Search for content, post, videos

Да се избегнуваат или решаваат – конфликти во бракот

 

Еден од најважните критериуми според кој се разликуваат среќните и несреќните брачни двојки е начинот на кој меѓусебе комуницираат. Тоа вклучува и како ги разрешуваат своите несогласувања и конфликти.
За време на една интимна врска односот на двојката обично се менува, затоа што обата партнера продолжуваат да се развиваат, подобро да се запознаваат, а со тоа се менува и начинот на нивната комуникација и решавањето на конфликтите.
Не постои брачна и друга партнерска врска во која не се случуват повремени расправии и кавги. Сите луѓе кои се во брак се караат, се расправаат додека се обидуваат да ги хармонизираат своите карактери, темпераменти, навики и погледи на животот. Тоа е нормално затоа што сите ние се разликуваме меѓусебе според различни аспекти и особини. Со текот на времето луѓето откриваат дека некои кавги му наштетуваат на заедничкиот однос бидејќи ги одделуваат еден од друг и оставаат емоционални рани кои бавно и тешко зараснуваат. Некои други видови на кавги, иако многу болни, можат на виделена да ги изнесат разликите што постојат помеѓу партнерите, кои подоцна со текот на времето полесно ќе ги надминуваат, со самото тоа што се согледани во своето полно светло и значење. Меѓутоа, тоа може да се постигне само доколку секој од партнерите сфати и прифати дека оној другиот во некои аспекти е поинаков, дека не постојат идентични луѓе ниту карактери, а особено не меѓу партнерите.
Конструктивна или не – брачна кавга
Многу брачни, партнерски караници немаат друга функција освен да послужат како некој вид „сигурносен вентил“ на натрупаната напнатост на едниот или на двајцата партнери. Поточно, динамичното темпо на живот често предизвикува емоционална напнатост која може негативно да се одрази врз вашето ментално здравје доколку не се најде некој вентил на олеснување. Повеќето луѓе се свесни дека не е препорачливо да си дозволат таа напнатост да ја истурат надвор од кругот на своето семејство поради што често ги потиснуваат своите негативни емоции во контактите со пријателите, роднините, колегите, заради различни внатрешни причини. Меѓутоа, во кругот на своето семејство секој човек може да се однесува покомотно: долго потиснатата напнатост се заменува со спонтани изливи, а незадоволството од животот, работата и другите луѓе се истура врз партнерот и останатите членови на семејството.
„Зарем не гледаш дека зборувам на телефон“, „Само да го догледам филмот, па остави ме малку да се одморам“, „Местото на чорапите не им е тука“… Ги препознавате ли овие реченици? Се разбира, ги слушате секојдневно од вашиот партнер, како и тој од вас. Иако звучат безопасно, можат да бидат знак на сериозно пореметување во вашата комуникација со партнерот. Точно е дека партнерските расправии можат понекогаш да бидат катализатор на нездравите расположенија, меѓутоа нивниот ефект во повеќето случаи е сепак негативен.
Комуникацијата е нешто повеќе од само разговор
Добрата комуникација во рамките на бракот е основа за развој на здрави личности и здрави партнерски односи. Прекинот на взаемната комуникација води до повеќе психички пореметувања, па и соматски болести. Се разбира, слободно можете да барате од вашиот партнер да ве пушти да се одморите кога сте изморена или да ја догледате вашата омилена серија на телевизија и да барате од него да ги средува своите работи затоа што тоа не е значи секогаш брачна криза. Сепак, добрата и отворена комуникација помеѓу брачните партнери е основа за стабилни и солидни односи.
Кога говориме за комуникација секогаш прво помислуваме на говорот, т.е. дали партнерите разговараат помеѓу себе и како меѓусебно се разбираат. Комуникацијата секогаш се одвива на две нивоа. Вербално ниво што подразбира да го изразиме она што го чувствуваме, да зборуваме за тоа што го мислиме, за своите намери, дилеми, тешкотии. А, невербалниот стил на комуникација е тонот и бојата на гласот, контактот со очите, држењето на телото, мимиката, гестикулацијата… Овие невербални начини на комуникација се често позначајни од вербалните затоа што говорот на телото тешко можете да го контролирате и кажува многу повеќе за вашата психичката состојба отколку зборовите кои ќе ги употребите. Нескладноста помеѓу вербалната и невербалната комуникација (на пример зборувата едно, а во држењето на вашето тело и тонот на гласот се гледа дека не мислете така) е најчеста причина за судир со партнерот. Затоа кажувајте го она што го покажувате!

Лидија Попчева
психолог-психотерапевт
е-маил: lidijapopceva@yahoo.com
тел: 070 27 35 35