Search for content, post, videos

Пред и зад фотографскиот апарат – Ли Милер

Годинава, на 27-ми април се навршуваат сто и четиринаесет години од раѓањето на досега ненадминатата надреалистичка уметничка која најголемиот дел од животот го поминала пред и зад фотографскиот објектив. Затоа, голем број музеи ширум светот организираат изложби на нејзините фотографии, пред и зад објективот, а се најавуваат и публикации на нови моменти од животот на “андалузиската кучка”, како што ја нарекувале многумина колеги поради комбинацијата на убавина, поетика и префинетост од една страна, и суровост, гротескност и страдање од друга.
Младоста ја поминала во Њујорк, заедно со родителите и братот. Татко и бил инженер и прилично амбициозен фотограф аматер, кој често ги шокирал сограѓаните преку неговите постапки. Чашата на моралот се прелеала кога ја соблекол ќерка си и нејзините другарки, и ги фотографирал во гадливи пози. На седумгодишна возраст ја силувал близок семеен пријател и притоа ја заразил со гонореја. За траумата кај девојчето да биде поголема, во извесна мера придонела и мајка и, несвесно, преку грчевитото “чистење” на заразата со хлорна вода. Во пребродувањето на психичките последици од силувањето најмногу и помогнал семејниот психијатар кој се обидел да и објасни дека љубовта и сексот се две сосема различни работи. Следната трагедија и се случила кога имала четиринаесет години – нејзиното момче се удавило пред неа, додека се трудел да ја восхити правејќи акробации во вода. Сето тоа оставило длабока лузна во нејзината душа. Едновремено изградила исклучително силен одбранбен механизам како, на пример, надреалистичкиот свет на соништата, кој и помогнал да ги заборави траумите од нејзината адолесценција.
Ли знаела што сака уште пред официјалното настапување на зрелоста. Бидејќи ја привлекувал боемскиот начин на живеење, на осумнаесетгодишна возраст отпатувала во Париз каде што запишала шестмесечни студии по сценско осветление и сценографија. Освен што веднаш се вљубила во градот, на прв поглед се вљубила и во нејзиниот ментор. Но, набргу дошла мајка и, за да ја спаси ќерката од натамошното паѓање во бездната наречена вљубеност, и ја вратила дома. Додека работала во локалниот театар на сценско осветление, напоредно посетувала курс по танц во Њујорк. Еден ден, прилично вознемирена, се обидувала да ја премине улицата преполна со забрзани автомобили кога непознат господин ја турнал на тротоарот за да не ја згазат. Нејзината убавина ја забележало професионалното око на спасителот, инаку сопственик на Вог, и оттогаш не ја “испуштал” од раце. Следните две години таа била најбаран фотомодел во “Големото јаболко”. Брзиот успех најмногу се должел на долговременото позирање пред објективот на татковиот фотоапарат. Во дваесет и втората година целосно и се посветила на уметничката фотографија. Тогаш, во Париз почнал да се развива правецот во уметноста кој се стремел кон претставување на ирационалното и неизвесното, во кое фантастичноста и реалноста се мешаат произволно, чиј зачетник бил Ман Реј. Ја обожавала неговата работа, па набргу, додека американскиот фотограф седел во едно париско бистро, Ли му пришла со зборовите: “Јас сум вашата нова студентка”. Оттогаш биле неразделни, цели три години. Великанот на надреалистичката фотографија едноставно ја обожавал, иако често ја опсипувал со изливи на љубомора. Патолошки, се разбира. Неколкупати се обидел да изврши самоубиство, а знаел и да прошета низ Париз со пиштол во џебот, и да се закани секому што “под око” ја погледнувал. Патем бил опседнат со нејзиното тело, посебно со нејзините градите. Но како одговор на неговото патолошко однесување, набргу следувала и нејзината реакција. Еден ден таа зела ампутирани дојки од градската болница, ги ставила во чинија со вилушка и нож, и ги фотографирала. “Бон апетит, Реј”, напишала на фотографијата што му ја подарила. Тоа бил пресудниот момент во многу работи. Нејзините дела почнале да ги засенуваат неговите, и… На повидок бил крајот.
Откако го отворила своето студио и ги привлекла познатите модни дизајнери, како Коко Шанел и многу други, таа станала толку славна што речиси секојдневно била присутна во медиумите. Вниманието на јавноста го привлекувала со впечатливите фотографии, дивергентниот начин на облекување, со необичниот животен стил. Косата ја истрижала сосема кусо, со боцки, а наголемо почнал да се пие шампањ од чаши во форма на нејзините гради, дело на еден од нејзините бројни обожаватели. Поради нејзиниот исклучително активен друштвен живот, Реј почнал манијакално да ја следи, така што Ли била принудена да го напушти Париз и повторно да се врати во Њујорк. Набргу отворила студио со брат и, и станала мегапопуларна. Уметничките критичари ја воздигнувале до небесните широчини.
Две години потоа, славната Ли се омажила во Египет со тамошен бизнисмен, и веднаш ја шокирала каирската буржоазија со нејзиното слободно однесување. Во исто време почнала да посетува и школа за медицински сестри, а секоја прошетка низ пустината ја користела за фотографирање. Оттогаш се и преубавите фотографии на пирамидите во Гиза и онаа на пустината, снимена преку искината мрежа. По неполни три години, Ли повторно се вратила во боемскиот Париз, каде што го запознала познатиот англиски писател, сликар, колекционер и голем заговорник на надреализмот, Роланд Пенроус, и стапила во брак со него. Заедно со уште неколкумина современици, како на пример, францускиот поет Пол Елуард, мултиталентираниот Французин Жан Кокто, американската авторка Гертруд Стеин итн., отпатувале во јужниот дел од Франција, и неколку седмици останале кај Пабло Пикасо и неговата пријателка Дора Мар. Освен што се дружеле, Ли направила безброј заеднички и поединечни фотографии на пријателите. Од друга страна, пак, Пабло Пикасо ја портретирал Ли дури пет пати.
Втората светска војна го означила почетокот на новото поглавје во животот на американската уметничка. Тогаш живеела во Лондон со Роланд. По долго натегање со британската влада околу нејзиниот ангажман како воен фоторепортер, зашто била жена, конечно успеала да се вработи во едно дописништво, фотографирајќи ги ужасните призори во Европа. Сликала се. Од повеќето фотографии многумина се згрозувале. Дури и уредниците на најчитаните лондонски весници. Се сомневале во нивната веродостојност, мислеле дека се е монтажа. Сепак, данокот на војната бил прилично морбиден. Остатоци од човечки тела, мртви и едвај живи. На крајот од војната, Ли била хроничар на ужасот во нацистичките логори на смртта. Но, сите фотографии не биле такви. Некои допреле и полесни теми. На една од нив е Ли Милер додека се капе во кадата на Хитлер, откако успеала да влезе во неговата напуштена минхенска куќа по напредокот на сојузните сили. Очигледно, стравотиите на војната ги прифаќала студено, но како што се покажало подоцна, тоа било привидно, зашто крајот на војната значел и крај на нејзиниот живот. До смртта мразела се што е германско.
Нагли подеми и падови ја одбележале втората половина од нејзиниот живот. Неколку години по завршувањето на Втората светска војна, Ли му се вратила на Роланд, се венчале и се преселиле во руралниот Сасекс. На почетокот му се посветила на фотографирањето за Вог, кога всушност ги овековечила Чарли Чаплин, Марлен Дитрих и многу други, а потоа засекогаш ја заклучила фотографската опрема на таванот и целосно му се посветила на мајчинството. Нејзиниот син Антони Пенроз се уште живее на фармата Фарли, каде што таа починала од рак во 1977 година, на седумдесетгодишна возраст. Последните години била престрашена од военото искуство, и имала голем проблем со алкохолот и депресијата. Авторските права на приказната за нејзиниот живот и ги продала на актерката Никол Кидман. Сценаристот во филмот “Часови” го направил и сценариото базирано врз книгата на Антони Пенроз, “Животот на Ли Милер”, во која пишува дека неговата мајка низ фотоапаратот го гледала светот на неочекуван начин, талент карактеристичен само за надреалистите.