Search for content, post, videos

Божиќна молитва

 

 

Би сакала да ја разберете оваа приказна која лебди низ времето и остава длабока трага со зборовите кои сигурно ќе ви го обојат животот во безброј нијанси посветло…

 

Јас не можам да ви дадам парче душа, не можам да ви ја откријам Божиќната молитва, не можам да ви го вратам изгубеното… јас само можам да ви кажам зборови преточени од мојата душа, да ви дадам делче од моето срце, да ви ја раскажам приказната која носи со себеси порака дека може да ви го промени животот…Кој еднаш го засакал времето, станува зависен од неговата утеха. Миговите се променливи, времето ги менува, но само животот останува содржан единствено во три збора: Верба, Љубов и Надеж. Но зарем не е тоа поентата на животот, да љубиме како никогаш да не сме биле оставени, да веруваме како никогаш да не сме биле повредени и да се надеваме како никогаш да не сме биле изневерени… Отворете го срцето и слушнете ја Божиќната молитва…

 

ВЕРБАТА е она чувство длабоко во срцето кое секогаш не тера да истраеме до крај. Животот сам по себе е тежок, па дури и на угоринина ни додава товар, но не заборавајте да верувате дека, сепак, ќе дојдат подобри денови. Разберете, секоја невоља со која се соочуваме е само проба колку сме силни и храбри во битката на животот и колку е силна нашата верба. Таа е сончева светлина која ја стоплува замрзнатата река во нашето срце. Не грижете се. Оние нешта кои не можете да ги смените, нечујно ги менува времето, секогаш постои начин за тоа. Како што сме влегле во некоја тешка ситуација, така и ќе излеземе од неа. И покрај сите страдања во животот, вербата е она што не држи исправени на нозе. Убав е денот, но и мракот може да биде многу убав. И јас знам дека е така зашто после долгата ноќ, секогаш доаѓа утро со разеленето дрво и птица певица. Заборавете ја оваа тага кога ќе мине, затоа што утре ќе биде подобро. И не држете се слепо за сувите прачки на постоењето, одете кон иднината и барајте нови можности. Сакајте ги промените и не плашете се од нив. Се ќе биде во ред за оној кој верува дека нештата се менуваат на подобро. Знае Бог кога е вистинското време за тоа. Од секое искушение, од секоја проба, ќе ве изведе со поголема верба и побогато искуство. Дозволете и на вербата да ве однесе преку мостот кој води подалеку од сие неуспеси, стравови и колебања. Многу од нас бараат одговори за своето знаме спуштено на половина копје, но вербата е таа која ви става насмевка на лицето кога одите да се огледате во својот автопортрет. Потпирајте се на молитвата, бидете искрена,  верувајте дека ќе биде подобро и навистина ќе биде. Нека вербата во подобро утре ви ги осветли сите желби и очекувања.

 

ЉУБОВТА

е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, таа се радува на вистина, таа се извинува, во се верува, на се се надева, се претрпува, се простува… Величествено е чувството да љубиме без да бараме било што за возврат. Ако се зборови- ќе замолчат, ако се спомени- ќе исчезнат, ако солзи- ќе престанат, ако се реки ќе пресушат… само нејзините длабоки корења ќе останат врежани во сржта на животот. Срцето има сила да ги памети и најситните нешта. Сенките од минатото кои постојат во вас, нека не ви го засенат сјајот на утрешниот ден. Љубовта е безгранична. Не постои ништо што таа не може да го направи. Не постои пат кој не може да го изоди, ниту болка која не може да ја победи, ниту рана кја не може да ја излечи, ниту вистина која не може да ја исправи кога луѓето ќе ја извртат за да напакостат. Ослободте се од ограничувањата и запомнете дека секоја љубов длабоко во срцето е подарок од Бога

 

НАДЕЖТА

секогаш не држи исправени дури и кога пред нашите очи се урива целиот свет и без трага се губи се она што ние толку грижливо сме го созадвале. Но, со неа чуда се случуваат секој ден и не уверува дека ќе дојде и тој миг кога ќе почнат да се менуваат нештата. Надевајте се во подобри денови дури и кога сте далеку од својот брег и се чувствувате толку немоќно во осамените простори. Не спуштајте го погледот долу и не предавајте се пред големите удари на животот. Чекорете самоуверено и не заборавајте на надежта.  Таа ќе ги донесе сите нешта на  свое место. И кога во мигови на бескрајна, болна осаменост, почувствувате дека веќе никој на светот не останал, посегнете по надежта. И длабоко во срцето, секогаш да знаете дека насмевките во животот доаѓаат после солзите и се надевам дека овој пат ќе траат подолго… Надевајте се и вие на подобри денови бидејќи тие се награда за надежта која не се предава. И мојот лак е скршен и немам веќе ниту една стрела, но сепак се надевам дека и позади највисоката планина сонцето изгрева. И знам дека дури ни најмалата надеж нема да ме изневери. Надеж е кога во погледот на матното огледало можеме да видиме бескрајно многу сјај и насмевки.  Кога луѓето би знаеле кој е вистинскиот пат, никогаш не би се посомневале дека ќе успеат. Но, тогаш би заборавиле да се борат. А надежта скриена во аголот на животот, трпеливо ткае пајажини, за да не сокрие во време на невољи.

Не барајте ги далечните денови, не слушајте ги изубените зборови, не чекајте ги изгубените возови… погледнете подлабоко, посегнете повисоко, чекорете подалеку… надежта има генијална моќ да ги менува нештата. И секако, таа пламнува, па се смирува, станува дива, па сосема мирна, таа ги држи очите отворени и дланките споени за молитва, едноставно, таа има најтивок глас за кој треба тишина за да може да се слушне нејзиниот шепот. Иако сомнежот секогаш будно чека да ја освои нашата колеблива природа, не грижете се, Таа премногу ги сака звездите за да ве остави да се плашите од темнината.

 

И кога ќе бијат камбаните и срцето ќе ја пее Божиќната молитва, не заборавајте на зборовите:

Радувајте се бескрајно. Вербата го тера човекот да се бори, Љубовта го прави посилен, а Надежта го прави животот поднослив.

Не откажувајте се никогаш… Вербата, Љубовта и Надежта се како ситен дожд кој ситно врне, но, може да преплави… тие го држат животот на душата, тие го чуваат спокојот на срцето, тие се најголемата среќа што овој свет може да ни ја даде.

Не откажувајте се никогаш… Се додека Господ е со вас, ве чува и ве заштитува, никогаш, никој и ништо не може да ве уништи.

Не откажувајте се никогаш… Вербата ги прави работите возможни, Љубвта лесни, а Надежта го носи подарокот на трпението…

 

Истрајте во најголемите тешкотии, борете се со сите проблеми, направете да се измори лошата судбина… само така од својот живот ќе направите остров кој ниту најголемата вода на светот не може да го поплави.