Search for content, post, videos

Блокирајте ја негативната енергија

Чувствувате ли понекогаш дека темен облак го блокира сонцето во вашиот живот? Дали понекогаш имате тешкотија да се ослободите од негативните чувства? На сите ни е повремено вака, а помошта да се вратиме на вистинскиот пат е секогаш добредојдена.

Постојат неколку сигурни знаци дека негативната енергија го блокира вашето секојдневие:
• повеќето луѓе ве иритираат или ве вознемируваат во последно време
• повлечена сте
• не се гледате со луѓето коишто ги сакате
• ви се случуваат само непријатни работи
• домот ви делува тмурно и постојано е растурен
• чувствувате дека другите не ве ценат доволно
• чувствувате замор и тага

Ако барем две од сите наведени состојби ги забележувате кај себе, ова е сигурен знак дека со вашиот живот царува негативната енергија. Сепак, не треба да бидете многу загрижена, затоа што постојат работи што можете да ги направите, а што брзо ќе го растераат негативниот облак и ќе го кренат вашето расположение, но ќе привлечат и убави работи во вашиот живот.

Овие три начини ќе ви помогнат веднаш да почнете да ја елиминирате негативната енергија од вашиот живот.

1. Уредете го својот животен простор

Дали сте знаеле дека просторот во кој луѓето го поминуваат најголемиот дел од нивниот ден обично ја одржува внатрешната состојба на умот? Затоа, кога нашите домови, работните простории, автомобилите се несредени, валкани и хаотични, тоа често ја претставува нашата емотивна состојба. А колку повеќе време минуваме во таквата хаотична средина, толку понегативно се чувствуваме.
Од друга страна, кога се наоѓате во средена просторија, која е чиста, топла, светла и пространа, не можете а да не се чувствувате сигурно и задоволно. Токму затоа првиот моЌен начин да се ослободите од негативната енергија е токму тој – да си го средите животниот простор.
Започнете така што ќе се ослободите од хаосот и од сметот што е расфрлан наоколу, фрлете се што е истрошено, што не го користите, или едноставно, работи заради коишто не се чувствувате добро. Ќе се изненадите колку ќе ве освежи исфрлањето непотребни работи. Кога ќе ги исчистите валканиците и правот, отворете ги вратите и прозорците, па пуштете го свежиот воздух слободно да минува низ нив. Тоа ќе и овозможи на негативната енергија да се замени со свежа, чиста, здрава енергија. Во домот нека влезе што е можно повеќе сончева светлина затоа што таа е исполнета со високоенергетски вибрации што прават луѓето да се чувствуваат среќни и полни со енергија.
На крајот, дајте му на својот животен простор свеж изглед, ослободете го просторот со репозиционирање на мебелот или со додавање боја, фотографии, растенија или уметнички дела, што и да ви создава удобност, среќа и задоволство. Делува едноставно, ама создавањето позитивно окружување може да има драматично и позитивно влијание на вашето расположение!

2. Поминувајте го времето со луѓето што ве усреќуваат

Исто како и вие, сите луѓе во вашиот живот имаат свои “енергетски полиња” кои можете да ги почувствувате кога сте со нив. Ако сакате да се ослободите од негативната енергија, важно е да поминувате многу време со позитивни луѓе, а да ги избегнувате оние што ве влечат надолу.
Ако заради некоја личност се чувствувате лошо, тогаш најверојатно не вреди да си го трошите времето на неа. Наместо тоа, окружете се со позитивни, весели луѓе кои ве “креваат” и заради кои се чувствувате добро. Дружете се со луѓе со кои можете да се смеете, забавувате и да делите позитивни искуства.
Важно е да се смеете во текот на целиот живот, и кога ќе се најдете во убава и во тешка ситуација. Чувствата како стрес, тага и фрустрација ќе ги снема побрзо ако имате насмевка на лицето. Лошата ситуација ќе стане подобра ако се окружите со луѓе кои ќе прават да се чувствувате убаво. А колку повеќе среќни, топли, витални луѓе имате покрај себе, толку и вашиот живот ќе е посреќен.

3. Научете да се ослободувате од негативните емоции

Негативната енергија се храни со негативни емоции. Во ред е, и нормално е понекогаш да се чувствувате тажно, луто или фрустрирано. Ама, проблемите настануваат кога не правите ништо за да се ослободите од тие негативни емоции, а тие почнуваат да скапуваат… и затоа долго време се чувствувате лошо.
На пример, ако секогаш имате неубави мисли поврзани со вашата работа, најверојатно ќе се чувствувате мизерно секој ден на работа, а тоа нема да им помогне на вашата мотивација, задоволството и односите со колегите. За да го спречите тоа, важно е да ги почувствувате своите емоции наместо да се обидете да ги потиснете и да се обидете да дознаете зошто се чувствувате така.
Ако ви се плаче, плачете на место каде што се чувствувате сигурно. Ако ви треба да сте сами, дозволете си го тоа и поминете некое време со самата себе. А ако имате потреба да разговарате со некого, отворете и се на личност во која имате доверба.
Откога ќе ги прифатите сопствените чувства и ќе преземете чекори со чија помош ќе се чувствувате подобро, време е да се ослободите од негативните емоции. А кога ќе си дозволите себеси да се вратите на некоја стабилна положба, ќе бидете во можност да започнете со позитивни промени во вашиот живот.
Затоа, неместо да дозволите да ве контролираат деструктивните мисли, убедете се дека вие сте господар на својот ум и дека можете да ги контролирате и да ги отфрлате негативните ситуации. Во оној момент кога ќе почнете да го ослободувате својот живот од негативната енергија и да се соочувате со проблемите на конструктивен начин, ќе се зачудите колку всушност се чувствувате слободно и весело! А наскоро ќе почнат да ви се случуваат и убави работи во животот.

Силвана Јованчева