Search for content, post, videos

Документарец за македонското село Слоештица

Документарецот за македонското село Слоештица – „Бавен живот“ (“slow life”) на мексиканската уметница Елизабет Рос на уметнички фестивал во Јапонија. „Престојот во селото е патување во минатото, минато коешто исчезнува…“ ова е воведот на кусиот документарен филм за Слоештица што мексиканската уметница Елизабет Рос го сними во август 2010-та година, како гостин на меѓународната уметничка резиденција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО. И токму годинава, кога  овој меѓународен центар за уметност и одржлив развој го чествува својот 20-годишен јубилеј, филмот посветен на Ѓука и сите жени од Слоештица е селектиран да биде дел од програмата на веќе етаблираниот уметнички фестивал „Tiny Art Festival – SANYA“ во Јапонија. Во периодот од 14-ти октомври до 15-ти декември, приказната за македонското село што полека исчезнува, за тутунот, печурките, валавиците, животните, пиперките, за животот и за смртта како негов дел, богато илустриран со автентична музика од македонски автори и изведувачи, ќе се прикажува дури на 4 различни сцени што се дел од фестивалската поставка. Елизабет Рос е една од најпроминентните мексикански уметници воопшто. Како што самата за себе вели: „таа е номад, но пред се мексикански уметник, ткајачка на средби, кураторка и исцелителка што од 1976 година постојано се бара и секогаш повторно се пронаоѓа себеси. Врзана е за уметноста и на тој начин избегнува бродоломи. Сè што знае и доаѓа по интуиција и од тврдоглавост, преку потреба и желба, потрага и откривање. Нејзиниот пат, преку сложените патишта на керамиката, ја навел да се закотви во примитивната едноставност но и во дигиталните технологии кои се можност за манипулирање со соништата…“ Преокупирана со повеќеслојното потекло на својот и со идентитетот на другите, Рос беше поканета на 6-неделен резиденцијален престој во АРТ ПОИНТ – ГУМНО, во Слоештица во август и септември 2010-тата година. За време на престојот, освен филмот “slow life” таа паралелно работеше и на неколку други проекти (сликање, инсталации, ритуален перформанс и сл.).

За фестивалот „Tiny Art Festival – SANYA“- Овој културен настан е специфичен бидејќи се организира во еден дел на Токио што историски, од „населба на отфрлените“ прераснува во „населба на благосостојбата“ со свој специфичен културен диверзитет поради фактот што во неа, главно, живеат странци. Странците се и организатори на овој мултимедијален фестивал чија главна цел е, преку културни настани, да фрли нова светлина на нив самите, на „аутсајдерите“ во срцето на Јапонија.

„Се гордееме со успесите на сите уметници што биле наши гости, а сега се дел од големото семејство на културни амбасадори за Македонија на АРТ ПОИНТ – ГУМНО.  Еве, дојде ред, за нашата Слојштица и Слојчани (буквално за „последните селани“ на Петре) да се прикажува и во Јапонија. Сепак, не можам да ја скријам и тагата што ме обзема поради фактот што сите овие преубави уметнички креации што го обиколуваат светот се инспирирани од една вистинска приказна што полека, но сигурно, исчезнува. Понекогаш си мислам дека сите тие се реквием за сето она што ние, СИТЕ НИЕ, не успеавме да го сочуваме – нашиот идентитет! Дај Боже да грешам!“ – Ирена Андреевска, еден од основачите и претседател на АРТ ПОИНТ – ГУМНО.

Линк со видеото https://www.youtube.com/watch?v=Xl8LXMPZ8NM