Search for content, post, videos

Благодарница за особен придонес

Во просториите на Фондацијата „Никола Кљусев” во Скопје се потпиша меморандум за соработка помеѓу Фондацијата „Никола Кљусев“ од Скопје и Здружението на просветни работници на Град Скопје, а исто така и беше доделена благодарница на професор Надежда Кљусева, сопруга на првиот македонски премиер Академик Никола Кљусев, за нејзиниот голем придонес како просветен работник. Благодарницата се доделува за 40 годишен особен придонес во воспитно-образовната дејност, а по повод 20 годишниот јубилеј од основањето на Здружението на просветни работници на Град Скопје. Надежда Кљусева, својот работен век го помина како професор по македонски јазик во средното медицинско училиште “Др.Панче Караѓозов“ од Скопје.

Здружението на просветни работници на Град Скопје е формирано во далечната 2001 година. Истото претставува стручно – научна невладина организација која е легитимен претставник на просветните работници на градот Скопје. Својата активност здружението ја истакнува преку организирање и учество на семинари, конгреси, симпозиуми, конференции, трибини, советувања, тркалезни маси, литературни и ликовни конкурси, како и одбележување и организирање на разни прослави и манифестации во полето на образованието и културата. Здружението учествува во разни проектни активности и има остварено многубројни како домашни така и меѓународни соработки. Фокусот на внимание на здружението се просветните работници како важен фактор во воспитно – образовниот процес од кои зависи успешноста на сите професии во едно општество. Нивната улога во обликувањето на младата личност е незаменлива. Без сомнение, нивниот труд спаѓа меѓу најсложените, најодговорните, но и најблагородните човекови активности. Здружението особено е познато во јавноста по манифестацијата Просветен работник на годината на Град Скопје која се организира секоја година. На истата според одредени категории се прогласуваат најдобрите просветни работници на годината. Оваа година Здружението прославуваше 20 годишен јубилеј од своето основање и 20 годишнина од постоењето на манифестацијата. На 27.12.2021 год. со особено задоволство, претседателката на Здружението на просветни работници на Град Скопје – Катерина Митковска и претседателката на Фондацијата Никола Кљусев – Маргарита Неновска, склучија Меморандум за соработка помеѓу двете организации. Во таа чест и по повод 20 годишниот јубилеј, Здружението на просветни работници на Град Скопје и додели благодарница на проф. Нада Клусева за 40 годишен особен придонес во воспитно – образовната дејност.

Свој придонес на настанот дадоа и уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин, како и шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски.

 

Силвана Јованчева