Search for content, post, videos

Атланта – градот кој многу ветува

Престолнина на американската држава Џорџија, домаќин на Олимписките игри во 1996 година, главен трговски и бизнис ценар, како и центар познат по забавата на овој јужен дел.. Тоа е накусо Атланта, градот кој ветува.

Атланта е позната по најбрзиот раст на милионерската популација во Америка. Седиште на Кока Кола и Си Ен Ен. Град за кој се врзуваат имињата на многу познати личности како џез музичарот Реј Чарлс, кошаркарот Доминик Вилкинс, хуманистот Мартин Лутер Кинг и поранешниот американски претседател Џими Картер. Место на турбулентна мината и сегашна историја и место на иднината, место на етнички и расни поделености и блискости. Со пет милиони жители тоа е една од најнаселените и најдинамичните метрополи во Америка.

Со модерни автопати, подземен сообраќај, облакодери и велеградска инфраструктура, Атланта по сите стандарди претставува светска метропола. Сепак на жешкиот летен ден, со температури од над 35 степени измешани со константна влажност, овој град на прв поглед не го импресионира посетителот. Блискоста спрема градот се стекнува по запознавањето на неговите уникатности, средбата со луѓето, слушање на музиката на локалните автори, возење по предградијата и откривањето на необичната динамика која овој град ја поседува.

Приказната на модерната Атланта
Името на градот и целата негова приказна е поврзана со индустријализацијата на Америка. ширејќи се кон јужниот дел на континентот, американските колонисти во почетокот на 18 век дошле до непрегледните прерии и савани на југот, чија хармонија на недопрена природа до тогаш ја реметеле само индијанците Чироки за време на сезонскиот лов на дивеч. Доаѓањето на белиот човек засекогаш го сменил курсот на историјата. Индијанците исчезнале од историската сцена по војните кои се воделе од 1838-1839 година, а коегзистенцијата на човекот и природата ја заменила рапидната индустријализација. Со цел да се поврзат новонастанатите колонии, тогашната влада на САД започнала со изградба на пругата на средниот запад популарно позната како Атланта-Пацифик. На местото на денешната Атланта прво никнале населбите на градителите на железничката пруга, а потоа дошле колонистите и започнале со градење дрвени објекти и салуни познати од вестерн филмовите за Дивиот Запад. Набрзо Дивиот Запад го заменила колонијална архитектура и градот почнал да добива урбани контури. Во 1847 година населбата која дотогаш се викала Атланта-Пацифик го задржала скратеното име Атланта која со текот на годините прераснала во престолнина со светска репутација.

Град со старо-нова традиција
За разлика од многуте градови на американскиот југ, како што се Чарлстон, Њу Орлеанс или Савана, Атланта не ја сочувала својата стара историска архитектура. Во духот на модернизацијата, скапоценото земјиште на централна Атланта го отстапи местото на новите високи облакодери, така што старите градби овде се вистинска реткост.

Највисоката зграда, Банката на Америка со висина од 312 метри, рангирана е на 29 место во светот по височина. Во самиот центар на градот, т.н даунтаун, се наоѓаат луксузни хотели и деловни центри, а во предградијата шопинг центри слични на оние на Петтата Авенија или Беверли Хилс. Модерниот дел на градот Бакхед, северно од центарот, константно спаѓа меѓу најбогатите и најпросперитетните делови на Америка. Рангирана помеѓу седумте американски таканаречени Гама градови, Атланта е дом за голем број реномирани светски компании како Кока Кола, Јунајтед парсел сервис, Хоум дипот, Ертлинк, Еј-Ти енд Ти мобилити. Преку 75% или 1200 најголеми светски мултинационални компании имаат свои претставништва во Атланта. Во медиумскиот простор Атланта е во самиот центар со Тед Тарнер, медиумскиот магнат на Си Ен Ен. Економската клима во Алтанта секогаш била многу поволна за инвеститорите и трговците, што влијаело на фантастичниот економски развој на градот и целата област.

Бурната историја на градот
Градскиот историски центар ја содржи единствената збирка со ретроспектива на животот на луѓето за време на граѓанската војна. Неделеку од центарот е и музејот на Мартин Лутер Кинг, како и Картеровиот центар со претседателската библиотека. Музејот на Кока Кола, лоциран во олимпискиот парк нуди презентација на живописната приказна за најпознатиот маркетиншки гигант, како и можност да се пробаат сите пијалаци кои оваа реномирана компанија ги пласира на сите меридијани во светот.
Музичката сцена е посебно карактеристична, бидејќи го отсликува етничкиот микс на градот. Обележана со различни жанрови, сепак Атланта е најпозната по Реј Чарлс, џез-блуз музичарот чија генијалност и уметнички дар ги поминуваат границите на Атланта, Џорџија и Америка.
Интересен е фактот дека за време на сегрегацијата – расната дискриминација, властите во Џорџија ги ограничувале и забранувале јавните настапи на овој брилијантен пејач. Сепак, по промените оваа историска неправда е поправена со тоа што неговата песна „Џорџија во моите мисли“ стана официјална државна химна. Музичката сцена на Атланта и денес е многу жива. Од овој град исто така потекнуваат и многу познати музичари и бендови.
Алтанта е дом за неколку реномирани светски клубови кои успешно настапуваат во најјаките кошаркарски, фудбалски и безбол лиги во Америка. Спортската традиција, како и јаката економија овозможија да се одржат Олимписките игри во 1996 година и Атланта да биде домаќин на врвни спортисти од цел свет.

Во стилот на „Однесено со виорот“
ширум светот Атланта е позната и по филмот и новелата „Однесено со виорот“. Филм кој го отсликува уникатниот живот на американскиот југ од 19 век, базиран на љубовната приказна на авторката Маргарет Мичел. Брилијантното сценарио проследено со прекрасната глума на Клерк Гејбл и Вивиен Ли ја доближи Атланта и Џорџија со луѓето надвор од Америка. Куќата на Маргарет Мичел и денес е една од најпосетуваните туристички атракции во градот.
Американскиот југ отсекогаш бил центар на расни тензии и конфликти. Граѓанската војна и последиците од неа се монументални случувања кои суштински влијаеле на историскиот курс на овој град. Завршувањето на војната доведе до ослободување на робовите, создавање на првите школи за црното население и универзитети и промени во социјалната структура. Расните односи и денес се чувствителна тема, а малите тензии можат да имаат големи последици. Во текот на Шеесеттите години од минатиот век во борбата против расната дискриминација Мартин Лутер Кинг и многу негови следбеници биле апсени и прогонувани, а уличните немири биле секојдневие. Сепак односите денес се урамнотежени.
Во Атланта поголемиот дел од населението кое брои пет милиони, го сочинуваат Афроамериканци на коишто отпаѓа скоро две третини од вкупното население во Атланта, бидејќи во градот со децении се негува либерална и прогресивна антирасна политика, а акцентот се става на економскиот развој. Во последните години е забележан прилив на луѓе од латино и азиските земји. Економските можности на Атланта влијаеле на тоа Атланта да стане позната по најбрзиот раст на милионерската популација во Америка. Атланта е град на разлики, но и град кој зближува и ослободува.

Силвана Јованчева