сируп, додајте ги останатите состојки и убаво измешајте. По желба додајте сируп или сок од мандарини. Послужете во чаши. Салатата можете да ја украсите со бадемчиња.

* Торта од костени
Состојки: (за тестото) 5 јајца, 5 големи лажици брашно, 5 големи лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, (за кремот од костени) ½кг пире од костени, 200гр путер, 200гр шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 мала лажица рум, 100гр чоколадо за готвење, 1дл вода, 1 кесичка шлаг, 2дл хопла.
Подготовка: состојките за тестото изматете ги со миксер. Тестото ставете го во претходно подмачкан калап за печење. Печете на 220℃ околу 20 минути. Во меѓувреме, измешајте ги водата и румот. Додајте ги шеќерот, ванилиниот шеќер, путерот и чоколадото. Сите состојки мешајте ги на умерен оган, сѐ додека не се соединат. Вака подготвената смеса додајте ја на пирето од костени и убаво измешајте да добиете компактна смеса. Изматете го шлагот па и него додајте го на смесата со костени. Калапот во кој ќе ја ставите тортата обложете го со фолија и премачкајте со путер. Истурете ја смесата од костени, а врз неа ставете го тестото. Оставете да стои во ладилник во текот на ноќта. Следниот ден извадете ја тортата од калапот, така што ќе ја свртите, тестото да дојде одоздола. Украсете со претходно изматената хопла.

* Колач од костени и бисквити
Состојки: (за тесто) 40гр пресен квасец, 400гр.брашно, 250гр маргарин, 1 јајце, 1 жолчка, 100гр шеќер, 50мл млеко; (за филот )
300гр костен пире, 150гр мелени бисквити, 50гр шеќер, 200мл слатка павлака, 1 јајце.
Подготовка: ставете го квасецот во млако млеко, додајте лажица шеќер и лажица брашно и чекајте да нарасне. Измешајте ги брашното, јајцето, жолчката и маргаринот, додајте го и квасецот и замесете тесто. Готовото тесто оставете го да стои 30 минути на топло. Во меѓувреме измешајте го костен-пирето со мелените бисквити, шеќерот и павлаката (претходно изматена). Тестото развлечете го да биде тенко, а потоа врз него намачкајте го филот. Завиткајте во ролат и ставете да се пече во претходно подмачкана тава на температура од 170 степени околу половина час.

*Слатки детски раженчиња од костени
Овие раженчиња од костени се одлична идеја за роденденската забава на вашето дете.
Состојки: 100гр мелени бисквити, 200гр костен-пире, 100гр путер, 200мл слатка павлака, 50гр шеќер, 50гр чоколадо и прелив од чоколадо.
Подготовка: измешајте ги сите состојки. Од добиената смеса обликувајте топчиња и нанижете ги на пластични стапчиња. Потоа оставете ги да отстојат на студено место за да се стврднат. На крај прелијте ги со чоколадниот прелив и послужете им ги на дечињата!

Силвана Јованчева