Search for content, post, videos

А колку се сакате себеси?!

Пред да почнете да го читате текстот, затворете ги очите и поставете си го следново прашање:Колку се сакате самата себе?

Љубовта е вештина, умеење и бара вложување на извесен труд. Љубовта не е чувство кое може секој да си го дозволи без оглед на постигнатиот степен на зрелост. Љубовта можат да си ја дозволат само оние луѓе кои активно ја развиваат својата целокупна личност, а со самото тоа и способноста да сакаат на еден продуктивен начин.

Повеќето луѓе проблемот на љубовта го сфаќаат како проблем “да се биде сакан”, поточно да се прима, а не како способност да се сака, да се даде љубов.
Во нашата култура е сосема нормално да се зборува за љубов кон одреден објект – љубов кон мајка, кон дете, партнер, брат, бог – а многу малку се размислува за љубовта кон себе. Во контекст на тоа широко е распространето мислењето дека љубовта кон другите е доблест, а љубовта кон себе е грев, порок. Се тргнува од ставот дека во онаа мерка во која се сакаме себеси, не ги сакаме другите, дека љубовта кон себе е исто што и себичноста. За Фројд љубовта кон себе е исто што и нарцизмот, свртување на либидото кон самиот себе. Значи според ваквите размислувања љубовта кон себе е лоша, непожелна и себична.

Дали љубовта кон себе е исто што и себичност?
Љубовта спрема другите и љубовта спрема себе не се исклучуваат. Ако е доблест да го сакаш својот близок како човечко суштество, исто така мора да е доблест, а не грев да се сакаш самиот себе затоа што и самите сме човечки суштества. Не постои поим за човек во кој не сте вклучени и вие. Идејата изразена во Библијата “Сакај го својот близок како што се сакаш самиот себе” подразбира дека љубовта кон себе не може да се одвои од љубовта спрема другите. Љубовта спрема сопствената личност е нераскинливо поврзана со љубовта спрема секое друго човечко битие.
“Објект” на нашите позитивни чувства не се само другите луѓе, туку и ние самите. Љубовта спрема себе и љубовта спрема другите не се алтернативи. Напротив, љубовта спрема себе ќе ја најдете кај сите кои се способни да ги сакаат другите.

Идејата за љубовта спрема себе најдобро може да се согледа од цитатот на Мајстер Екхарт:
,, Ако се сакаш себе си, тогаш ги сакаш и другите како себе. Се додека другата особа ја сакаш помалку од себе, нема да успееш вистински да се сакаш себе си, но ако ги сакаш подеднакво, вклучувајќи се и себе, тогаш ќе ги сакаш како едне особа, а таа особа е и бог и човек. Голем и праведен е оној кој сакајќи се себе, подеднакво ги сака и другите,, .

Запомнете: Вие сте новото чудо на светот и бидете среќни поради тоа. Во историјата на човештвото немало особа иста како вас, а и во иднина нема да се роди таква. Човекот е бескрајно убаво суштество. Затоа, негувајте ја малата градина на вашата личност подарувајќи и многу љубов и внимание, затоа што вие тоа сте го заслужиле.
Кој би можел да ве сака повеќе отколку вие самите?

Лидија Попчева
психолог – психотерапевт