Search for content, post, videos

Карминот е како стилот, никогаш не излегува од мода

Една жена во својот живот троши 3 килограми кармин, што уште еднаш докажува – усните се тие што го привлекуваат вниманието.

Карминот е како стилот, никогаш не излегува од мода. Пронајдете ја вашата нијанса и никогаш не се откажувајте од неа. Секако, за излегување и разни забави секогаш можете да експериментирате и со други, нови нијанси, но за секојдневна употреба, на пример за на работа, одберете си одредена нијанса на кармин која ќе биде дел од вашиот стил.
Настојувајте бојата на карминот да ја прилагодите кон вашиот тен. На пример, постудените тонови (оние сините кои се наоѓаат при крајот на спектарот на бои), подобро ќе одговараат на посветол тен, додека топлите тонови (оние кои се поблиски до црвената и портокаловата) се многу подобри за потемниот тен.
Вистинско време…
Одберете ја својата боја имајќи го на ум делот од денот кога ќе го нанесувате карминот. Во работното време (од 8 до 16 часот) или во дневна варијанта одберете топли и кремасти нијанси. Подобро одберете розов кармин отколку црвен. Освен тоа, розовите нијанси (како боја на праска, на пример) подобро ќе изгледаат и под неблагодарните светилки на канцеларијата. Вечерните излегувања воедно значат и пожестоки бои на усните. Светлото е помеко и не се гледа секоја точкичка, па ако имате темен тен слободно одберете силно црвен кармин или ако имате светол тен одберете нијанса на фуксија.
Кармин или сјај…
Дали ќе одберете сјај или кармин за усни, зависи само од вас. Имајте на ум дека сјајот се нанесува полесно (можете да го нанесете и без да се гледате во огледалото), но онака како што се нанесува лесно на усните, така лесно и исчезнува од усните.
За разлика од него, карминот е попостојан, но неговото нанесување ќе ви одземе повеќе време. Особено ако станува збор за некоја посилна нијанса и “потежок” кармин. Таквите кармини не се ни обидувајте да ги нанесувате “на памет” (без огледало) и бидете исклучително внимателна при нанесувањето. Ако излезете надвор од линијата на усните, тешко ќе го избришете без последици.

Сјајно или мат…
Дали усните треба да светкаат или да бидат мат? Нема да згрешите ако вашата дневна варијанта биде мат, а  вечерната сјајна. Но тоа не мора да биде правило. Ако имате потенки усни, сјајот визуелно ќе ги зголеми. Сепак, светкавите оставете ги за вечерни излегувања. Експериментирајте и пронајдете го она што најмногу ви се допаѓа – можеби ќе биде кармин со потемна боја и без сјај, можеби неутрална сјајна нијанса на кремастиот кармин, а можеби и ултралесен сјај кој ќе ги направи вашите усни неодоливи…
Комбинирајте…
И на крајот, баш како и во се друго, комбинирајте! На тој начин ќе ја збогатите својата палета бои за усни, а нема да ве чини воопшто. На пример, ако со молив исцртаните усни ги исполните со сјај тие ќе изгледаат природни, по нанесувањето на потемните кармини, исто така можете да ги осветлите со малку сјај. Ако и сјајот е во боја, ќе добиете сосема нови нијанси.
И уживајте во погледите кои ќе ги привлечете со совршените усни!