Search for content, post, videos

Јагода – моќна и неодолива

Ако постои овошје со толку прекрасен изглед, убав мирис и заводлив вкус, кое воедно е здраво и лековито, тогаш несомнено тоа е јагодата.

Јагодите  припаѓаат на фамилијата рози (Rosaceae ). Убаво црвени, во  форма на срце, јагодите се неверојатно привлечни и исто толку вкусни. Јагодите се задоволство, здравје, љубов, убавина. Јагодите се извор на доброто здравје, убавата кожа и задоволството.  Тие се единственото овошје чии семки не се скриени внатре, туку се наоѓаат надвор на самата јагода.  Јагодите се овошје полно со изненадувања.

За нивните лековити својства се знае уште многу одамна. Освен плодот, за лекување се користи и коренот и листот на јагодата. Чај од листови од јагода со векови се користи за олеснување на варењето на храната, против егземи, воспалено грло, грип и во лекување на реума.
Чајот се прави со тоа што 2 полни супени чајни лажици суви листови од јагода прелијте ги со 250 гр. врела вода и оставете 15 минути да отстои и потоа процедете го. Пијте го чајот три пати дневно по една мала чаша по јадење. Доколку сакате да го прочистите организмот, навечер почестете се со голема порција јагоди (без никакви додатоци на шеќер или шлаг) и утрото ќе се разбудите свежи, одморни и полни со енергија.

Јагодите и здравјето

Јагодите се не само вкусни, но и многу корисни. Тие се употребуваат за лекување на анемија, зајакнување на крвта, а исто така го намалуваат ризикот од појава на срцеви болести. Содржат големо количество на витамин Ц и железо. 100 грама јагоди ја покриваат потребната дневна доза за витамин Ц. Поради фактот што јагодите содржат фолна киселина, тие го помагаат забременувањето и ја намалуваат депресијата. Докажано е дека јадењето на јагоди директно влијае и во заштитата од рак. Ова слатко овошје содржи и антиоксиданси, кои помагаат против стареење.

Јагодите помагаат за заздравување на непцата. Кога немате достап до паста за заби и четка, преполовете 2-3 јагоди и со нив протријте ги забите и непцата. Потоа исплакнете со вода. Најдобрата вест е тоа што јагодите се нискокалорични, па затоа може да станат дел од вашата исхраната, без разлика дали сте на диета или не.

Јагоди – извор на витамини и минерали

Јагодите се првото сезонско овошје на нашето поднебје, кое пристигнува по долгите зимски месеци. Тие се вистински богат извор на витамини, минерали, растителни влакна и антиоксиданси. Традиционално се применуваат во народната медицина во многу култури. Уште старите римјани ги одгледувале заради нивните лековити својства. Осум јагоди со средна големина се доволни во целост да ја задоволат дневната препорачана количина од витамин Ц, затоа што јагодите содржат рекордно повисок процент од овој витамин во однос на јужното овошје.

Состојките во јагодите имаат моќни антиоксидантски својства. Затоа јагодите ги намалуваат последиците од воспалителни процеси во организмот, го чуваат здравјето на артериите и ги спречуваат ризиците од заболувања на срцето. Јагодите содржат фолна киселина, форма на витаминот Б, неопходна за создавање на црвените крвни клетки, затоа се препорачуваат на трудници и на деца во раст. Една порција јагоди задоволува околу 20% од дневните потреби за фолна кицелина.

Сокот од јагоди во комбинација со малку мед ги ублажува иритациите или изгорениците од сонце на кожата. Смесата се нанесува на кожата, се остава кратко време, а потоа се измива со млака вода и малку лимонов сок. Во 100 грама јагоди има 30 калории, што овозможува здрава, нискокалорична и вкусна ужина. Јагодите содржат 90% вода, затоа брзо ја гасат жедта и се идеални за одржување на витка линија. Јагодите содржат протеини кои можат да предизвикаат алергиска реакција. Затоа треба да избегнувате да им ги давате на деца до 2 години, особено ако во семејството постојат случаи на алергија на јагоди.

 

Јагодите  за совршен изглед

Со јагоди можете да се послужите и за разубавување на вашиот изглед. Милиони продукти низ светот, од балсами за усни до млека и кремови за тело, ја избираат нивната миризба.

  • Ако имате уморена кожа, пресечете на половина 2-3 јагоди и со нив истријте ја кожата и оставете малку да отстои. Потоа исплакнете со млака вода
  • За мрсна кожа се препорачува да се направи смеса од 5 јагоди и 30ml јаболкова киселина. Таа треба да престои еден час. Потоа исцедете ја и со неа намачкајте го лицето. Оставете ја да дејствува една ноќ.
  • За мрсна кожа со проширени пори нанесете на лицето смеса од 1 ч.л. сок од јагода и една изматена белка од јајце.
  • Тријте ги забите со јагоди и добијте прекрасни бели заби исчистени од забен каменец.
  • Тие се вистински борец против целулитот. Богатството од витамин Ц и А го успоруваат стареењето на еластичноста на ткивото, така што ги уништуваат слободните радикали и ја забрзуваат циркулацијата.

Јагодите, љубовта и сексот

Јагоди и шампањ станаа сининим за романтичните љубовни вечери. Јагодата е симбол на Венера – божицата на љубовта, поради срцевидната форма и црвената боја. Постои верување дека ако гризнете половина јагода, а другата половина ја изеде лице од спротивниот пол, за кратко време ќе се вљубите еден во друг. Последните истражувања покажуваат дека јагодите ја зголемуваат сексуалната активност кај мажите и плодноста кај жените. Причина за тоа е цинкот, кој се содржи во малите семки на јагодите. Тој го покачува нивото на тестостерон кај мажите, кое од своја страна води до зголемување на сексуалната активност. Само еден поглед на јагодите  е доволен да ви се врати насмевката на лице и чувството на убавина. Јадете јагоди!.

Силвана Јованчева