Search for content, post, videos

Агресијата кај децата… нормална или деструктивна

Под агресивно однесување обично подразбираме насилнички активности спрема околината во вид на удирање, тепање, кршење, уништување предмети и слично. Тоа е однесување спротивно на повлекувањето. Меѓутоа, децата кои се повлечени, пасивни, покорни исто така се на некој свој начин агресивни, со таа разлика што кај нив агресијата е насочена кон нив самите и не е толку очигледна. Воопшто земено, сите ние ја изразуваме нашата агресивност на некој свој специфичен начин, научен во детството…
Детето и агресијата
Детето кое во градинка или училиште се однесува непримерно и е означено како “агресивно”, веднаш ќе биде забележано од средината. Таквото дете постојано е во движење, импулсивно е, ги напаѓа и тепа другите деца, навидум без причина (а, често со добра причина), непослушно е, зборува гласно, често ја прекинува наставата, ги нервира и провоцира другите, предизвикувајќи слично однесување кај другите деца и настојува постојано да биде во центарот на вниманието.
Генерално, ние возрасните не го одобруваме ваквото однесување кај децата, затоа што тоа не е во согласност со социјалните норми воспоставени во нашата култура. Меѓутоа, ако на ваквото однесување погледнеме од друг агол, ќе дојдеме до системот на двојни стандарди кои ние возрасните ги поставуваме во односите родител-дете. Она што им е дозволено на возрасните не е пожелно кај децата. На пример, родителот ретко кога ќе биде укорен ако го прекине детето во некоја активност. Ако пребараме во нашата меморија ќе наидеме на многу слични примери на однесување со двојни стандарди на релацијата родители-деца.
Што е тоа агресија?
Точно е дека детското агресивно однесување е тешко подносливо и за возрасните и за децата, но кога го нарекуваме “агресивно”, “непослушно”, мораме да бидеме свесни дека се работи за вредносни етикетирања. Агресивноста често значи заобиколување на вистинските чувства. На дете кое се однесува деструктивно треба да се гледа како на дете кое има длабоко чувство на бес, отфрленост, несигурност, анксиозност, чувство на повреденост и многу често нејасно доживување на себе. Сите овие емоции претставуваат преголем товар за кршливата детска личност. За изразување на она што го чувствува едноставно или не е способно или нема волја или се плаши од реакциите на возрасните. Ако ги изрази своите вистинските чувства, може да ја изгуби силата што ја собирало за да биде агресивно. Тоа не е свесно за чувствата што се во позадината на неговата агресивност. Тоа чувствува дека треба да го прави тоа што го прави за да преживее. Ќе го прави она што мисли дека е најдобро за него за да помине низ процесот на растење и созревање.

Поттикнување на агресијата
Родителите и наставниците честопати сметаат дека пореметувањето на детето потекнува од некој посебен внатрешен извор, дека нешто во самото дете го условува таквото однесување. Околината, пред се

семејството е главниот фактор што го прави детето агресивно. Околината е таа која многу повеќе го провоцира агресивното однесување на детето, отколку неговите внатрешни потешкотии. Тоа што му недостасува однатре, тоа е способноста успешно да се бори со околината која го прави бесно и исплашено. Детето е збунето и не знае што да прави со чувствата кои во него се јавуваат поради делувањето на непријателски настроената околина.. Според тоа ако удира, тепа, напаѓа, тоа го прави затоа што не знае ништо подобро.
Најчесто детето не станува “преку ноќ” агресивно. Тоа не е во еден момент “слатко” а во следниот мал “дивјак” кој тепа, удира, крши предмети и слично. Процесот е обично постапен. Сигурно во прво време детето ги изразило своите потреби на посуптилен начин, но возрасните не обрнале внимание на неговите потреби се додека не претерало во своето агресивно однесување. Однесувањата кои ние возрасните ги гледаме како антисоцијални, често се всушност очајнички обиди на детето да воспостави комуникација со своето најблиско окружување, пред се со своите родители.
Дете ви порачува…
Детето не е способно своите вистински чувства да ги соопшти на некој друг начин. Немојте да очекувате дека вашето дете ќе ви каже директно и отворено што му недостасува, како се чувствува, што го лути, од што се плаши. Сите овие дилеми ги соопштува на единствениот начин кој го умее, во овој случај со агресија. Важно е да не заборавите, тоа го прави за да преживее, и никако нема да признае дека неговото однесување е агресивно.
Понекогаш ние возрасните правиме грешка кога детето го гледаме како агресивно, а тоа едноставно пројавило бес. Може да скрши чинија или да турне друго дете во чист излив на бес. Мошне е важно да се направи разлика помеѓу агресивно однесување и пројавување бес.
Бесот е едно од најчестите и најсилни човечки чувства. Тој е природна и нормална емоција. Секој се лути. Но тоа што создава проблеми е начинот на кој ние го третираме ова чувство; дали можеме да го прифатиме, како го изразуваме. За начинот како го третираме бесот, било својот било туѓиот, важен е и ставот на нашата култура спрема бесот – не е добро да бидеш бесен. Уште од најраното детство ние сме подучувани да се чуваме од бесот, како својот, така и туѓиот. Оваа природна реакција била ограничувана. Бесот како и другите чувства е дел од нас и е исто така природен како што е дишењето или јадењето.
Во оваа област децата добиваат двојна порака. Тие го доживуваат бесот на возрасните или директно, или во форма на студено осудување, но обично не се прифаќа да го изразат својот бес. На тој начин децата многу рано научуваат бесот да го потиснат, и наместо тоа, да доживуваат било срам поради мајчината лутина (“изгледа сум многу лош”), или вина за бесот што го чувствуваат.
Децата можат да видат изливи на бес на телевизија, во филмовите во форма на насилство, слушаат за насилните криминални дела и за војни. Како резултат на сето тоа стануваат заплашени и често фасцинирани од сопствениот бес. Затоа не е никакво чудо што децата го доживуваат својот бес како страшен монструм што треба да се сокрие, да се потисне внатре во себе, да се елиминира или избегне.
Детето има право да знае што е правилно а што не
Децата имаат потешкотии во изразувањето на бесот. Антисоцијалното однесување кое се јавува кај нив не е директен израз на бесот, туку повеќе избегнување на вистинските чувства. Најчесто чувството на повреденост се крие под дебелиот слој на бес и е многу тешко детето да продре низ тој слој и да им дозволи полн израз на вистинските чувства. Затоа за него е полесно да ја растура својата енергија со удирање и “бунтовничко” однесување.
Сите наши чувства вклучуваат и физичка енергија која се изразува со помош на мускулните и телесните функции. Ако својот бес не го изразиме директно, тој ќе се изрази на некој друг начин, кој може да биде штетен по здравјето.
Децата често се грижат за реакциите на возрасните од својата околина. Така наместо директно да ги изразат своите бесни чувства, стануваат вистинска напаст во училишниот двор, а хиперактивни во одделението.
Затоа е многу важно да му помогнете на вашето дете да научи на “вистински начини” (што подразбира начини прифатливи за нас возрасните) да го изразува својот бес. Секое неизразување може да резултира со главоболка, болка во стомакот или градите и не се во состојба да се сконцентрираат на ништо друго. Меѓутоа, ова децата не го знаат. Затоа е важно да му помогнете на вашето дете да стане свесно за својот бес, да се запознае со него и да не го потиснува. Следното што треба да го научи од вас е да умее да ја процени ситуацијата и да избере дали бесот ќе го изрази директно или на некој друг начин.

Лидија Попчева
психолог-психотерапевт