Search for content, post, videos

70 ГОДИНИ ОД ПРВАТА НАЦИОНАЛНА ПОСТАВКА (1951-2021)

 

 

На 9 септември 2021 година, во објектот Даут пашин амам, во 20 часот ќе се отвори изложбата со наслов „70 години од првата Национална поставка” (1951-2021)

На изложбата ќе бидат застапени повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури) подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година. Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија. Во овој период направени се трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: „Даут – пашиниот амам“ е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија.

На 2 август 1951 година, на свеченото отворање на Галеријата биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.

Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата Поставка во тогашната „Картина” или “Уметничка”, а денес Национална галерија на Република Северна Македонија, навидум временски краток, но долг и богат, професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите кои се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени.

Изложбата ќе биде достапна за широката јавност до 13 октомври 2021 г. а свечениот чин на отворање на 9 септември ќе биде пропратен со музички настап.

Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова

Според актуелните пропишани протоколи, ве известуваме дека задолжително е дезинфекција на раце, носење заштитни маски, како и потврда за вакцинација/прележан вирус.

Национална галерија на Република Северна Македонија