Search for content, post, videos

БОЖИЌНА ПОРАКА

…И ТОГАШ КОГА ЧУВСТВУВАТЕ ДЕКА ЖИВОТОТ НЕ ВИ Е ПО ВОЛЈА И СКРИШНО ТРКАЛАТЕ СОЛЗИ ПО ЛИЦЕТО, НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА ЈА ОТВОРИТЕ БОЖИКНАТА ПОРАКА, КОЈА Е ПОКРАЈ КАМИНОТ НА ВАШИОТ ЖИВОТ КОЈ СЕ УШТЕ ТОЛКУ СИЛНО ГОРИ…

Подобро е да се радувавме на она што веќе го имаме отколку да тагуваме по она што го немаме, затоа што не знаеме и тоа што го имаме до кога ќе биде покрај нас… Времето е минливо и с# она што се случува е само уште една скала погоре во животот. Моментите постојано носат нови доживувања и нешта кои мора да ги искористиме во животот бидејќи деновите не се враќаат. Не живејте заглавена меѓу она што било вчера и она што допрва треба да дојде. Живејте ги  моментите и она што се случува сега и овде, бидејќи само тоа е видливо за очите и навистина стварно.
Да бидеме благодарни и целосно среќни, дури и кога немаме се во животот… тоа е тајната на
вистинската среќа. И никогаш немојте да се споредувате со другите, затоа што не знаете како им е нив. Секој ја живее својата судбина и она што му го нуди животот.
Најважно е со цело срце да го сакаме животот. И сите околу нас. Никогаш не размислувајте за причините во хаосот на животот, туку темелно решавајте ги проблемите кои ве довеле до таа ситуација. И не размислувајте за одмазда на оние кои ве повредиле… тоа не е решение и нема да ви помогне да излезете од хаосот.
Само заблагодарете се што сте силна и продолжете понатаму. Не постои ништо што не е решливо, па ни вашите проблеми.
Се прашувате ли понекогаш, зошто секогаш од еден проблем се појавува уште еден по него, па уште еден… И така, без крај. Тоа е така затоа што одеднаш ги решавате сите проблеми. Застанете,
вдишете длабоко и запрашајте се: Кога Господ не успеал да направи се за еден ден, зошто милите дека вие можете? Одете чекор по чекор и не паничете кога нема да испадне според вашиот план, затоа што во животот нема планови, ниту скици по кои треба да живееме. Она што е најважно е да имате визија, затоа што така полесно ќе ги остварите своите соништа.
Запали срцето Бадниково гранче за среќа, сега е ред на вас… Препуштете им се на соништата, зошто се плашите од своите желби? Никогаш не е доцна да сонувате, да се надевате и да  посакувате со цело срце…
Понекогаш нам ни недостасува храброст и ги оставаме желбите длабоко скриени во нас, без да им дадеме можност да се остварат. Сега е најубаво време за уживање… препуштете им се на насмевките, на радувањето, на среќата, на новогодишната еуфорија која само ве потсетува дека на прагот е година на успех за вас. Свеќа на среќата гори и за вас, немојте да мислите
дека сте заборавена, затоа што за сите постои оганче на среќата, кое се разгорува и на најмалиот ветер. Само бидете трпелива и се ќе си дојде на своето место, дури и да не е онака како што сакате, верувајте дека тоа било она најдоброто за вас. Бидете реална, но и романтична и допуштете му на срцето да живее во полн занес. Запомнете дека малите чекори водат до големи успеси и сложувалката на вашиот живот можете да ја склопите само вие, бидејќи само вие сте автор на својата судбина. Овој пат бидете малку посмела и внесете поведри нијанси во вашиот живот. Вие го заслужувате тоа. Наместода се жалите над животот, застанете и одморете се од секојдневните проблеми. Животот навистина понекогаш знае да биде неподносливо тежок, но тоа не значи дека бурите на секојдневието нема да се стишат и се ќе биде во ред. Понекогаш и самотијата е убава затоа што ќе ви ја смири душата и ќе ви го утеши срцето… И запомнете дека дури и кога губиме, сигурно нешто добро ќе излезе од сето тоа. Најчесто од тие длабоко повредени нешта, излегуваат најголемите успеси и највисоките достигнувања на срцето.  Да успеете во сите нешта кои си ги замисливте оваа година и да ги остварите сите нешта кои си ги посакавте кога се поклопија стрелките на часовникот, за тоа ви треба само трпение и малку повеќе волја. Се она што си го поставивте за цел, оваа година може да стане стварност само ако вистински се трудите и од срце си ја посакувате сета среќа на светот.
Но, тоа значи дека по секое паѓање треба да најдете сила да се исправите и да продолжите понатаму. И ништо не смее да ве уништи и да ви ја засени насмевката на лицето. Па дури и кога сите други мислат спротивно од вас, не престанувајте да ја остварувате онаа замисла на срцето… да бидете среќна во она што го сакате, затоа што само вие знаете што навистина ве радува.
Се она што не окружува, може да биде прекрасно. Но, тоа можете да го направите такво само вие. Преуредете ја вашата душа, бидете насмеана, бидете среќна што имате можност да уживате во сите убави нешта на светот… Радувајте му се на животот и на сите негови убавини. Шетајте по снегот и уживајте во неговата совршеност без да размислувате за проблемите кои ве мачат. Дајте им смисла на деновите и бидете насмеана во утрата кои ве будат, затоа што тоа е уште една нова можност за да бидете среќна и уште  една шанса повеќе за да успеете во она за што сонува вашето срце. Ваша обврска оваа година е да го истерате од себе незадоволството.
Проколнува ли срцето кое е задоволно со она што го има? Умее ли да биде несреќна душата која е скромна? Веќе ја знаете вистината, најважно е да бидеме благодарни за она што го имаме. Чувството на немоќ и самотија нека исчезне од вас. Не заборавајте да бидете благодарна за сите убавини на животот. Но и за она тешкото што ви се случило некогаш. Токму тие, тешки моменти, ве направија посилна, ве научија да не заборавате да ја кренете главата високо и да се радувате на ситници, бидејќи ситниците ни го прават животот посреќен. Смислата на животот е во тоа како ќе го проживееме и колку уживаме во него. Убавините се во светлиот поглед на животот. Не се  кријат тие во лелекањето дека нешто не е како што сме си замислиле или во паничењето дека во нешто нема да успееме. Почнете, веќе вистински да живеете, немате време за предомислување и правење  планови.
Мракот во душата само ве потсетува дека е време да го запалите Бадниковото гранче и да си посакате желба на љубовта. И да живеете со чувството дека сте навистина сакана од животот штом имате можност да ги уживате неговите благодети.
Вие сте прекрасна личност. Славете го вашето постоење, секој нов ден. Не бркајте ја убавината на животот со своите маланхолични мисли. Вие, исто како и секоја друга личност на светот сте посебен дар од Бога. И сите ние имаме свое место под сонцето. Секој од нас подеднакво ја заслужува љубовта и насмевките на новиот ден. Дајте му совршен крај на денот. И совршен почеток на новиот што се раѓа само за вас… за секој од нас. За крај… само една порака од мене и желба за вас: Не плашете се да ја отворите душата – таму се наоѓа среќата. Иако веселите Дедо Мразовци, снежните гранки, насмеаните детски лица и крцкањето на снегот под нозете, Бадниковото лепче со паричка и сите совршени убавини, освен длабока радост мене ми создаваат и грутка во грлово и ми навираат солзи во очиве, затоа што ме потсетуваат на татко ми кој заедно со мене се радуваше на овие нешта, а сега е само спомен… сепак, длабоко во срцево знам, и верувам дека и тој е меѓу оние невидливи нешта кои ме носат само напред, ми даваат сила да се борам со сe во животот, ме прават да сум среќна и ме потсетуваат да не заборавам на
Божикната порака: ПОДОБРО ДА СЕ ЗАПАЛИ СВЕЌА, НАМЕСТО ДА СЕ ПРОКОЛНУВА МРАКОТ!

Надица Пушкоска