Search for content, post, videos

Дали сте за малку аеробик во вода?

По завршувањето на летните одмори исполнети со многу пливање, сончање и гордо покажувањето на убавото тело, настапуваат денови кога повторно им се враќаме на старите навики, брзото секојдневие во кое се помалку се грижиме толку за своето тело.

За да го избегнете повторното враќање на килограмите и целулитот, задолжително продолжете со физичките активности. Само така ќе ја зачувате витката линија, а со тоа и самодовербата. Изборот на вежби и спортови е огромен, но бидејќи летото се уште виори околу нас, за почеток би можеле да го одберете аеробикот во вода – аквабик. Има низа предности во однос на другите физички активности, а што е најважно – препорачлив е за сите, без разлика на возраста.

(Не)совршен одраз во огледалото?! – Дали некогаш ви се случило да го вовлекувате стомакот и да го задржувате здивот кога се гледате во огледало? Ако одговорот е да, тогаш тоа е само една од причините да почнете да практикувате аквабик. Со аеробикот во вода ќе си помогнете многукратно. Овој тип на вежбање ја намалува напнатоста, психолошки го растоварува организмот бидејќи излачувањето на хормоните кои го предизвикуваат стресот се намалува за 30 проценти, се подобрува активноста на телото, се ублажуваат болките во грбот, а помага и доколку боледувате од дијабетес или се борите со покачен холестерол во крвта. Со практикување на аквабикот се зајакнува физичката кондиција на организмот, срцето, циркулацијата на крвта и целосно се активира моторниот систем на организмот за скоро пет пати повеќе отколку кога вежбате на суво. Аквабик преставува најдобар начин за опоравување од повреди на коските и мускулите. шведските научници дошле до заклучок дека бремените жени кои практикуваат аквабик имаат многу помалку болки при породувањето, отколку оние коишто вежбаат на суво.

Каде и како се вежба аквабик? – За аквабик може да се користи морето, реките, езерата, но најдобри за ова се затворените базени, бидејќи може да ги користите во секое годишно време. Аквабик може да вежбаат и оние кои не знаат да пливаат бидејќи сите вежби се извршуваат во плитка вода до половината или најмногу до градниот кош. За разлика од вежбањето на суво каде мора да се совлада само силата на гравитацијата, кај овој вид аеробик водата пружа отпор во сите правци. Поради тој ефект, еден час вежбање во базен е еднакво како три часа вежбање на суво. Ваквото вежбање е одличен начин за активирање на целото тело и на сите мускули. Водата во голема мера ја поттикнува циркулацијата, го масира телото, што воедно е убав начин и за масажа додека вежбате. Благодарение на притисокот на водата и фактот дека тежината во водата изнесува само десетти дел од вистинската тежина на телото, вежбите во вода се многу лесни за изведување дури и за почетниците, а опасноста од повреди скоро е исклучена.

Аквабик вежби – Убавината на аеробикот во вода е и во тоа што вежбите се многу едноставни, брзо се учат и се делотворни. Воедно аквабикот е и одличен начин за рекреација, особено за оние на кои им е препорачано да се занимаваат со лесна физичка активност. Покрај бројните корисни ефекти, аквабикот е особено прифатлив и од естетска страна бидејќи има луѓе кои не сакаат да вежбаат во сала поради својот физички изглед, и да бидат изложени на туѓите погледи. Во базенот поголем дел од телото е покриен со вода што е олеснителна околност.

Трчање во вода – За да ги зацврстите мускулите на нозете потребно е дваесетина минути да трчате во вода напред-назад. Можеби ви делува многу и мачно, но постепено ќе се навикнете (никако не почнувајте со 20 минути, времетраењето во почетокот нека бие многу пократко). Потоа продолжете уште 10 минути да скокате во водата. По вежбањето ќе се чувствувате изморено и релаксирано.

За рамен и цврст стомак – Свртете се на грб и фатете се за работ на базенот и доближете се со половината до базенот. Испружете ги нозете во водата и замавнувајте со нив како да пливате. Вежбата изведувајте ја десетина минути. Одморете малку и повторете. Потоа свиткувајте ги нозете кон стомакот и исправајте ги. И оваа вежба правете ја 5 до 10 минути.

За потенка половина – Двете вежби за рамен и цврст стомак повторувајте ги но овој пат со поместување во лево и десно.

Откако ќе завршите со вежбите испливајте еден круг во базенот. Аквабикот дефинитивно ќе ви го затегне телото, а благодетот од релаксација во вода ќе го почувствувате уште по првиот час.

Силвана Јованчева