Search for content, post, videos

Азбука на животот или 31 ПРАВИЛО за среќен ЖИВОТ

 

Кога животот би напишал правила, од својата азбука би сакал да ви создаде приказна што ќе ја паметите засекогаш…

 Ако нешто доволно силно посакувате, тоа и ќе се случи. Желбата никогаш и никому не е дадена залудно. Обидувајте се… секој Божји ден!!!

Битките на животот не се лесни, но убавината на денот е непроценливо важна. Не губете ја енергијата на неважни нешта. Во животот има многу нешта за кои вреди да се смеете.

Верувајте дека сè ќе биде во ред. Во животот најважно е како гледаме на нештата. Дури и во моментите на бескрајна тага, еден нов пат се отвора пред вас.

Големите постигнувања се резултат на голем труд. Никој не постигнал голем успех без претходно да биде поразен многупати. Најуспешните луѓе се всушност оние што најмногу паѓале, но сепак успеале повторно да се кренат и да продолжат понатаму.

Денот може да донесе изненадувања повеќе одошто можете да замислите. Научете да верувате во чуда. За позитивните луѓе и за оние со широко срце, секогаш стои голем подарок од животот на самиот агол од патот.

Ѓаволот, велат, постојано ни го искушува трпението. Бидете силни и не  давајте им ја таа моќ на лошите зборови да убијат нечие срце. Зашто нема пострашно оружје од зборот.

Еден ден сè ќе ви биде јасно. И за добрите и за погрешно донесените одлуки. Времето не ги дава одговорите, но со тек на време ќе созреат во вас нештата што сега ви изгледаат премногу далечни.

Животот е едно прекрасно патување. Уживајте во него, барем додека го нуди тоа. Сите ние ја имаме таа навика кога ќе се сопнеме на мало каменче по патот   се жалиме на него, сè додека не застанеме поразени пред голема карпа што ќе ни се испречи пред очи. За жал, најчесто тогаш ја сфаќаме неговата вредност.

Зарем не знаете дека сите ние го привлекуваме она што го мислиме? Нашите зборови за другите луѓе во голема мера нè опишуваат нас. Најпаметното нешто што може да го направите е да се оградите себеси од сите негативни нешта кои на некој начин се обидуваат да ве оковаат.

Ѕвоната на убавите нешта се слушаат далеку, но на лошите уште подалеку. Не повлекувајте се кога некому му е потребна прегратка или добар збор. Бидете добар пријател во добро, но уште подобар во лошо. Не знаете каде ќе ве однесе животот во иднина.

Иднината ни е непозната на сите, но убавината е во креацијата. Какво е тоа изненадување кога секој ден би знаеле што нè очекува? Имајте храброст да ги менувате нештата. И не штедете се себеси, бидејќи сепак вие вложувате во својата иднина.

Јасно се гледа само со чувствата, површноста е ветена за губитниците. Доколку не се обидете да погледнете на нештата малку подлабко, цел живот ќе ви помине залудно. Не дозволувајте да дојдете до крајот од животот за да сфатите дека залудно сте го потрошиле.

Кога една врата се затвора, не можете да очекувате веднаш да се отвори нова. Можеби сè уште не е дојдено вашето време. Кога ќе дојде, верувајте дека ќе го имате в рака вистинскиот клуч.

Лесно е за оние кои од врвот на планината коментираат како е лесен патот, а тие се искачиле лежејќи на нечии раце. Прашајте ги оние кои потполно сами, чекор по чекор се движат нагоре.

Љубовта е најголемата сила што го придвижува човекот. Без оглед во каков облик се јавува, таа има совршена моќ да ги менува нештата. Вистината е јасна- на срцето полно со љубов ништо не може да му се случи.

Мислите се како тирани и ако успееме да се избориме со нив, сме направиле голема работа во животот. Тие умеат да ја искриват секоја права линија и да ја заматат сликата пред нашите очи. Само силните луѓе нема да го дозволат тоа.

Никогаш не сум видела толку уништени луѓе од некој друг, како од самите себе. Нема поголема штета од таа што можеме да си ја нанесеме самите. За она што ќе дозволиме да се случи, а сме можеле да го спречиме, само ние сме одговорни.

Нема поголема загуба од тоа да не се обидеме барем уште еден пат. Заради себе. Заради мигот кој, ако не се обидеме, ќе ни се смее в лице велејќи „Ти реков дека си кукавица“.

Освен радоста и убавите моменти, ништо нема толку голема вредност. Бидете среќни сè додека ги делите миговите со вашите сакани. Не знаете до кога ќе ја имате таа привилегија на животот.

Прекрасно е чувството да се биде храбар, да не се плашиш од ништо, да не се оправдуваш никому и да си во мир со секого. Ако некој го постигне тоа, тој е среќен човек. Бидејќи, само доброто срце кое живее во слобода ја има моќта да не завидува, да не очајува и да не се разочарува толку лесно.

Радоста ги прави моментите подолги, а смеата уште повпечатливи. Секогаш кога ќе го затекнете своето лице намуртено, сетете се барем на едно нешто што ќе ви даде причина за насмевка. Денот поминат во радост и мир тежи многу повеќе од годините поминати во незадоволство.

Среќата не била отсекогаш она што е сега. Таа е сестра на тагата и биле потполно исти. Но еден ден, среќата решила да се промени бидејќи се давела во сопствената река. Дури и по цена да се удави, решила да го напушти своето корито. И успеала да ја пронајде својата оаза. Бидејќи цело време во дланките држела храброст.

Толку убаво е чувството да го имаме она што го посакуваме, без да се мачиме многу околу тоа. Но совршено е чувството кога упорно да се трудиме да го добиеме, и покрај неуспешните обиди, а сепак на крајот да успееме во тоа. Нема подобро чувство на светот.

Ќе има ли подобри денови за нас? – птицата ја праша рибата. Ќе разбереш ли дека и јас тебе те сакам, но каде ќе живееме? – ѝ одговори рибата. И траеше таа љубов до крајот, без да стравуваат од вистината на одговорот.

Убавината на денот не е ниту во изгрејсонцето, ниту во залезот. Убавината на денот е во неговата неповторливост и во фактот дека токму тој ден нема никогаш да се врати.

Фенерот на животот нема вечно да ви го носи некој друг, осветлувајќи ви го патот. Дури и да е така, треба да се запрашате дали сте потполно сигурни дека таа рака што ве води ќе ве однесе на правиот пат? Никој не може да знае подобро од вас што е најдобро. Самите одбирајте го патот дури и по цена да заталкате во слепа уличка, барем ќе научите некоја лекција.

Храната не е тоа што го држи телото исправено. Телото ќе падне кога душата ќе се разболи. Затоа, хранете ја душата со радост, насмевки, љубов.

Цветот поминал време на трансформација за да ја има таа убавина и тој восхитувачки мирис. И пупката пред да расцвета многу се измачила. Но сепак, цветот е создаден за восхит. Така е и со човекот. Колку сега и да изгледа тешко, на крајот сепак сите ќе бидеме она за што сме предодредени.

Чесниот човек секогаш спие мирно на перница. А зошто е тоа така, нечесниот никогаш нема да научи.

Џебот му е полн – вака една стара изрека го опишува богатиот човек. Честопати се прашувам, дали богатството им ја зголемува среќата на тие луѓе?

Што ми вреди да го имам најголемото богатство на светот ако по пат ги изгубам саканите, а со нив и душата? Нема поголема мака од тоа да се сеќавам на убавите моменти, ако јас сум виновна за прекинот на нивното траење. Тоа јас го мислам. Не знам за вас, бидејќи не знам која величина ви е душата.

Надица Пушкоска