Search for content, post, videos

Дизниленд Париз- сон или јаве?

Местото каде соништата стануваат реалност има едно име- ДИЗНИЛЕНД.

Сите имаме свое зен место, своја радост, свое катче создадено од љубов. Моето се вика Дизниленд.

Таму никогаш не останувам рамнодушна, а верувам ниту вие ќе можете, бидејќи едноставно ви го одзема здивот со својата радост и убавина. Не постои личност која нема барем еден омилен анимиран филм од продукцијата на Дизни. Тоа е магија која ги придвижува емоциите и создава експресија од чувства. Сето тоа го нуди овој парк и кога ќе влезете во ова волшебно царство, едноставно заборавате на реалноста. Влегувате во еден друг, сосема поинаков свет.

Ова е место каде што и возрасните се повторно деца, место каде возраста не значи ништо, местото кадве детето во нас изглегува на површина, место кое никогаш во животот нема да го заборавите. Уште од првиот поглед душата станува фасцинирана од целото волшепство што го крие овој парк. Како да влегувате во оној свој замислен свет од детството и магичноста станува реалност. Пулсирањата продолжуваат во целата весела идила која се случува пред вашите очи.

Ќе ги сретнете буквално сите јунаци од цртаните на Дизни и ќе имате можност да влезете во сите замоци, уживајќи во нивната совршена убавина. Времето е прекратко за да можете да бидете присутни во секоја приказна бидејќи во секој агол од овој парк се случува единствена магија и неповторливо чувство. Парадите кои секогаш се со различна тематика, ќе направат буквално да заиграте со нив и да заборавите на надворешниот свет.

Убаво е чувството кога гледате само насмеани лица и радост во сечии очи. Позади секој агол има единствена приказна. Во овој забавен дел од Дизниленд можете да уживате во возбудливите игри на филџаните од Убавицата и Ѕверот, кои се вртат во ритамот на песните, рингишпил, летачкиот Дамбо и други лудории на кои со задоволство ќе се препуштите на мигот. Тука има дел и за оние кои ги сакаат лудориите на Пиратите од Карибите и Индиана Џоунс. На влезот ќе ве пречека и капетанот Џек Спероу, а ќе го видите и неговиот брод. А ако сакате да ги видите сите Дизни принцези на едно место тогаш одете во Павиљонот на Принцезите. Таму може да ја сретнете и да се поздравите со една од Дизни принцезите.

Но, има едно место каде јас секогаш одам со најголема возбуда. Тоа е куќата на Мики Маус, првенчето и миленичето на Волт Дизни. Мики Маус е секогаш расположен да ве пречека во својот дом и иако се преголеми редиците за чекање, верувјте, вреди секој миг. Ако мислите дека заборавив да ги споменам Снежана и седумте џуџиња, Убавицата и ѕверот, Петар Пан, Пинокио, Похахонтас… се лажете, тие се таму, секој претставен на свој начин. И повторно,  заземете некое добро место во првите линии на означениот дел по кој ќе поминува парадата, но овој пат со друга тематика. Тоа е најубавата парада која што сте ја виделе во животот. Парада со ѕвездите од Дизни. Сите насмеани и со свои посебни точки излегуваат и ги забавуваат сите гледачи кои одвоиле време за нив.

Паралелно со случувањата во овој дел од паркот, во другиот дел се случува експлозија од забави, возбудлив ролер костер, дивите желки, војничките падобрани, највозбудливиот лифт на светот, впечатливата 3Д приказна на Ratatouille и уште многу други возбудливи нешта кои во себе кријат огромен адреналин. При крајот на денот, почнуваат подготовките за ноќното шоу. Ова сигурно ќе ви донесе и солзи, верувам дека никој нема да остане рамнодушен.

Подготвени пред прекрасниот и огромен замок на Трнорушка, почнуваат најубавите и највозбудливи 30 минути од денот, кои остануваат засекогаш врежани во животот. Песни и светлечки проекции кои се претставени на замокот, прават бајка која никогаш не се заборава. На ѕидот од замокот се проектираат сите актуелни цртани филмови, пропратени со нивните насловни песни. Фасцинирани од прекрасната бајка, кога ќе излезете од паркот навистина ќе се запрашате дали сето тоа беше сон или јаве? Јас ќе ви одговорам… сето ова е јаве и има само едно име- Дизниленд.