Search for content, post, videos

А колку се сакате себеси?!

Пред да почнете да го читате текстот, затворете ги очите и поставете си го следново прашање: Колку се сакате самата себе?

Љубовта е вештина, умеење и бара вложување на извесен труд. Љубовта не е чувство кое може секој да си го дозволи без оглед на постигнатиот степен на зрелост. Љубовта можат да си ја дозволат само оние луѓе кои активно ја развиваат својата целокупна личност, а со самото тоа и способноста да сакаат на еден продуктивен начин.

Повеќето луѓе проблемот на љубовта го сфаќаат како проблем “да се биде сакан”, поточно да се прима, а не како способност да се сака, да се даде љубов.
Во нашата култура е сосема нормално да се зборува за љубов кон одреден објект – љубов кон мајка, кон дете, партнер, брат, бог – а многу малку се размислува за љубовта кон себе. Во контекст на тоа широко е распространето мислењето дека љубовта кон другите е доблест, а љубовта кон себе е грев, порок. Се тргнува од ставот дека во онаа мерка во која се сакаме себеси, не ги сакаме другите, дека љубовта кон себе е исто што и себичноста. За Фројд љубовта кон себе е исто што и нарцизмот, свртување на либидото кон самиот себе. Значи според ваквите размислувања љубовта кон себе е лоша, непожелна и себична.

Дали љубовта кон себе е исто што и себичност?

Љубовта спрема другите и љубовта спрема себе не се исклучуваат. Ако е доблест да го сакаш својот близок како човечко суштество, исто така мора да е доблест, а не грев да се сакаш самиот себе затоа што и самите сме човечки суштества. Не постои поим за човек во кој не сте вклучени и вие. Идејата изразена во Библијата “Сакај го својот близок како што се сакаш самиот себе” подразбира дека љубовта кон себе не може да се одвои од љубовта спрема другите. Љубовта спрема сопствената личност е нераскинливо поврзана со љубовта спрема секое друго човечко битие.
“Објект” на нашите позитивни чувства не се само другите луѓе, туку и ние самите. Љубовта спрема себе и љубовта спрема другите не се алтернативи. Напротив, љубовта спрема себе ќе ја најдете кај сите кои се способни да ги сакаат другите.

Вистинската љубов кон себе подразбира грижа

Вистинската љубов кон себеси значи и почитување и одговорност кон сопствената личност. Афирмацијата на сопствениот живот, среќа и развој ќе зависат од тоа колку се сакате себеси.
Грижата е очигледен доказ на вашата љубов кон себе. Таа подразбира грижа за вашето здравје, грижа за вашите потреби, грижа за вашите желби. Љубовта кон самиот себе е континуирана и активна заинтересираност за вашиот личен раст и благосостојба.
Грижата и заинтересираноста вклучуваат и одговорност кон себе. Денес под одговорност често се подразбира должност, нешто што е наметнато од надвор. Но, должноста во право значење е доброволен чин. Тоа е вашиот одговор на вашите потреби и желби кои треба слободно да ги исполните и да тежнеете истите да ги задоволите, се разбира во склад со реалната ситуација. Кој подобро од вас ги знае вашите потреби и желби?
Одговорноста лесно може да се претвори во доминантност и посесивност ако го нема и третиот составен дел на љубовта, почитувањето кон себе. Тоа е способност да се видите такви какви реално сте, а не такви какви што би сакале да бидете. Не можеме да се почитуваме ако не се прифатиме такви какви сме, со сите наши доблести и мани. Грижата и одговорноста би биле слепи ако не ги води сознанието за вашата реална слика за себе. Сознанието би било празно кога не би било мотивирано од грижата . Афирмацијата на сопствениот живот, среќа, развој, слобода, вкоренета е во сопствената способност за љубов, односно во грижата, почитувањето, одговорноста и знаењето. Ако вие сте способни да сакате продуктивно, тогаш се сакате и себе си, а ако можете да ги сакате само другите луѓе, тогаш сте лишени од способноста воопшто да сакате. Не е случајна народната поговорка: ,,Кој не е за себе, не е ни за другите,,
Ако прифатиме дека љубовта кон себе и љубовта кон другите луѓе е поврзана, како тогаш да ја објасниме себичноста која очигледно ја исклучува секоја вистинска грижа за другите?
Себичната особа е заинтересирана само за себе, сака се за себе, не чувствува никакво задоволство во давањето, туку само во примањето. Луѓето околу нејзиното опкружување ги гледа само како можност да извлече некоја корист за себе. Нејзе и недостасува интерес за потребите на другите и почитување на нивното достоинство и интегритет. Таа особа не гледа ништо друго освен себе; секоја друга особа ја проценува врз основа на тоа колку може да ја искористи за сопствени цели. Во суштина таа е неспособна да сака. Ова секако не значи дека себичноста и љубовта кон себе е исто, тие се далеку од тоа да се идентични, тие се дури и спротивни. Себична особа не се сака премногу, туку премалку; всушност таа кон себе чувствува омраза. Овој недостаток на наклоност и грижа за себе, ја прави празна и фрустрирана. Таа е несреќна и опседната со тоа како да зграби повеќе задоволства од животот, во што постојано се спречува.
Вистина е да себичните особи се неспособни да ги сакаат другите луѓе, но тие се исто така неспособни да се сакаат самите себе.

Неспособност да се сака, себе си и другите луѓе, се среќава и кај несебичните особи. Несебичната особа ,,не сака ништо за себе,, ; таа ,,живее само за другите,, и горда е поради тоа. Збунета е, затоа што и покрај својата несебичност е несреќна и незадоволна во односите со своите најблиски. Таа е парализирана во својата способност да сака и да ужива во животот, позади што се наоѓа нејзината силна егоцентричност.
Задоволна, самосвесна и реализирана особа знае како вистински да се сака себе си и да даде љубов и на другите луѓе.

Идејата за љубовта спрема себе најдобро може да се согледа од цитатот на Мајстер Екхарт:
,, Ако се сакаш себе си, тогаш ги сакаш и другите како себе. Се додека другата особа ја сакаш помалку од себе, нема да успееш вистински да се сакаш себе си, но ако ги сакаш подеднакво, вклучувајќи се и себе, тогаш ќе ги сакаш како една особа, а таа особа е и бог и човек. Голем и праведен е оној кој сакајќи се себе, подеднакво ги сака и другите,, .

Запомнете: Вие сте новото чудо на светот и бидете среќни поради тоа. Во историјата на човештвото немало особа иста како вас, а и во иднина нема да се роди таква. Човекот е бескрајно убаво суштество. Затоа, негувајте ја малата градина на вашата личност подарувајќи и многу љубов и внимание, затоа што вие тоа сте го заслужиле.
Кој би можел да ве сака повеќе отколку вие самите?

Лидија Попчева
психолог – психотерапевт