Search for content, post, videos

Чадорот – детаљ што ја “заокружува” модната комбинација

Без оглед на климатските промени кои “направија” да не знаеме кога е пролет, лето, кога е есен или зима, чадорот нека ви биде на “стендбај”, да не ве изненади некој пороен дожд среде ноември или, пак, можеби и снег. И тоа е можно. Доволно е само да пропрска и да не се чувствувате убаво. Освен што ќе ве заштити, тој е и интересен моден детаљ на кој треба да внимавате кога го избирате исто како при купувањето шал, чевли, чанта…

Некогаш привилегија на кралските семејства, а денес… достапен секому
Функционалноста на чадорот е несомнена. Штити од сонце, дожд, снег. Но има и уште една “цел”, да ги истакне облеката и другите аксесоари кои ги носите, од шалот, преку чевлите, до чантата. Затоа спаѓа во групата модни детали, додатоци без кои не може да се замисли ниту една жена којашто на модата и посветува доволно внимание за да изгледа тип-топ, во секоја пригода. И стилистите знаат често да ја споменат неговата уметничка, “разиграна”, модна страна, па оттаму на чадорот се гледа како детаљ кој, всушност, ја “заокружува” комбинацијата што сте одбрале да ја носите преку ден или навечер, сеедно. Згора на тоа импресионира и неговата историја, минатото за кое малкумина знаат. Две илјади и четиристотини години пред Христос е подигнат триумфалниот споменик на Саргон, кралот на Акад (во денешен Ирак), на кој е прикажан како војсководец, чиј слуга му го придржува чадорот за сонцето да не му пречи. Се претпоставува дека за него е и измислен. Најпрво е “пренесен” во Месопотамија, а оттаму во Египет. Следува дел од Средоземјето. Многу брзо можел да се забележи и на грчката (предисториска) керамика во Микена, а подоцна и на кипарската. Сепак, врската меѓу чадорот и племениците можела најдобро да се види во Египет. Позната е приказната за Венамун, пратеникот што се вратил од Либанон без потпишан договор за соработка, а причината била, верувале или не, чадорот со кој слугата му “држел” сенка на Закар-Баал, кралот на феникискиот град Гебал. Кога сенката “паднала” и врз Венамун, слугата на Закар-Баал почнал да се смее велејќи дека тоа е сенката од некој фараон. Тогаш (околу илјада и седумдесеттата година пред Христос), во Египет, привилегија да носат чадори имале само членовите на кралското семејство. Истото важело и за асирските кралеви. Дури и Буда на многу слики е претставен како седи во сенка од чадор. Од друга страна, римскиот умбракулум (од латинскиот збор умбра што значи сенка) бил направен од лесна ткаенина оптегната на дрвена рамка. Често можел да се забележи на улиците во Рим, а поетот Овидиј пишувал дека ниедна жена не смеела да излезе без “златен чадор кој го одбивал острото сонце”. Сепак, “виновници” за тоа што чадорот освен како “штит” од сонце служел и за луѓето да се заштитат од дожд (па и од снег) биле Кинезите.
Денешните чадори, “дело” на династијата Веј
Првите примероци биле направени од свила, во времето на династијата Чу, со кои ги штителе племениците во случај ненадејно да заврне, а чадорите што ги користиме денес се, всушност, “дело” на династијата Веј. Подлогата била хартиена, премачкана со водоотпорна мешавина од восок и лак. Царот носел жолт или црвен чадор, додека граѓаните имале само модри. Во четиринаесеттиот век почнала да се произведува доволно цврста свила од која можела да се прават чадори, но тогашниот царски закон налагал да ги носи само владетелот. Неговата функционалност ја забележале и Индијците, а меѓу нив и папскиот нунциј Иван кој во писмото што го испратил до врховниот поглавар на црквата напишал: “Бидејќи Индијците одат голи, кај нив се врежало мислењето дека треба да носат нешто како малечок шатор на рачка од трска, а го ‘отвораат’ кога ќе запече сонцето или, пак, кога ќе заврне. Едно такво донесов и во Фиренца”. Но таму чадорот како новитет не бил прифатен. Почнал да се употребува дури во шеснаесеттиот век, и тоа во северните, дождливи делови од Европа. На почетокот претставувал детаљ “резервиран” само за жените, а потоа, благодарение на англискиот патеписец Jonas Hanway, го користеле и мажите. Имено, тој во 1750 година прв се појавил со чадор во Pall Mall, додека првиот дуќан за чадори бил отворен во Лондон, 1830 година, и се викал James Smith and Sons. Постои и денес. Се наоѓа на аголот од New Oxford Street во квартот наречен Сохо, препознатлив по фасадата на зградата и пребогатиот излог. Додека првите модели се правеле од свила, во поново време се употребуваат висококвалитетни материјали како, на пример, пластика, памук, најлон.
Црвени чевли и чадор со иста боја
Според обликот, повеќето личат на некогашните, но има и дизајнерски “решенија” што се издвојуваат од вообичаените. Како и да е, стилистите велат дека треба да се внимава при купувањето чадор за истиот да може да се вклопи во дневниот или вечерниот аутфит. Бидејќи не чини многу, секој може да си дозволи барем два-три. Така комбинирањето ќе биде полесно, и поинтересно. Притоа додаваат дека не треба да се размислува само во “рамките” на црната боја. Можеби одговара на се, но постои “опасност” да мине незабележан. Затоа е непожелен, особено ако сакате да направите некоја интересна комбинација. Исто така треба да се има предвид дека со чадорот се става завршниот “акцент” на аутфитот што сте го одбрале. Доколку носите црвени чевли, земете чадор со иста боја. И дезенот на мантилот можете да го искомбинирате со таков чадор. Дури и бојата не мора да биде иста, само шарата. Децентен изглед ќе постигнете ако чадорот успеете да го усогласите со парчињата облека преку различните тонови на сината боја, на пример. Замислете си комбинација од темно сина шапка, париско сини чевли и светло син чадор. И никако немојте да заборавите на неговата рачка. Нека “одговара” на чантата. На пример, кожена рачка со кожена чанта. А нивните форми!? Постојат мајстори кои прават вистински ремек-дела. Од дрво до метал, од човечка до глава на животно. Вие треба само да изберете. И овој пат за вкусовите нема да расправаме. Само за идеите. А кога чадорите се во прашање, има безброј. Тогаш ни дождот ни снегот не ви можат ништо. Освен да ви “завидуваат”. Впрочем, кој нема!?

Игор Ландсберг