Search for content, post, videos

Да се биде уметник значи постојано трагање по вистината

Музиката како прва и главна работа – Дино Имери  е еден од најреномираните македонски пијанисти. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа дипломира на ФМУ Скопје со почести Кум Лауде), како и проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10,00 и почести- Кум Лауде.

Почетоците во музичките води…

Музиката е дел од моите најрани сеќавања, a според моите родители со пијаното посериозно сум почнал да се занимавам на 5 годишна возраст. Се сеќавам дека мајка ми ме научи да читам ноти, а дури отпосле ги научив буквите од азбуката. Па така,  на еден начин може да се каже и дека музиката е мојот прв и главен јазик.

 

Да се биде пијанист значи да се свири на пијано, а да се биде уметник… Тоа е веќе нешто.

Да се биде уметник значи постојано трагање по вистината и поставување на прашањата кои се најзначајни за човековото битие. Улогата на солистот е само еден мал дел од големиот мозаик кој го сочинуваат сите музичари на сцената во служба на делото кое го изведуваат. Затоа од особена важност е да постои искрена соработка со оркестарот и диригентот, односно заеднички стремеж во обид да се доловат дури и најпрефинетите детали на партитурата.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил стотици настапи во реномирани центри во Македонија: Фестивал Охридско Лето, Македонска Филхармонија, Симфониски Оркестар на ФМУ, Гудачки Камерен Оркестар под раководство на Дијана Илкоскаи, но и во странство: Ватрослав Лисински-Загреб, Стразбуршки Филхармониски, Софиски Филхармониски Оркестар- Третиот Концерт на Сергеј Рахмањинов, Фестивал Епидаурус-Цавтат, Фестивал Пијано Плаж-Нормандија, Франција, Интернационален Фестивал ДАМ-Приштина, Императорска Саланапалата Естерхази-Австрија, Сала на Ј. Хајдн Конзерваториум-Австрија, Лист-Центрум во родното место на Ф. Лист-Австрија и  уште многу настапи.

За тоа како го поминува овој пандемиски период…

Најдов една нова димензија на трпеливост која не знаев дека ја носам во себе. Секако од една страна тешко како и сите, од друга страна со една силна внатрешна волја од сето тоа да извлечам нешто креативно, инспиративно, убаво.
Многу ми значи постојаниот контакт со моите најблиски и со моите драги пријатели. Барем денес ја имаме технологијата која ни овозможува да сме во контакт дури и да сме на различни страни на светот.  Во првите месеци од пандемијата дојде до целосно запирање на настапите. Се откажаа турнеји и гостувања кои беа планирани цела година однапред. Со доаѓањето на летото започнаа благи олеснувања во мерките и започна оваа нова „ковид“ концертна сезона. Првиот дел од сезоната беше многу исполнет со убави и значајни проекти, а кулминираше и со издавање на мојот нов албум со моја авторска музика „Рефлексии“ во издание на PMG Jazz, премиерна изведба на мојата музика наменета за современиот танцов перформанс „Дијалози“ на Ивана Коцевска, како и настапи со оркестри и мои драги колеги соработници.

На што се насочи овој период?

Со последниот настап на 27.12.20 почувствував потреба да направам еден слободен простор за нови внатрешни рефлексии, истражувања и работа. Ја продолжив сезоната на почеток на Април со концертната промоција на албумот „Рефлексии“ во соработка со ПМГ, МКЦ и ДоРеМи – Yamaha. Овој период сум целосно фокусиран на компонирање на новиот материјал наречен „Слики“, како и на работа над новите дела кои ги спремам за домашната и интернационалната сцена.

Дали имаш инспирација за создавање нова музика?

– Инспирацијата постои, но мора да те најде како работиш – би рекол Пикасо, а јас само скромно би се согласил со оваа вистинитост. Да се создава значи да се бараат одговори на прашањата, да се истражува, да се работи. Тоа е пред се’, едно нурнување во внатрешниот свет на еден човек. Како композитор на музика доаѓам до некои нови сознанија кои претходно како репродуктивен уметник не сум ги освестил – како на пример асоцирање на музиката со случувања од животот на авторот. Замислете кога големиот Бетовен го пишувал својот генијален петти концерт за пијано и оркестар, тоа го правел криејќи се во подрумските простории од силната артилерија на Наполеоновата војска, која со топови ја опколила Виена. Човек ќе помисли дека музиката во ова дело е трагична, траорна, ужасна – како се’ што го опкружувало Бетовен во тоа време – целото човеково страдање околу него. А сепак, музиката изобилува со убавина, топлина, чистина, хармоничност. Понекогаш, внатрешниот свет е во целосна спротивност или пак можеби има потреба да биде во целосна спротивност од светот што ја опкружува индивидуата.

Планови во иднина

Прво и основно – добро здравје, тоа го пожелувам Вам и на вашите читатели. Потоа, ме очекуваат многу интересни проекти кои се надевам ќе успеам да ги реализирам – премиера на „Слики“, изведба на овој циклус надвор од границите, настап на интернационалниот „Шопен Фест“, „Виртуозо“ Фестивал во Германија, гостување во Белград и други настапи во Европа. Во план се три нови албумски изданија за 2021 година – самостојни и во соработка со други уметници.

Силвана Јованчева