Search for content, post, videos

Кога работата почнува да ви го нарушува здравјето…

 

Животот во последните неколку години се сведува на работа, работа и… толку. Станува очигледно дека време за себе имаме се помалку. Како да сме робови на својата професија, потчинети на нејзините барања. Дали чувствувате дека во работата не се штедите себеси, дека ви го зема најубавото од животот, уживањето? Тоа не значи дека вашата професија не ви причинува задоволство, напротив. Само кренете ја рачната и сменете го начинот на кој функционирате. Конечно, никој нема да ви рече „благодарам“ за тоа што сте целосно посветена на работата. Затоа дајте си малку оддишка.

Резултатите од истражувањето што го спроведе Медицинскиот институт во Лондон покажуваат дека состојбата на телесна или психичка напнатост или, поточно, стресот предизвикан од работата се поврзува со губење самодоверба и депресија, и со коронарни срцеви болести. Од друга страна, пак, Амариканката Марсел Пик, лекарка по професија, во The Huffington Post го разработува прашањето што стои зад “потребата” непрестајно да работиме. Зошто сме приморани да бидеме продуктивни цело време иако знаеме дека тоа не е добро за нас? И, што е најважно, како да излеземе од маѓепсаниот круг во кој се вртиме?!

Како работата влијае на здравјето?
Без оглед колку ја сакаме, работата предизвикува стрес. Тоа значи дека во нашиот организам се случуваат промени. Симпатикусот (дел од вегетативниот нервен систем што го сочинуваат нервните ганглии; се наоѓа на обете страни од р’бетниот столб во вид на две вериги) се активира и, хормоните на стресот како, на пример, адреналинот и кортизонот растат. Таквиот процес не е штетен за здравјето се додека не почне да се повторува често. Ако работиме постојано, непрекинато, без притоа да се одмораме, нашето тело ќе биде под стрес, и тешко ќе закрепне. Тоа го намалува имунитетот, го зголемува количеството шеќер во крвта, го забрзува отчукувањето на срцето и го отежнува дишењето, што, пак, доведува до неурамнотежена работа на тироидата (штитната жлезда), проблеми со помнењето, умор и покачување на телесната тежина.
Штом го активираме парасимпатикусот (дел од вегетативниот нервен систем што управува со органите чија работа се одвива без учество на волјата на човекот – срцето, желудникот, бубрезите и др.), познат и како регулатор на “одморот и варењето”, го намалуваме стресот, а организмот го враќаме во рамнотежа. Со придушена светлина или свеќи, музика, капење во топла вода, масажа, длабоко дишење можеме да се релаксираме. Но, такви услови на работа немаме. Речиси цело работно време седиме пред компјутер, под флуоресцентно осветление, во трка со рокови… да се докажеме пред претпоставениот. Сето тоа доведува до стрес.

Зошто работиме толку многу?
Постојат безброј причини. Можеби ситуацијата дома ни е лоша, па одолговлекуваме да си одиме, можеби очајно ни требаат пари да се прехраниме, да ги платиме сметките, да го отплатиме кредитот, можеби тежнееме кон повисок статус, да ја постигнеме целта. Или, можеби, веќе ни се вкоренети навиките кои произлегуваат од капиталистичката идеја дека работата е добра и дека само така можеме да ги оствариме соништата. Никој не вели дека причините не се оправдани, дека работата не е задоволство, но често знаеме да отидеме предалеку. Работиме и дење и ноќе, не го исклучуваме ни компјутерот ни телефонот, дури и кога навидум одмораме, што е многу ретко, зборуваме за професијата. Малку време минуваме со луѓето кои ги сакаме. Факт е дека работата е важен дел од животот, но не мора да биде најважен, ниту, пак, единствен.

Како да ја прекинете работата кога чувствувате дека почнува да ве заморува?
Доколку забележите дека веќе го плаќате данокот (симптомите се јасни: анксиозност, депресија, несоница, умор…), постојат методи кои можете да ги испробате. А оние, пак, што мислат дека работата нема да им наштети, а сепак ги слушаат приговорите на блиските дека премногу работат, можат да направат извесни промени, барем за почеток.

* Издвојте еден ден во седмицата кога ќе го исклучите компјутерот и телефонот. Истражувањата покажуваат дека и проверувањето и-мејл може да биде стресно. Самото очекување или порака со неубава содржина знае да ви го упропасти денот. Најдете време да читате книга или списание, да гледате филм, да излезете надвор да прошетате, да се дружите со пријателите, семејството. Размислете околу алтернативното решение, во петок да си заминете дома порано, на пример, да земете слободен ден. Впрочем, се е прашање на договор со шефот. Ако не забошотувате на работа, сигурно ќе ви одговори позитивно.
* Доколку имате мали деца, наоѓањето беби-ситерка нека ви биде приоритет. Дури можете да ангажирате една која ќе ги чува вашите и децата на пријателите. Така и буџетот ќе го расподелите поинаку, а можете и да заштедите.
* Занимавајте се со некое хоби што нема да ве исцрпи туку, напротив, ќе ви ги наполни батериите. Истото важи за другите активности со кои сакате да се занимавате. Ако можете да заработите од нив, ќе бидете презадоволна.
* Истражувајте, можеби ќе откриете нешто ново со кое во иднина би се занимавале професинално. Па и да треба да се дошколувате, вреди. Барем до пензија ќе уживате во работата, без големи стресови.
* Евалуирајте ја работата на крајот од денот. Бидете сигурна дека никогаш нема да завршите се што сте си задале самата или вашиот шеф бидејќи често се преценуваме, а и секогаш не оди како што сме планирале. Затоа не плашете се да си кажете: “Доста е за денес, сработив многу”. Утре е нов ден, и продолжете.
* Обидете се да најдете рамнотежа меѓу професијата и работите кои ги сакате. Доколку сакате да танцувате, запишете се на курс по танц, ако сакате да фотографирате, направете го тоа. Така ќе се избистрите, и во лицето и во мислите и во погледот, ќе се наполните со позитивна енергија и… ќе бидете попродуктивна.